top of page

Бета муабет со Горан Стојчетовиќ за самостојната изложба „Сублимации“

  • Writer: Наде Циева
    Наде Циева
  • Jun 21
  • 5 min read

Прашуваат: Наде Циева и Марија Хана Трајкоска


Горан Стојчетовиќ е српски уметник, кој својот стил и ликовен израз го нарекува длабинска уметност. Покрај тоа што е ликовен уметнок, тој работи и како сценограф за Народниот театар Приштина во Грачаница. Основач е на Centar za dubinska umetnost во Србија. „Сублимации“ е неговата прва самостојна изложба во Скопје, поставена во Етнолошката галерија во Музејот на Македонија во соработка и организација на Партизанска штампа. Името и темата на изложбата се концентирани на животинскиот и човечкиот свет. Преку своите дела тој ги прикажува нештата од секојдневието и односите во природата, преку специфичен пристап кој од процесот не ја исклучува псхолошката заднина која не се гледа со голо око. 


Култура Бета: Со оглед на тоа што иста тематика се провлекува во делата на изложбата каде што преовладуваат животните и нивните природни процеси како се поврзува со самото име на изложбата „Сублимации“? 


Горан Стојчетовиќ: Јас мислам дека тоа е затоа што сега веќе сум свесен колку притисокот од надворешната реалност станува погруб и побизарен. Војни и несреќи се случуваат насекаде и во Србија и кај вас, како и последната трагедија во Кочани, сведочи за некоја немарност, запуштеност на духот, сеопшто пропаѓање, што ме прави свесен дека тоа што го работам е чиста сублимација, и психијатриски или, пак, хемиски гледано, дека тоа е процес на преминување од една агрегатна состојба во друга. Тој некој мој бес, отпор или мрачни чувства што ги предизвикуваат овие мрачни околности, напросто, сакам не да ги скротам туку можеби да ги контролирам, да бидам свесен за нив. Tоа е единственото што можам да го учам како човек да не западнам во тековите што се преполни со омраза. Во суштина, увидот е најважен, бидејќи секој од нас се соочува со отпор,  колку и да си мирен човек, надворешноста е пресилна и те вознемирува, зашто ти влегува во станот, во дворот, го окупира целиот град со коцкарници, со симболи на пропаѓање на едно друштво. Штом постојано гледаш околу себе нешта како коцкање алкохол, дрога, проституција, тебе ти е јасно дека тоа друштво е во пад, тоа отсекогаш било така.


КБ: Имајќи превид дека сублимација е физички процес на промена на агрегатна состојба, дали Вашата цел е приказ на процесите и симбиозата во природата, особено во дела во кои се потенцира напаѓање меѓу животни, нивно парење и борба за опстанок преку кои се претставува и циклусот на живот од самото создавање до крајот?


Г: Тоа е одлично кажано, не би додал ништо. Точно, некако сум фокусиран на тие основни карактеристики на човештвото и, можеби, не само на луѓето туку и на останатиот животинскиот свет можам да гледам сѐ и сешто за подобро да сфатам што е всушност живот. Едноставно гледам дека целата наша цивилизација отсекогаш се занимавала со тие процеси на сублимација или култивација, но јасно е дека сме соочени со еден систем што пропаѓа. Сега ние имаме нова реалност, а секогаш кога почнуваат да паѓаат тие маски и сценографијата, на човекот задолжително му се јавува некој примарен инстинкт. Затоа се тоа животни кои се напаѓаат, животни кои се парат, процеси во кои нема повисока форма на комуникација туку се базирани на нагони. Бидејќи е притисок, јас сум, едноставно, таков карактер кој не може да поднесе некој да си поигрува со него, а уметностите би можеле тоа да го сублимираат на корисен начин, вака можеби би влегол во конфликт. Јас од мал сум бил заинтересиран и за уметност и за математика, иако сум бил исклучителен ученик, бидејќи сум бил опкружен со насилство и агресија не сум можел да се опуштам и да се развивам во тој правец. Сум бил во постојана средина на конфликти, тепачки, национализам и некако те повлекува тоа, не можеш да се правиш „Енглез на Балкану“. Затоа сум јас видлив, затоа што со тоа што се соочувам се соочуваат и многу други, затоа што знаеш дека прават будала од тебе. Директно те лажат, ти ја истураат агресијата, и веќе, едноставно, не можеш да го поднесеш тоа. И ако не најдеш механизам каде ќе одиш, како на пример уметност, занаети, да правиш нешто конструктивно, тогаш или ќе одиш против себе или против другите. Сега го читам „Каин” и тоа е таа Сондиева анализа. Како Фројд што го измислил Едиповиот, Сонди го поставил Каиновиот комплекс - тоа е нагон за убивање и поседување, нешто со што сум се соочил, а тврди дека послабите страдаат од невроза и психоза поради трпење, бидејќи не сакаат да се вклучат во систем што убива, имаат свест. Бидејќи човекот е чудно животно кое има свест. Така другите добиваат моќ, затоа се создава таа колективна неврозa и психоза. И сите молчат, а доста често сум се соочувал со ситуација ако поставиш нешто што предизвикува дискусија тоа е проблематично. Академската, институционалната уметност е таква да не предизвикува никаква дискусија. Ја одбрав таа тема, затоа што на дневно ниво никаде не е опфатена. Следејќи го Ѓорѓе Кадијевич, сфаќам дека за него сублимација е уметничкиот хорор (се мисли на хорор како жанр)


