Бета-муабет со С.А.М: Сакав да ги напишам и испродуцирам песните што сакам да ги чујам
- Калина Качоровска

- Nov 12
- 5 min read
Не можам да се пофалам дека сум некој особен познавач на рап музика, уште помалку на македонски хип-хоп. А, сепак, ако има албум кој со задоволство го чекав уште од почетокот на годинава, тоа е новиот албум на раперот С.А.М. или Курчо (од Тетово). Неговата музика го оправдува П-то во рап (поезија), што можеби го објаснува моето исчекување. С.А.М. е веќе повеќе од петнаест години присутен на сцената и со тек на времето станува еден од најинтересните и највозбудливите имиња во македонскиот рап и новиот истоимен албум тоа го потврдува. Зад С.А.М. или зад Курчо се крие Никола Трпески, со кој поразговарав по повод издавањето на новите девет песни, или, како што вели тој, „девет кругови“. Во продолжение следува разговорот.

Калина: Втората строфа од „Ноќна вода“ ја отвораш со следниве стихови:
Нема лектор за кодот у дијалектот,
кружа сребрени кодоши, ужасен е ефектот.
Од една страна, ова можеме да го сфатиме како директно објаснување на присуството на тетовскиот дијалект во твојата музика, дијалектот како твој личен начин на отпор. Но, колку овие стихови може да се сфатат и како манифест против цензурата, и лингвистичка, но и културно-идеолошка, како пркос против обидите за „чистење“ или „стандардизација“ на јазикот?
Никола: Да, реално, тоа е и поентата. Дијалектот во мојата музика е и идентитет но и став. Кога велам „нема лектор за кодот у дијалектот“, велам дека никој нема право да ми каже како треба да звучам, но истовремено дијалектот ми дозволува да затскријам работи за кои слушателот на мојата музика треба да се заинтересира и малку подлабоко да ги анализира стиховите. Секако, не изостанува и израз на литературен македонски јазик низ албумот, но сето тоа зависи од емоцијата што сакам да ја пренесам или колку можам да си поиграм со зборот како таков. Во хип-хоп контекст, секако дека е и форма на отпор, а јазикот тука е средство со кое го бранам правото на различност и на сопствен израз, бидејќи не постои само еден „правилен“ начин да зборуваш, создаваш или размислуваш.
Калина: Народните елементи (во архетипскa, не во фолклорна смисла) во овој албум не можат, а да не се забележат: од колено на колено, ноќна вода, тешкото оро, смачканото племе се само дел од примерите. Колку е ова потрага по корените, повикување на духовите од старите приказни, а колку е еден поинаков начин на опишување на современата стварност?
Никола: Секогаш треба да се повикуваме на минатото и корените ако сакаме да знаеме каков пат нѐ чека понатаму. Она што го оставиле предците не смее да се остави на заборавот. А јас би бил многу среќен ако барем успеам да натерам некој мој помлад слушател да се ангажира и да чита македонска поезија само поради тоа што некаде ја имам посочено во песните.Од друга страна, сакам да користам и архаизми во пишувањето бидејќи некако даваат поголема тежина на стиховите, самите зборови звучат некако мистично и помалку страшно на убав начин.
Калина: Она што сум го забележала на речиси секој твој концерт или јавен настап е тоа што се претставуваш како „Курчо/С.А.М. од Тетово“. Ми се чини дека твојот силен и истакнат локален идентитет е клучна карактеристика за тебе како рапер, со тоа што и голем дел од твоите текстови зборуваат за градот, па оттука и прашањето - дали Тетово во твојот рап е митолошко или реалистично место?
Никола: Во Тетово добивањето прекар или надимак е своевидна иницијација во средината. Мораш да имаш прекар - ваков или онаков. На моја „среќа“ во трето одделение го добив тој прекар бидејќи го имитирав ликот Стевица Курчубиќ на глумецот Иван Беќарев од срспката серија „Бољи живот“ , и бидејќи Курчубиќ беше премногу долг надимак си доби свој дериват Курчо, но постарите тетовчани уште ме викаат по стариот прекар. Што се однесува до Тетово, често се проткајува низ песните но ко реалистично место, ништо не е митолошко или фантастично во она како го имам опеано. Не знам уште колку имам да зборувам за него а да не се повторувам.
