top of page

Го зборевме ова? :: Три патувања низ Европскиот север

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 12 minutes ago
  • 8 min read

Драга моја Ангела,


Ти немам пишано од април, а веќе е јуни. Уште една година која поминува пребрзо, уште еден мај во кој се случуваше толку многу, што не стигнав да ти пишам. Причината поради која ме немаше е досадна и предвидлива, завршување на студии, магистерска, испити… за ниедна од овие работи не вреди да ти пишувам во ваква форма, останува да ти раскажам кога ќе се видиме. Но, покрај бескрајните обврски, она што го обележа месец мај беа моите викендашки патувања. Првиот викенд бев во Аугустув, вториот во Вилнус (Литванија), а третиот на полското балтичко крајбрежје (Трујмјасто). После секое од овие кратки патувања, во Варшава се враќав со една чудна мешавина од возбуда, носталгија, исполнетост, но и некоја убава меланхолија. Затоа, решив да ти ги раскажам овие три мајски викенди, и најважните работи кои ги научив тогаш и таму. 


Почетокот на мај во Полска се нарекува мајувка (majówka), и се празнува на сличен начин како 1 мај кај нас, со тоа што и втори и трети мај се слободни денови, затоа што на втори мај е празник на знамето, додека трети на Уставот. Па така, првите три денови во мај речиси секогаш се слават со одење на излет во природа, правење скара, или со краток одмор некаде на вода или на планина. Оваа година, ние решивме мајувка да ја поминеме покрај езеро, во Аугустув. 


Аугустув е помал град кој се наоѓа на североистокот на Полска, близу литванската и белоруската граница. Иако има 30.000 постојани жители, бројката се дуплира за време на лето. Или, се дуплирала, пред почетокот на руско-украинската војна. Аугустув има стратешка положба во моменталната геополитичка ситуација, затоа што се наоѓа близу Сувалскиот коридор - тесен појас меѓу НАТО (Полска, Литванија) и руската енклава Калининград. Како што се зголемува стравот од можен руски напад, така сè повеќе се избегнува Аугустув. 


Покрај геополитичкото значење, овој град за нас има лично значење. Од Аугустув е Марчин, дечкото на сестра ми Илина, па за нас беше логично таму да го поминеме првомајскиот викенд. Искрено, најголем дел од работите кои ги научив и разбрав за време на тие три дена се интимни. Јадењето планинско сирење на сончевата тераса, опсесијата со кафе на Кшиштоф, таткото на Марчин, или среќата во очите на мајка му Мариа додека ги гледа заедно со Илина, веројатно не се работи за кои треба да пишувам во писмо на Култура Бета. Но, мене секогаш ме движи Керол Ханиш и идејата дека личното е политичко, па затоа ќе ти раскажам за Мира.


Мира е најдобра другарка на бабата на Марчин, која тој никогаш не ја запознал. Мира има 97 години и живее во Вила Мира, куќата со најубавиот двор во целиот Аугустув. За време на пандемијата, кога веќе имала 91-2 години, Мира сама се пријавила да волонтира во градската болница, за да помогне на докторите и сестрите. Мира носела високи штикли до 86 години. Мира имала четворица мажи и нема деца, а додека ни раскажуваше за ова ни рече: „Имав тројца сопрузи… уствари не бе, четири имав, го заборавив едниот.“ Кога ја посетивме, Мира беше облечена во сребрен џемпер и имаше по неколку сребрени алки на двете раце и големи, метални прстени, какви што редовно си зачувувам на Пинтерест за инспирација. Мира се движи како да има најмногу 65 години и, како што вели Марчин, со години не била во толку добра состојба како тој ден. Мира нè шеташе низ нејзината вила и ни го покажуваше својот свет и материјалните докази за нејзиното богато 97-годишно искуство. Мира има кратка, розева бунда, што виси закачена на плакарот во нејзината спална соба. Кога полнела 90 години, нејзина другарка ѝ напишала песна, која сега виси закачена во една од собите. Мира ја знаеше песната напамет, но сепак го натера Марчин да ја прочита на глас. Додека тој читаше, Мира тивко го повторуваше секој збор. Мира нè прошета низ својот двор, кој е полн со различни скулптури и рачни изработки, кои сведочат за многуте патувања на кои била - Минхен, Тбилиси, Верона, Москва... Многу од овие предмети се и од бројните пријатели и љубовници кои поминале низ животот на Мира. Мира има две мачки, Базилиј и Милош, кои се толку убави, што изгледаат како да се дел од скулптурите. На Мира не смееш да ѝ се обратиш со бабо или тето, туку само со Мира. Кога сака да се расположи, Мира пуши трева. Мира рече дека уште пред да ја запознае Илина, кога само чула за нејзе, знаела дека „тоа е тоа“. Мира живее сама, но за нејзе се грижи Габриела, која додека Мира нè шеташе низ дворот, ни правеше чај и колачиња. Габриела, која иако има многу тежок живот, не знае како да не се смее. Габриела ја обожава Мира, и Мира ја обожава Габриела. Додека го пиеме чајот, Габриела ни раскажува за новата мисија на Мира, а тоа е нејзиниот сосед кој е во депресија, кому сака да му помогне. Тој редовно доаѓа кај нејзе на гости, и едноставно си разговараат. Мира не сака да живее до 100 години, не затоа што не може, туку затоа што не чувствува потреба. Марчин последен пат бил кај Мира за време на зимата, кога ѝ ветил дека ќе се видат во мај, кога повторно ќе биде убаво и топло. Додека седевме во дворот, Марчин рече: „Ете Мира, го дочекавме мај.“ Мира само поврди: „Сепак дочекавме уште еден мај.“ Мира ќе ја мислам уште долго.


