Годишната изложба „Професори и студенти“
- Наде Циева

- Jul 18
- 5 min read
Од 17. до 30. јуни во галеријата на Младинскиот културен центар беше поставена годишната изложба „Професори и студенти“. По тој повод го објавуваме текстот на Наде Циева кој беше увертира во каталогот на изложбата.

Доколку се ревидира ставот на Оскар Вајлд дека животот е тој кој ја имитира уметноста, наместо таа да е отсликување на реалноста, може да се полемизира околу постоењето на засебен простор и метафизички свет сам по себе - уметност. Тој постои и си има свои карактеристики, параметри, принципи и гостува во нашето секојдневие преку неговите разнолики форми. Уметноста може да е присутна преку облеката која ја носиме, сликата закачена во трпезаријата, фотографијата која спонтано сме ја направиле, отпечатоците кои со прсти ги оставаме на студени прозорци. Токму оваа изложба има за цел да ја посочи таа разновидна и сеопфатна природа на уметноста. Во групната изложба се вклучени уметници од неколку градови, универзитети и школи, од кои дел се млади студенти и нивните професори, кои се веќе етаблирани уметници. Оваа изложба вбројува студенти и професори од: Ликовна академија при Универзитет Гоце Делчев-Штип, Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет, Факултет за дизајн и мултимедија на Американскиот универзитет на Европа - ФОН, Факултет за уметности при Универзитетот во Тетово, Факултет за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје, Факултет за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје, Факултет за градежништво и архитектура при Универзитет Мајка Тереза и „Скала“ - Школа за дизајн и уметност Скопје. На голема штета, за разлика од претходните две години, најстарата и најбројната ликовна академија во земјава, Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ нема да учествува на изложбата.
Покрај тоа што изложбата нуди комбинација и спој на генерации, таа поврзува времиња. Студентите со своите дела и идни амбиции ги потсетуваат професорите на нивните некогашни младешки соништа, а студентите добиваат надеж за успешна и плодна иднина на полето на уметноста. Убавината на оваа мешавина на дела и нејзинита автори, се акцентира и преку различните техники и видови уметност, во кои се вброени сликарството, графиката, архитектурата, графички и моден дизајн, и техниките преку кои се добиваат овие видови уметност. Изложени се дела кои се изработени во традиционални техники на сликарство со современи елементи и тематики, скулптура, графики добиени преку различни техники, додека пак од поновите типови на дела и нивни техники се вклучени фотографии, дигитални цртежи и слики во кои спаѓаат и изработки од моден и архитектонски дизајн.
Ваквиот тип на конципирани изложби овозможува за секој посетител идеален вовед и преглед во уметноста и нејзините шаренолики видови, стилови, техники како и се разбира автори кои со себе носат индивидуалност и посебност. Изложба со ваков тип на аранжман кој во себе содржи дела кои се разликуваат по сите параметри, а истовремено ги вклучува клучните влијанија на уметниците - нивните ментори, претставуваат предизвик и вежба за набљудување на разликите кои ги делат и сличностите кои ги сплотуваат уметниците од оваа земја. Па така се согледува правецот во кој се движи и осцилира ликовната и применетата уметност кај нас, а истовремено посочува дали таа вбројува повеќе насоки или пак има отсуството на колебања во стилот. Со оглед на тоа што во историјата на македонската ликовна уметност отсуствуваат нововековните стилски правци, по што во XX век настанал виор од секакви стилски појави кај уметниците, дури во нивниот сопствен опус, оваа изложба пред сé ни прикажува кон кои типови на уметност претендираат нашите уметници.
Очигледна е тенденцијата на движење на овие младите уметнци кон попрогресивни правци и оддалечување од традиционални теми, со оглед на тоа што се стремат кон дигитални изработки и апстрактно сликарство. Појавата на ваквиот тренд меѓу нив, најчесто е резултат на поттик од страна на околината, професорот и личниот порив за оформување на сопствен стил, кој поради возраста на творците е склон кон нетрадиционален и либерален ликовен израз. Во последните години поради отсуството на еден одреден уметнички правец и стил, уметниците имаат можност за слободно истражување на нивниот стил и оддалечување од помодарство. Иако новите генерации на уметници се поттикнати и умешни во откривање на сопствениот ликовен ракопис, тие сепак треба да ги имаат познавањата на ликовните елементи и традиционалниот пристап кон употреба на техника со цел да се квалитетни. Од една страна фокус на овие студенти треба да е класичното изучување и образување во ликовна академија или школа, но истовремено да внимаваат да не потпаѓаат на трендот да ги имитираат претходните уметници. Овие два аспекти кај некои уметници се покажуваат како противречност, со тоа што не можат двата стремежи целосно да ги спојат. За некои изучувањето на ликовната уметност на моменти лесно може да се претопи во имитација. Спротивно на ова, други ги употребуваат традиционалните принципи на ликовната уметност како основа за доработка на нивните дела вклучувајќи го нивниот манир.
Групната изложба служи и како вежба на гледачите и љубителите на уметност, за да оформат цврсти ставови за сопствениот личен афинитет кон одредени стилови и видови уметност. Најважно од сé служи за архивирање и складирање на сите чекори кон постепено созревање на уметниците што користи за понатамошен развој и споредба со своите претходни и идни дела, како и со делата на останатите учесници. Со предноста која ја нудат технолошкиот развој и глобализацијата, потребна е постојана комуникација меѓу сите струки кои може да понудат развиток и размена на самата појдовна точка на секој креативен и уметнички зафат, а тоа е идејата. Особено, земајќи предвид дека нешто толку променливо, живо и динамично како уметноста, не се создава во вакуум, на далечина од остатокот од светот. Напротив таа и нејзиниот процес на креација е под постојано дејство и влијание од случувања, чувства, искуства, личности и се подразбира други уметнички дела присутни во животите на авторите. Во текот на историјата безброј пати се покажало ова заемно влијание меѓу ликовни уметници, па дури со вклучување на книжевници, режисери, фотографи, а поготово во изминативе децении мултимедијални уметници. Оваа групна изложба е почеток на односот меѓу нашите млади уметници, кој се развива во бурна дискусија за која не се ни потребни зборови, туку импресии и емоции. Карактеристиката по која се издвојува оваа годишна изложба е присуството на професорите кои се водечката сила и туркачот во пронаоѓање на сопствен стил, ракопис и место во испреплетената мрежа во светот на уметноста. Преку групирањето на творештвото и делата на менторот и ученикот, се согледува кои студенти пркоселе на стилот и принципите на професорот во кој не се пронашле себеси како творци, а кои студенти успеале да имплементираат елементи од тоа кое им служело за водич и пример во текот на учењето и образованието. Овие први чекори и отскоци се значајни за проследувањето кај секој уметник, бидејќи токму овој период во нивното творештво е најплоден и подложен на експериментирање, самопронаоѓање и градење на сопствен, автентичен индентитет и стил. Па затоа и во овие етапи од нивниот уметнички развиток, треба да се отворени можностите за коментари и фидбек со публиката и останатите учесници. Експонирањето на сите овие уметници сосе поддршката од страна на посетителите, претставува можност за остварување на двата фундаментални елементи на кои се основа уметноста, а тоа се творецот на делото и оној кој го восприема.




Comments