top of page
Writer's pictureКултура β

β-Поетски конкурс: Сенки - Елена Стаменковска

Култура β го организираше својот прв поетски конкурс кој траеше од 14 до 19 декември 2020. Конкурсот беше отворен за сите поети и поетеси, со отворена тема за вечно збогување со 2020 година.

На конкурсот добивме многу материјал, а учество земаа автори од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.


Во продолжение имате можност да ја прочитате шесттата песна, која влегува во официјалниот избор на седум избрани песни, насловена како „Сенки“ во авторство на Елена Стаменковска.

Сенки


Минато-идни жештини

на огнот кој никако да згасне.

Во недоглед се влече една линија на страв.

Небесна прашина се стори сета стварност,

а одговорот се претвори во пепел и прав.

В игра се впушти развратот на природата,

разум ил’ лудило ја надвладеа слободата,

и сега во невидливиот трезор на лагата,

грозоморен и суров шепот

го пие опиумот на векот.


И кои сме и што сме,

во аглите на досадата се губиме

со нашите изброени воздишки

и трепер што го бркаме место да го љубиме.

Ореолот на ѓаволот ја измами вистината,

живоста ја фрли во дното на пустината,

а некој врз нас го истури гневот,

зашто сме без суштински креации на гревот.

Заложениот здив и вечната жед

со новата зора се бори за надеж

во мрачно создадениот неред.

Болест што се храни со болеста,

смрт што се победува со смртта.

Кој ли ни ја одзеде пролетта?


Во теророт на тишината

сега сме битија на молкот,

само сенки кои имитираат постоење

и за отелотворување се молат в полкот.

Чекајќи преродба на заточеништвото,

во прегратката на ведрото утро

и мелодијата на љубовта,

глас се збогува со мракот остро.

Мир во бакнежот за добра ноќ,

мир и блуден сон на една душа,

за одрекување на севишната немоќ.


Ако вербата е створена за секој,

нека се уништи в мигот сиот собран бол,

и насмевка да пламне в детскиот спокој,

и осамените срца да сплетат јазол,

и тихо нека исчезне споменот злобен,

и грдотијата да гори во заборавот кобен!

 

Елена Стаменковска доаѓа од Берово, а учи архитектура во средното училиште "Здравко Цветковски" во Скопје. За пишувањето проза вели дека и е пасија со која се занимава уште од најрана возраст и веќе има издадено еден роман, а наскоро и вториот. Додека пак, за поезија вели, дека и послужува за справување со реалноста.



Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page