Вторниот викенд од мај за првпат бев во главниот град на соседна Литванија, Вилнус. Се возевме осум часа, a автобусот во кој што бевме патува од Краков, преку Полска, Литванија, Латвија, Естонија, сè до северна Финска. Бев заедно со другарка ми Јагода, со која овој семестар заедно имавме предавање кое нè инспирираше да отидеме на патувањево. Предметот беше за полско-украинските односи, чија комплексност е, секако, историска. Дел од оваа историја е Полско-литванската Државна Заедница или Жечпосполита, многу важна приказна за многу народи, меѓу кои полскиот, литванскиот и украинскиот. Поради заедничкото минато, заедничките херои и заедничкото културно-религиско наследство, голем дел од Полјаците го сметаат Вилнус (Вилно) за полски град. Па така, Јагода, како и најголем дел полските ученици, била на ескурзија во Вилнус уште во основно. Мене ми беше многу возбудливо да бидам таму со нејзе, затоа што од втора рака, преку нејзе, го искусував градот на еден нов начин. 


Јагода првпат била во Вилнус за време на основно, на образовна ексурзија каде на градот се гледало само и исклучиво од полска перспектива, како што се учело на училиштe. Сега е таму вторпат, на патување кое е повторно, на некој начин, поврзано со образование, но овојпат на еден многу поинаков начин. Предметот за полско-украинските односи го имаме на полскиот, Варшавски Универзитет, а го предава професорка која е Украинка со еврејско потекло. На предметот не зборуваме само за односите на овие два народа, туку и за литванскиот, белорускиот, еврејскиот, рускиот, австрискиот, германскиот народ, и како низ вековите, сите овие луѓе се мешале на ова тло (ти звучи познато?). Па така, можев да забележам дека иако овој град ѝ е познат на Јагода, таа како првпат да доаѓа, затоа што првпат го гледа вистински. Го разгледувавме Вилнус како литвански град со очигледно значајно полско наследство, но и со очигледно советско, белоруско, украинско, рутенско, православно, гркокатоличко, балтичко наследство. 


Додека бев во Вилнус, но и пред и по патувањето, ми се наметнаа повеќе прашања. Како би било доколку за Вилнус, или за Украинците, или за Полско-литванската Државна Заедница би се зборувало на соодветно комплексен начин уште во основно училиште, а не само на прогресивен, либерален факултет, каде учат студенти со веќе оформени слични ставови? Дали би имало помалку ксенофобични напади врз украинските мигранти? Дали градот на полски би се викал Вилнус, а не Вилно? Дали Литванците, наместо да ни превртуваат очи, ќе се насмевнуваа кога ќе слушнеа дека сме од Полска? Дали би имало помалку или повеќе екскурзии? 


Од друга страна, секако, ми се наметнува прашањето за состојбата кај нас. Доколку во Полска историјата на регионот се изучува темелно и комплексно дури на универзитет, каде и кога се изучива на тој начин кај нас, во Македонија, или било каде во регионот? Сигурно не во основно и средно, но дали воопшто, некогаш, некаде, го правиме тоа? Доколку ми е тешко да замислам една поинаква Полска, замисли колку ми е тешко да замислам поинаква Македонија, поинаков Балкан, каде за нашево тло и нашава историја ќе зборуваме како нешто што го делиме, нешто што е заедничко, а не нешто како што е мое, твое или нивно. Сепак, замислувањево е, ако ништо друго, добра гимназија за мозок. 


