Бета-муабет со Нино Наумовски: Чувствувам голема благодарност кон постарата генерација поети и писатели што ни дадоа простор и менторство за да бидеме она што сме
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 2 days ago
- 3 min read
На 27 септември во Културно информативниот центар Скопје беше промовирана дебитантската стихозбирка „Индиго солзи“ на младиот поет и музичар Нино Наумовски. Како што велат рецензентите на книгата, Александар Русјаков и Снежана Стојчевска, станува збор за бит-балада на младоста или за поезија во која е вткаен бунтот против суровата реалност и политика. Притоа младиот поет се занимава и со темата на љубовта како стожерна во неговата младешка поезија, а многу присутен и градот како топос во кој се движи лирскиот субјект.
Инаку стихозбирката е издание на Бата Прес, а за неа, во 2024 година, Наумовски ја доби наградата „Антев часовник“ за најдобра стихозбирка од млад автор од манифестацијата „Антево перо“. Во продолжение прочитајте го разговорот!

Андреј Медиќ Лазаревски: „Индиго солзи“ е твоја прва стихозбирка – колку време ја подготвуваше, што ти е важно за неа, каков беше процесот на работа на книгата?
Нино Наумовски: Книгата е соединение на моите чувства и восприемања на околината во еден доста бурен т.е. средношколски период. Таа е составена во период од две години, а ја создавав секогаш кога ќе го пронајдев она чувство што ми помага емоцијата од мене да ја извадам и да ја преточам во песна. Тоа се случувуваше сосем спонтано, понекогаш во клуб или, пак, на едноставна прошетка низ градот, таа е и еден вид катарза во бурата на секојдневието која ми помогна да го осветлам патот кон иднината преку ретроспекција.
А: Градот е сеприсутен во твојата стихозбирка. Која е врската помеѓу поезијата и Скопје, колку ти е важно твојот град да биде присутен во твоите песни?
Н: Градот за мене, морам да признаам, врши доста важна улога во мојата поезија. Тој е еден вид сценографија на мојата приказна која е опишана во таа книга преку стихови. Замислете една сцена во филм, она што понекогаш сакаме да биде секојдневието, а понекогаш тоа и е така, блиску а сепак толку далечно. Скопје сепак е една синкретична форма низ годините, а ние го следиме неговото движење преку нашиот живот во него.
А: Се занимаваш и со музика – колку поезијата комуницира со музиката, каде ја гледаш врската помеѓу овие две уметности и колку едната уметност ти влијае на другата кога твориш?
Н: За мене поезијата и музиката се како јин и јанг. На еден начин, тие виреат во сосема различни места, а секогаш се толку тесно поврзани. Иако и двете се интегрален дел на моето постоење без кои немаше да бидам јас оној кој што сум денес, во творењето процесот е сосем различен. Тоа не значи дека кога слушам некоја песна јас не пишувам поезија, но сепак процесот е таков каде што ретко се среќаваат двете уметности.
А: Низ песните често е присутна и иронијата, некакво младешко сивило, на моменти и тага, секако и љубов. Што би издвоил од твојава збирка како најважно што сакаш да го пренесеш на публиката која ќе те чита?
Н: Отсекогаш сум сакал да ја чујам другата перспектива кон мојата поезија, па затоа и избегнувам прашања од овој вид, но мислам дека оваа книга како што јас ја нарекувам ,,прирачник“ е еден водич низ сите оние чувства кои минуваат низ нас секојдневно.

А: Припаѓаш на една нова генерација млади автори на македонската книжевна сцена. Како гледаш на појавата на нова и многу активна сцена и каде се гледаш себеси во рамки на таа генерација?
Н: Прекрасно е што се стремиме заемно да ја зајакнеме културната сцена, иако има многу простор за работа, верувам дека за секој еден којшто покажува интерес може да пронајде место каде што ќе се претстави себеси со својата уметност. Чувствувам голема благодарност кон постарата генерација поети и писатели што ни дадоа простор и менторство за да бидеме она што сме и ни овозможија да продолжиме да ја развиваме оваа уметност.








Comments