top of page

Бета-муабет со Мариа Стојанова од „БОШ фестивал“ :: Не е едноставно во овие времиња да се задржи слободата на било каков начин

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 5 days ago
  • 3 min read

Мултимедијалниот фестивал „БОШ“ викендов се одржува во 17-ти пат во Гевгелија, градот на сонцето, палмите, градот кој мириса на море. За организирањето на фестивал кој ги надминува уметничките жанрови, кој се позиционира како „слободна културна територија“, кој се случува „на граница“, кој се спротиставува на културната комерцијализација и кој нуди богата програма веќе 17 години по ред, поразговаравме со Мариа Стојанова, директорка на „БОШ“. 


Калина Качоровска: „БОШ“ се дефинира како мултимедијален фестивал, односно комбинира музика, визуелна уметност, перформанси, па дури и активизам. Во време кога културната сцена е често поделена на жанрови и публика, колку е важно да постои фестивал со здрав соживот меѓу различните уметности?


Мариа Стојанова: Многу! Кога веќе ја живееме културната сцена поделена на жанрови и публика, еден ваков фестивал покажува дека уметноста не познава граници. А кога уметноста и активизмот ќе се сретнат на едно место, настанува дијалог, од тој дијалог се раѓаат нови уметнички дела, нови соработки и нови вмрежувања, се гради заедница која е покреативна, поотворена и поотпорна.


К: Се позиционирате како „слободна културна територија“. Но, во контекст на политички и економски притисоци, дали е возможно да се зачува ваква територија? Како успевате да го одбраните просторот од институционално присвојување? А, од друга страна, колку неконвелнционалните и слободни јавни простори како вашиот му недостасуваат на македонското општество? 


М: Не е едноставно во овие времиња да се задржи слободата на било каков начин, не само во контекст на културно-уметничко дејствување, туку во било која сфера од живеењето или да не кажам преживувањето, особено кога политиката е навлезена во секоја пора од кожата на ова така измачено и така изнемоштено општество. Меѓутоа токму тоа треба да биде поттик за една борба да се брани територијата, преку упорност и заедништво… Во македонското општество скоро и да нема неконвенционални и слободни јавни простори, на голема штета на младите, за жал, штета затоа што баш ваквите простори се место за екперименти, критичко делување, раѓање на нови идеи и вмрежувања, ваквите простори се крикот на младината…


К: „БОШ“ е фестивал кој се случува „на граница“, и во географска, но и во симболична смисла, па што значи токму оваа „граничност“? Може ли да зборуваме за „БОШ“ како „пограничен“ фестивал, и во смисла на простор и во смисла на истиот како место за преминување на границите меѓу уметностите, жанровите, политичките теми? 


М: Секако, токму тоа е целта на фестивалот, да не ги гледаме границите како линии што нѐ делат, туку напротив, како точки кои нѐ обединуваат, во секоја смисла. Да ги гледаме границите како уметничка провокација, а не како симбол на историја и насилство, што најчесто е практика на Балканот.


К: „БОШ“  веќе 17 години се одржува во Гевгелија, далеку од скопските центри на моќ и ресурси. Колку е значајно тоа што фестивал од ваков тип се случува на југот, далеку од главниот град? Дали ова децентрализирање на културата може да се смета за отпор кон Скопје-центризмот, и што значи тоа за локалната заедница и пошироко за независната сцена во Македонија? 


М: Па, не би кажала дека е отпор кон Скопје-центризмот, туку повеќе отпор кон културно-уметничката гозба на трпезите која се нуди по другите градови, за тоа секако не ни е виновно Скопје, туку самите градови кои не преземаат ништо околу тоа… Иако, земено во глобала, на овие настани, публиката е таа, една, независно дали во Гевгелија или Скопје. Треба да се почне со едукација на младите (со чест на исклучоци), затоа што младите голтаат тоа што им се сервира… Значењето за овој фестивал треба да го препознае самата заедница, се надевам дека заслуживме некоја почит и наклон после толку години труд и постоење. 


К: Јасно ни е дека независната култура се соочува со сериозен проблем во однос на финансии и институционална маргинализација, но и покрај ова „БОШ“ оваа година слави сериозна бројка, 17 години постоење. Дали оваа бројка е доказ за издржливоста на алтернативната сцена или пак за потребата од културен активизам кој знае како да ги надмине институционалните рамки? 


М: Па, и тоа и тоа :)


К: Во услови на културна комерцијализација, како може еден фестивал како „БОШ“ да остане уште 17 години? На каков начин треба да се прилагодувате на промените со цел да останете свежи? 


М: „БОШ“ е секогаш отворен за млада сила. Младите генерации се иднината, па мора да бидат вклучени во овие процеси. Како поминува времето, секогаш мора да се прилагодуваш на новите текови, да ги следиш новите медиуми, да се отвориш кон новите дигитални и хибридни содржини, да работиш на меѓународно вмрежување и соработки. 


К: И за крај, да поразговараме за програмата: зошто треба да се дојде на 17. „БОШ“?


М: Затоа што „БОШ“ е повеќе од фестивал, освен програмата која што се нуди на „БОШ“, концерти, изложби, инсталации, видеа (некои од овие настани може да се проследат сега и никогаш друг пат), градот Гевгелија му дава додатна вредност на овој фестивал, затоа што Гевгелија е градот на сонцето, палмите и мириса на море. 


 
 
 

Comments


bottom of page