Третото кратко патување за кое сакам да ти кажам е Трујмјасто. Трујмјасто (Trójmiasto на полски, во буквален превод Тројград) е област во северна Полска, на Балтичкото крајбрежје, која ја сочинуваат три споени града - Гдањск, Сопот и Гдиња. Иако се три посебни административни центри, овие три града функционираат како еден голем град и организам. Па така, иако спиев во Гдањск кај другарка ми Зоша, викендот навистина го поминав во Трујмјасто, со тоа што пиевме кафе во Сопот, каде престојуваа Илина и Марчин, а на плажа и на журка одевме во Гдиња. Од едниот до другот крај на Трујмјасто се стига за 30 минути со воз, кој доаѓа на 20 минути. 


Клучен збор за време на викендот во Трујмјасто беше заедница, бидејќи Зоша, како и многумина, особено во последнава година, е опседната со поимот и концептот на заедница. Не знам за тебе, ама мене секој трет рил на инстаграм ми е за community building или third spaces. Во овие тешки времиња, природно е да се навратиме на заедницата, тоа е единственото нешто што ни останува. Не мора да зборувам за потребата од заедница, затоа што кај нас, особено во нашата алтернативна сцена, ова е buzzword веќе долго време. Толку долго, што стана уште еден од оние празни зборови кои го имаат изгубено своето значење и суштина, кои ги кажуваме кога сакаме да звучиме доблесно и паметно. Па така, почнавме да забораваме дека заедница се гради со добри другарства, добри соседства и добри меѓучовечки односи, а не со организирање на добри настани. 


Но, Ангела, додека бев во Трујмјасто, првпат после долго време го искористив зборот заедница без иронија, првпат после долго време го кажав, и навистина го мислев, навистина верував во тоа што го кажувам. Во еден од малкуте негентрифицирани простори во Гдиња, во подрумот на еден затворен пазар, во саботата имаше фестивал. Фестивал од заедницата за заедницата, во најискрена, највистинска, најнепретенциозна смисла. Во богатата програма, покрај квалитетните авторски бендови, поетски читања и принтање маички со сито печат, имаше и многу други делови, како настапот со рок класици на еден шарен чичко што свиреше на шарена играчка синтисајзер, читање на тарот карти од дечко што носеше шешир со пердуви, свирење на хипи инструменти со жени кои додека ти даваат да посвириш, ти читаат хороскоп, како и еден куп други активности, кои ни во цело писмо не би стигнала да ги набројам. Сепак, омилен дел ни беше старата антикварница, каде имаше грамофон. Кога влеговме и спонтано почнавме да играме, жената која ја држи антикварницата, која истовремено е дел од културниот центар и колектив кој го организираше фестивалот, толку многу се израдува, што неколку пати дојде да ни каже дека има плоча дури и од Пинк Флојд! Толку многу се израдува, што најде некој гдињски панкер, ама кога велам панкер, мислам панкер како од 76-та во Бристол, кого го натера да ни биде личен диџеј и да ни пушта плочи, бидејќи виде и осети колку ни е нам убаво. Пред да си одиме, нè покани да дојдеме во јуни, затоа што ќе прават целодневен фестивал за денот на јагодите. 


Подрумот на затворениот пазар беше преполн, со луѓе кои си работат во пазарот, кои се дел од колективот и организацијата (најголем дел од нив повозрасни луѓе), локалци од Гдиња и Трујмјасто, по неколку хипстери како нас, многу олдскул фрикови, многу родители, многу баби и дедовци, многу деца. Сите си поминуваа убаво, не затоа што размислуваа за тоа како градат заедница, како создаваат култура, ниту пак како за тоа како овој фестивал е отпор кон институциите и власта, туку затоа што беше убава сабота, со убав настан и убави луѓе. И баш затоа, првпат после долго време искрено искусив заедница. 


Драга моја Ангела, во овие три викенда научив многу лични, историски, заеднички, интимни, социо-политички лекции. Сепак, главното нешто што го научив, или на што се потсетив, е тоа колку е убаво да шеташ и колку е убаво да гледаш, мислиш и зборуваш нешто друго, нешто ново. 


Што правеше ти во мај, што правиш сега?


Ти благодарам за трпението додека ме немаше, се читаме повторно редовно!


Со љубов,

Калина



Comments


bottom of page