The Pod (1991) е албум кој од самиот почеток поттикнува едно од две чувства кај слушателите – еуфорија или гадење. Аблумот започнува со осамена тишина бурно прекината од гласен добош, и продолжува со збунувачката нумера – Strap On That Jammy Pac. Песната звучи како груба снимка од приредба, во ментална установа. Евидентни се ефектите на болест и мононуклеоза за време на снимањето на албумот кај членовите Џин и Дин Вин, на кои е посветена и песната Mononucleosis. Чувството на физичко и ментално распаѓање е катализирано од lo-fi начинот на снимање – целиот албум е снимен при нивните музички авантури во валканата штала по која е именуван албумот.
Во песни како Dr. Rock, Captain Fantasy, Demon Sweat и Pork Roll Egg And Cheese се покажува на виделина способноста на ова дуо без голем труд да создава конвенционални поп и рок песни, но кои ја задржуваат чудната магија на бендот.
Меланхоличната страна на бендот и нивниот начин да сокријат мрачни теми во среќни и хумористични текстови се истакнува кај песни кака Sorry Charlie - кантри балада посветена на пропаднат колега на Дин; Moving Away – осамена бавна песна која звучи како да е пуштена пијана ду воп плоча, придружена со вокали, кои наликуваат на стенкање на расплакан 70 годишен алкохоличар; Alone – песна која тони во фејзер и хорус ефекти, звук кој подоцна се појавува и усовршува во идните изданија на бендот.
Може да се речe дека психоделичната Mononucleosis најдобро го опишува албумот, која со својот груб дисторзиран звук го вознемирува слушателот, но на добар начин. Додека ечи дисторзираната гитара на Дин (која најверојатно е под дејство на сите ефекти кои можеле да ги искористат) уморениот и разболен вокал на Џин нѐ става во тело кое бедно и безнадежно лежи во болница. Со оваа песна настанува фузија на мрачната страна но и на поп страна на бендот. Психотичната епизода која ја доживува гитарата го навестува крајот на песната која завршува со оддалечувањето на вокалот и секако најдобрата појава во светот на музика - фонија.
Веднаш по неа следува мелодичната Oh My Dear (Falling In Love) која служи како инхибитор на експоненцијално растечката психоделична авантура пред неа. Џин не разделува од надворешниот свет со помош на неговите високи модулирани вокали, придружени со акустична гитара. И во оваа песна се појавува чудна солажа на Дин.
Песната е бурно прекината од уште една брза рок песна – Sketches of Winkle, посветена на лик кој се појавува често во песни од раните фази на бендот. Со сличен звук на Dr. Rock песната храбро ни нуди соло гитари кои хармонизираат, а во меѓувреме и детинестите вокали карактеристични за Ween.
Бавната и груба страна на бендот е истакната во повеќе песни. Frank – ода за помфрит, сендвичи и се друго што го полни стомакот, во која владее низок модулиран вокал, добоши со wah-wah и дисторзирани гитари. Песната полека умира со звук на агонија предизвикан од гитарите со ехо кои покрај долгите солажи повремено ја вметнуваат и мелодијата на песната, се до бурно преклопување на звуци по кое следува тишина. Laura – песна која звучи како експеримент при кој мајмуни се учат да свират и пештерски човек се учи да пее. Потсетува на Frank меѓутоа задржува уникатност со својата интересна мелодија која се претставува со текот на песната. Во еден делот пештерскиот човек наоѓа натприродно благо кое сака да го сподели со светот. Оваа непозната материја манифестира звук кој наликува на илјадници гитари кои се стремат да се трансформираат во клавири и виолини, но трагично не успеваат.
Веднаш по неа следува тивката Boing – нешто што звучи на последна песна што ја снима 120 годишен мудрец на смртна постела, кој раскажува за неговата шармантна симпатија (и реакцијата на неговиот полов орган). Притоа во неговата приказна се појавува и Winkle како и неколку експлозии.
The Stallion е еп за битие кое за прв пат е претставено во овој албум. Првиот дел го обојуваат гласни дисторзирани гитари и силната бас гитара која речиси ги потонува сите други звуци во песната. Заиграните тапани и дајре го слават битието кое го презема вокалот, кое најчесто се слави себеси и го пцуе слушателот. Приказната продолжува на самииот крај на албумот со вториот дел на песната во која The Stallion ни ги споделува своите способности а на збунетите Џин и Дин им ги пере мозоците за да станат дел од него. Исто така грешно ја пее алфабетата. За трпеливите има изненадување по кратка тишина на крајот од песната. Традицијата на овие песни ја продолжуаваат останатите 3 делови кои подоцна Ween ги снимаат.
Pollo Asado не е песна, туку неколку нарачки во ресторан за мексичка храна. Музиката во позадина е добра.
Откако затвора ресторанот, почнува атмосферичната Right to the Ways and the Rules of the World, нешто што звучи како викиншки чамец кој нѐ носи во длабочините на Северниот Леден Океан.
Во албумот има и други интересни и чудни песни, некои брзи а некои бавни, но за заокружување на албумот служи претпоследната – Pork Roll Egg And Cheese, која оптимистично ни ветува дека нашите грижи се непотребни , а она што е навистина потребно е да се послужите со сендвич со свинско, јајце и кашкавал – специјалитет во регионот на Њу Хоуп, од каде потекнува бендот.
The Pod не е поп или рок албум, ниту па експериментален или психоделичен. The Pod е резултат на генијалноста на Џин и Дин Вин која присуствува во наредни албуми како Chocolate And Cheese (1994), The Mollusk (1997), Quebec (2003) и многу други пред и после нив.
Comentários