top of page

Која е Артемизија Џентилески и зошто треба да ја знаеме?

  • Writer: Наде Циева
    Наде Циева
  • Jun 6
  • 5 min read

Во однос на сите дисциплини, науки и уметности, жените се прилично изоставен дел – тоа е поради немање право на образование во поголемиот дел од историјата. Поради тоа уметноста од антиката па сѐ до појавата на модерната уметност се третирала како занает, овозможило да се појават и издвојат неколку женски уметници. Затоа ликовната сосе применетата уметност била најчесто пренесувана како семејна традиција или во поразвиени центри преку школи и ателјеа. Кога се истражува и обработува историјата на уметноста, ретко или, пак, воопшто не се споменуваат имиња на жени уметници и покрај тоа што тие постоеле. Оттаму произлегува и лажната слика и перцепција дека не постеле жени уметници и нивната појава е исклучиво само во модерната и современата доба. Тоа е сосем невистинито, особено ако се земе предвид што новите истражувања на праисторијата укажуваат дека голем дел од праисториската уметност е создадена од страна на жени. Освен тоа, постојат и уметници и во следните епохи. На пример, во антиката најпопуларни се Тимарет, Артемизија I од Карија, како и Лала и Иаја од Кизк. Во средниот век значајни се монијатуристките Клариса, Гута, Енде и други, додека, пак, во ренесансата се издвојуваат Лавинија Фонтана, Софонисба Ангисола, Катарина ван Хемесен и Николозија Белини (која била сопруга на Андреа Мантења, која исто така доаѓа од семејство на уметници, поточно татко ѝ бил Јакопо Белини, а браќа ѝ биле Џовани и Џентиле). По овие периоди, следи барокот во кои твореле и живееле Џудит Лејстер, Мери Бил и темата на овој текст Артемизија Џентилески. 

„Сузана и старците“, 1610г.
„Сузана и старците“, 1610г.

Како и повеќето уметници, особено жени, Артемизија имала прилика да ја започне својата кариера во ателјето на сопствениот татко Орацио Џентилески. Орацио бил еминентен барокен уметник, особено во круговите во кои се брои како еден од најзначајните караваџисти (следбеници на стилот на Микеланџело Караваџо). Под закрила на Орацио, Артемизија уште од детски години почнала да се развива и да се изградува во ликовна уметница, се разбира под неговото влијание кое изворно доаѓа од Караваџо. Особено земајќи предвид дека самиот Караваџо бил пријател со Орацио, по што може да се дојде до заклучок дека Артемизија го запознала. Таа била родена во Рим, градот во кој се родил барокот. Логично, според горенаведеното, поради присуството во ателјето на татка си, Артемизија најверојатно на дванаесет годишна возраст почнала да се занимава со уметност, а на седумнаесет години веќе создавала дела кои имале висок квалитет. Такво едно нејзино дело е „Сузана со старците“ чијашто тема е старозаветна приказна, која во себе содржи приказ на суровиот живот на една жена во тогашното општество. Поради нејзиниот талент, татко ѝ го ангажирал уметникот Агустино Таси да ѝ биде ментор. Набргу откако Таси ѝ станал нејзин ментор, Артемизија на околу осумнаесет годишна возраст била силувана од него. По силувањето таа требала да се омажи за Таси, но тој го откажал венчањето. Како реакција на тоа, татко ѝ Орацио го тужел Таси за неисполнето ветување за брак, за силување кое во тоа време спаѓало во категоријата на оштетување на имот (камо да се шегував) поради тоа што била девица кога била силувана. Уште пострашно е методот на кој била испрашувана пред судот, а тоа било со бушење на клинци во нејзините прсти со цел да се утврди дали ќе биде променето нејзиното прераскажување на силување под дејство на силна болка и притисок. Иако, конечно по судење од неколку месеци бил осуден Таси, тој поради моќните конекции успеал да биде помилуван и да пребегне. За среќа, по судењето немала трајни оштетувања на прстите, благодарение на што можела непопречено да продолжи со уметничката кариера. Покрај тоа што таа во сурови услови се развивала како ликовна уметница, треба да се укаже на фактот дека таа е првата жена која била примена на Академијата за сликање и цртање во Фиренца.