Калина: Кога ги гледам твоите текстови во пишана форма, речиси и не можам да најдам разлика помеѓу нив и помеѓу поезијата како форма на уметност. До која мера можеме да зборуваме за рапот како поезија, особено кога гледаме колку големо влијание врз твоето творештво извршиле големите македонски поети, дел од нив и директно цитирани во албумот, како Радован Павловски или Блаже Конески?
Никола: Рапот за мене е несомнено поезија, но поезија тесно врзана со ритамот. И веќе половина век според мене е најпопуларна и најраспространета форма на современа поезија. Можеби не баш секој го цени рапот како поезија, но она што не може да се негира е дека раперите, исто како и поетите се служат со горе-долу истите техники на кои поетите се потпираат со векови. А што се однесува до Радован Павловски и Блаже Конески, тие се „клучевите“ при пишувањето на овој албум. Тие се мојот Вергилиј, водејќи ме низ сите девет кругови (девет песни во албумот). Од една страна високата метафоричност која изобилува во творештвото на Радован Павловски, а од друга страна простата и строга македонска песна на Блаже Конески.
Калина: Карактеристичен за овој албум е судирот меѓу сакралното и секојдневното. На некој начин, како твојата вера да не е во храм, туку токму на улица, на сцена, во градот. Можат ли светлината на верата и темнината на улицата да постојат заедно?
Никола: Тој чекореше меѓу луѓето и го откупи човештвото. Нему му ја припишувам дарбата да пишувам и животот што го живеам, иако не сум најдобриот пример што можеби треба да зборува за Него. Симболично, албумот го објавив на 33 години па оттука и многу религиозни мотиви се провлекуваат низ албумот. Не пророкувам и проповедам, само се исповедам преку музиката и реферирам кон симболиките.
Калина: Ти си дел од една генерација која постојано осцилира помеѓу цинизам и надеж, нешто што се забележува и во твојот рап. Како се чувствуваш денес, цинично или надежно?
Никола: Мојата генерација просведочи многу работи, па можеби затоа цинизмот ни е еден вид оружје за некогаш да ги изгураме лошите денови. Но сепак се чувстувам многу надежно! Нема реприза ништо од тоа што го поминуваме, што и да се случува има убавина во истото, ако така одбереме да гледаме на тоа.
Калина: Чувстуваш ли одговорност овој албум да биде отсликување на времето во кое живееме или поважно ти е тој да биде лично, интимно сведоштво?
Никола: Кога започнав да работам на албумот, единствената цел ми беше мене да ми се допаѓа, сакав да го направам мојот омилен албум досега, да ги напишам и испродуцирам песните што сакам да ги чујам. Сакав да го вметнам во девет песни сето она што го акумилирав како животно искуство. Оттука може да се каже дека е лично и интимно сведоштво. Дали го отсликува времето? Мислам дека да, секој на еден начин е САМ.
Калина: Како ја доживуваш состојбата на македонскиот рап денес? Кое место на таа „сцена“ сакаш да го заземе овој албум?
Никола: Македонскиот рап е константно присутен на македонската музичка сцена и сега како никогаш порано има толкава шареноликост, со сите добри и лоши страни на шареноликоста. Иако хип-хопот можеби не е доминантна супкултура последниве неколку години, сепак има доста нови млади артисти, дел од легендите се активни и ден-денеска, а моите современици или издадоа или спремаат нови албуми.Што се однесува до тоа кое место сакам да го заземе мојот нов албум. Најверојатно своето, заслужено место. Напишав и испродуцирав албум кој е експериментален, прецизен, без да ја напуштам традицијата но истовремено да пробам да дадам малку поразлично музичко искуство. Би сакал за 10 години од сега кога ќе се навратат слушателите да го условат ко „класика“.
Албумот може да го слушнете ТУКА!








Comments