БЕТА-МУАБЕТ со Драгана Заревска – Телемама: Убавината и талентот секогаш наоѓаат пат до другите и низ најмрачните времиња во историјата не биле спречени, па нема ни сега
- Марија Хана Трајкоска

- 12 minutes ago
- 5 min read
На Д-фест кој годинава се одржа во Штип, за првпат, после 10 години, имавме шанса да ја слушаме Телемама во живо. Искрено не памтам кога последен пат бев толку возбудена за музички настан. Морам да признаам дека беше еден од најдобрите концерти на кои сум била. Телемама беше сама на сцената, а целата атмосфера беше многу слатка и интимна како самата да нè избрала тие коишто сме во публика и да пее само за нас. Додека оваа прекрасна уметница е во нашата земја, морав да ја искористам приликата да направам мал муабет со неа околу настапот на Д-фест, животот во Прага и овој тука, за нејзината уметност и идните планови. Прочитајте во продолжение!

Инаку Телемама е псевдонимот под кој Драгана Заревска создава уметност од 2014 кога првпат изведува авторски песни на Канал 103, а во 2015 го објавува нејзиниот деби албум „Мис Слобода“ по кој следат „Краток албум за двајца“ објавен во 2018 во соработка со Пиколомини (Давид Ангелевски) и малбумот „Прага“ објавен во 2025.
Марија Хана Трајкоска: Како беше чувството на сцена прв пат после 10 години?
Телемама: Премногу бев возбудена и искрено стрепев од тоа да не настинам пред настап па сè да се расипе. Едвај чекав да си ја сретнам публиката и беше точно така како што си замислував дека ќе биде. Премотивно!
Х: Живееш на релација Скопје-Прага. Како изгледа тоа? Каде се чувствуваш вистински дома?
Т: Летните и зимските распусти ги поминуваме во Македонија, но откога се исселивме од Скопје, најчесто кога сме во Македонија сме кај татко ми во Кратово. Тоа почна прво со избегнување на загадениот воздух во Скопје, па стигна до етапа на тотално пократовчување на нашиот син (инаку роден во Скопје). Морам да признаам дека многу ми е важно секој можен момент да си го поминувам со татко ми бидејќи ми е главен систем на поддршка, а и затоа што со мајка ми не успеав да поминам време бидејќи почина многу млада. Јас се исселив од Македонија прво на 18 години за студии, а потоа селидбите никако не престанаа до кај 2018 година. Мислам дека сега сум вкотвена во Прага и дека тоа е тоа. Со Скопје најмногу ме поврзуваат сестра ми и внука ми Бистра.
Х: Многу луѓе што ги познавам велат дека Прага е еден од најубавите градови во Европа, дали го делиш истото мислење како негов жител веќе долги години?
Т: Да, јас мислам дека е и најубав. Со сè Единбург.
Х: Зошто баш Прага?
Т: Искрена да бидам, ние бевме упатени накај Берлин заради работни обврски на маж ми. Во Прага завршивме поради сплет на околности, повторно поврзани со неговата работа и во прво време бев во паника кога планот за селење се “дајвертна”, а јас морав да смислам ново сценарио за таму. Убавината на градот не е доволна кога човек се сели :) Е, после сè што пројдовме, сум дефинитивно благодарна што така се случија работите да го растеме детето во Прага, а не во Берлин.
Х: Како би ја споредила уметничката сцена во овие два града? Дали и како се разликува твоето уметницирање на овие две места?
Т: Мислам дека подобрата финансиска ситуација во културата и пофер начинот на распределба на средства во Прага, дефинитивно се познава во сцената. Во Прага (и цела Чешка) исто има многу мали галерии и бројот на мали и големи културни точки постојано се умножува, додека во Скопје се намалува. Моето уметницирање мислам дека ич, ама ич не се разликува ни во Скопје, ни во Прага, Кратово, Брно, Софија, Стокхолм, итн. Давам како пример градови во кои сум поминала најмногу време во животот – што по работа, што на студии. Мислам дека и да ме пратат во гулаг би било исто.
Х: Во Македонија постојат многу културни здруженија и колективи што се занимаваат со промоција на македонска и регионална уметност и култура. Сите подеднакво се жалат од тоа што и ти самата го велиш, нефер распределба на финансиски средства. Што е тоа што овие културно-уметнички работници можат да го научат од Прага. Дали мислиш дека постои начин македонската култура да опстане и расцута и покрај сè помалите финански средства кои се инвестираат во неа и сè поголемиот број на културни простори што се затвораат?
Т: Мислам дека на првото прашање одговорот е полесен; убавината и талентот секогаш наоѓаат пат до другите и низ најмрачните времиња во историјата не биле спречени, па нема ни сега. А на второто, за финансирањето, мислам дека тука е малце потешко да се даде еден одговор ама ако баш морам да сумирам нешто од својот историјат и проблеми, тогаш би рекла дека е тешко на тие што се во позиција на моќ да одлучуваат човек да ги убеди во нешто ако решиле поинаку. Тие пари добродушниот уметник нити ќе ги украде, нити пак на сила ќе ги извлече, така што… што би рекла Силвија Плат – има некаква клиничка сатисфакција да се види уште колку може нештото да се влоши, колку далеку може да отиде работата.
Х: Имено, пред Д-фест, се подготвувавме фамилијарно да те слушаме и твојата музика стана бондинг-момент меѓу мене и вујко ми од Австралија кој го немав видено 8 години. Песна што и на двајцата ни остави најсилен впечаток е „О, Љупа“. Дали пораката на песната е дека љубовта сепак се купува со пари?
Т: Љубовта ни под разно не се купува со пари (еве доказ се Трамп и Маск што не можат ни од своите деца да си купат љубов), ама без пари таа тешко опстојува. Во мојата песна тоа е прикажано со малце екстремен пример (i.e. девојчето нејќе да се лапа на клупа додека Љупа не го продаде чифликот и не купи НВО), ама нејзиниот став е сосема човечки и вкоренет во социјалната реалност, додека тој и таксува дека ќе ручаат и вечераат љубов. Обично настапите ги затворам со таа песна, но конкретно на Д-фест немав дует партнер, па отпаднa од сет-листата.
Х: Дополнително ме интересира дали песната „Слободна сина“ е инспирирана од филмот „Blue is the warmest color“? Дали песната би ја нарекла квир песна?
Т: Таа песна почна со идеја да биде инспирирана и личи на приказната на Телма и Луис, а референцата со „Blue is the warmest color“ дојде отпосле спонтано кога баравме рими за неа. А на крај заврши и во насловот. Одговорот на второто прашање е да, тоа апсолутно е квир песна.
Х: На Д-фест спомна дека наскоро ќе имаш соло концерт во Скопје. Дали можеш да ни кажеш нешто малку повеќе за тоа? Дали повторно ќе настапуваш сама или со бенд? Дали можеби ќе го видиме Љупа со тебе на сцена?
Т: Имаме план и преговори со една промотерска куќа за мој соло концерт во Скопје во 2027. Би настапила со бенд, и надежно со што повеќе гости од луѓето со кои соработувавме низ годините. За детали сè уштее рано да зборувам за да не ми изрипа срцето од радост.
Х: Освен соло концерт кој во неизвесност го чекаме, дали можеме да очекуваме нешто ново од Телемама?
Т: Да, во тек е создавање на многу возбудлив материјал со Јане Трајковски. Јули е за (до)пишување на текстовите за тие песни па следи снимање. И уште две соработки што си ги фантазираме со уште двајца музичари, еден од Скопје, еден од Прага. Се работи за дуети.




Comments