Годината по која била силувана, во 1612 година, Артемизија го насликала делото „Јудита му ја пресекува главата на Холофрен“ што е повторно старозаветна тема и во чија заднина се крие отсликување на животот на самата уметницата. Ова дело се смета за новина и револуција во пристапот на кој се претставува Јудита. Во споредба со идеализираните и илузорни прикази за Јудита, каде што најчесто се претставува по злосторството со веќе отсечената глава, ова дело има спротивен карактер кој е далеку од пасивен. Начинот на кој Артемизија ја обработува темата е преку тоа што Јудита и нејзината помошничка се прикажани на ист начин на кои би биле и машки борци, т.е. во дејствието на самиот чин на убивање. За разлика од претходните стерилни претстави, оваа Јудита е крвожедна, сурова и, најважно од сè, храбра. На изразот на лицето ѝ се гледа нејзиното помирување со жртвата која треба да ја направи за да го ослободи нејзиниот народ и таа е потполно рамнодушна пред очите на нејзиниот окупатор.

 

„Јудита го убива Холофрен“, 1612-1613г.
„Јудита го убива Холофрен“, 1612-1613г.

Ваквата тема со женски херои, од митолошки и религиозни легенди и приказни, е најчеста меѓу делата на Џентилески и очигледната е мотивацијата за изборот токму на овие женски ликови како столбови на нејзиниот уметнички опус. Покрај Јудита и Сузана, други слични теми се делата „Лукреција“, според римската легенда во која Лукреција се самоубива пред сопствениот татко и сопруг, откако е силувана од римскиот крал Тарквин. Оваа легенда се смета за симбол на револуција, која наводно се подигнала против Таквин и монархијата во Стар Рим, по силувањето на Лукреција. Артемизија има најмалку четири дела во коишто Лукреција е самостојно насликана и го држи смртоносното оружје во рака. Особено е од голема важност оваа тема, имајќи предвид дека и самата Артемизија била жртва на силување и претрпела ужасни последици и тоа и во јавниот и во приватниот живот. Други женски ликови кои се појавуваат во делата на Артемизија се Марија Магдалена, Јавин како го убива Сисера, моментот на пронаоѓање на мртвото тело на Клеопатра, Данаја, Естер пред Ахасерос, Батшеба како го раѓа Соломон и други теми во кои, најчесто, јадрото на тематиката на делото е женскиот лик. 

„Лукреција“, 1625г.
„Лукреција“, 1625г.

Честопати кога станува збор за жена од која било сфера на наука и дисциплина, неспорно се напоменува фактот дека пред да е сè останато таа е жена, а нејзиниот пол и дава одредница и предиспозиција на темите и мотивите во нејзиното творештво и работа. Да, точно, неспорно е дека одредени категории и групи во кои спаѓаме како дел од колективот го градат и нашиот индивидуален карактер и профил и неспорно е дека овие нешта како пол, националност, раса итн. се влијателни, а на моменти се и клучни во исходот на нашата работа, особено кога станува збор за уметност. Но, сметам дека за да се истражува, анализа и разбере Артемизија, треба изборот на нејзините теми да се согледа не како огорченост или патетичност туку, напротив, како личен афинитет и пасија. Нормално е и природно, особено со оглед на околностите во животот на Артемизија, сами да извираат вакви теми и женски ликови во нејзиниот опус, но со цел нејзе да ѝ се оддаде почит и достоинство треба да се оттргнеме од патетичните и стереотипните претстави на напатени или огорчени жени. Артемизија ги претставува женските ликови во своите дела со иста монуметалност, значајност машките ликови кои се нивни пандани, не затоа што чувствува потреба да се рамни или докажува туку заради тоа што ја истакнува храброста и издржливоста кои дотогаш биле скромно и недоволно претставени. 


Yorumlar


bottom of page