КБ: Иако колоритот на делата доминира со бои кои се среќаваат во природата, дали со намера се употребени нивни јарки и интензивни нијанси кои се жестоки и оставаат впечаток на фантастично сликарство?


Г: Пред сѐ ми се допаѓа тоа што со прашањето се навраќате на природното. Да, сѐ тоа е природно, но мислам дека тој впечаток доаѓа отпосле. Мојата уметност се сведува на тоа секогаш сѐ да зависи само од мене, а материјалот и приборот е она што ќе го најдам. Јас одам и купувам бои, да речеме:, сина, зелена, жолта, црвена… и додека сликам, директно ги мешам тоновите. Сѐ работам многу брзо и директно, тогаш, можеби, се добиваат некои поинтензивни тонови, а тие тонови во природата секогаш се, на пример, карактеристика на животните и растенијата кога предупредуваат. Сликите се целосно егзотично диви. 


КБ: Доколу е целта приказ на одредени дејствија, која улога ја има изопачувањето и деформацијата на фигурите? Дали се поистоветува со грдоста и суровоста на животот и природата или, пак, има цел да претстави нешто надреално и неприродно?


Г: Има цел да прикаже нешто психичко. Годините поминати работејќи во театар и гледање лешови од различни војни на телевизија ми се врзало како нешто што е реално и нешто што очигледно не толку директно го изнесувам на површина. Сѐ останато е психичка природа да покаже нешто што се ниша, некои духови. На пример, како дрво, кога ќе падне мрак ти наликува на призрак со раце, низ кои некој те гледа. 


КБ: Дело кое особено остава впечаток и се издвојува од останатите е „Омаж постветен на југословенскиот филм ’Животот е убав’ (’Живот је леп’)“. Која е неговата улога и поврзаност со останатите дела во кои доминираат животни?


Г: Таа слика е клучно поврзана за тие сублимации. Тој филм го имам гледано во различни периоди и порано ме плашел и сум чувствувал колку е сѐ тоа реално и мачно. Пред скоро повторно го гледав и го доживеав на два начиина. Првиот начин е тоа колку е тоа точно прераскажана состојба во која ништо се нема сменето. Филмот е направен според книгата на Александар Тишма „Насилство“ („Насиље“). Читав за филмот и прочитав дека првата работна верзија се вика „Насилство“ („Насиље“), втората “Не е моментот“ („Није тренутак“) и третата „Животот е убав“ ( „Живот је леп“). Значи Боро Драшковиќ сакаше и направи филм за нашето насилство, дивјаштво, алкохоличарство, малтретирање… Не можеше да направи филм за пошироката јавност, без сублимација. Значи не е „Насилство“ туку „Не е моментот”  и конечно кога ќе кажеш „Животот е убав“ навистина се случила сублимација. 


КБ: Освен изложбата, амбиентот беше збогатен од музика на „Иш и Јас“ (Марко Печеновиќ), која се совпаѓаше со делата. Дали музиката беше целосно препуштена на Марко кој ја избра да соодветсвува според неговите впечатоци или, пак, имавте удел во насоката во која ќе се движи?


Г: Марко немаше никакви насоки во однос на музиката за изложбата. Ние се запознавме на лице место, Билјана го покани да земе учество во изложбата со свој електронски сет, тој дојде, се постави и почна. И тоа е тоа. Ја имаше слободата да прави што сака и направи феноменална атмосфера. 

Изложбата ќе биде поставена во Музејот на Македонија до 24. јуни. Топло ви препорачуваме да ја посетите додека можете. Во прилог може да видите дел од атмосферата на отворањето на изложбата. 


Благодарност до Билјана Димитрова и Партизанска штампа

Фото: Јелена Белиќ


 


Comentários


bottom of page