Здраво на сите. За мај ви го спремивме албумот Blue Banisters објевен на 22ри октомври 2021та година од Lana Del Rey. Верувам дека сите имате слушнато за неа или барем една од нејзините песни со филмски гламор на американа од 50тите, како музиката да и е во сликите на Едвард Хопер и Норман Роквел. Овој месец ќе го обработиме нејзиниот 8ми албум, познат по интроспективниот текст.
Албумот има 15 песни, и трае 61 минутa. Има пијано, жичани и дувачки оркестрални инструменти и слоеви на гласовни хармонии, кои ја прават музиката многу просторна и на некој начин голема. Ако ветровите што веат низ градските фасади би имале глас, според мене тоа би било музиката од албумов.
Многу убаво кажано, ми се допаѓа изборот на зборови и начинот на кој што толку прецизно го опиша она што го чувствувам секој пат кога ја слушам Лана, а никогаш не сум можела да го ставам во зборови.
Искрено никогаш не сум бил фан на Лана и не сум ја слушал, но знам дека ти ја сакаш, па ќе оставам ти да ги одбираш песните кои ќе ги разговараме, односно песните што ти имале најсилен импакт.
Епа ајде ќе почнам со песната поради која што го одбрав албумов. Dealer во соработка со Miles Kane од The Last Shadow Puppets. Она што ми се допаѓа во оваа песна е динамиката што ја создаваат нивните два гласа. Поедеднакво многу се совпаѓаат исто колку што и секој глас се истакнува посебно. Звучи како рапавоста во гласот на Kејн да ја повикува рапавоста на Лана која не ја слушаме во многу нејзини песни. Иако Лана е прилично монотона и специфична во нејзините изразувања како музичар, ми се допаѓа начинот на кој што знае како да се адаптира на секој дует во кој учествува. Истото може да се каже и за Кејн, кој звучи различно во секој негов проект со други артисти. Мислам дека баш оваа нивна способност ги прави одличен комплементарен дует. Не би можела да замислам оваа песна да биде отпеана од било кои други двајца артисти.
Се согласувам. Многу неочекувана спојка, но многу си одговараат, не само гласовите, но и корените на нивните стилови. Почнува со типичен олд-скул рап ритам на тапани, додека долгите нежни ноти на сајзерот го разрешуваат истиот, со ритмичен бас и гитара која едвај се појавува во најнеочекувани моменти. Врз се тоа, како што кажа, доминираат рапавиот глас на Кејн и пискавиот глас на Лана кој звучи на некој очаен, изнервиран плач.
Морам и јас уште еднаш да го нагласам дерењето на Лана, кое се повторува неколкупати во песната бидејќи е извонредно моќен и ранлив во исто време и станувам сѐ понавлечена со секое слушање на песната. Првпат кога ја слушнав, се изненадив од гласот на Лана, затоа што не е нешто што вообичаено го претставува преку својата музика, меѓутоа навистина ѝ прилегаат високи ноти. Песнава ми е една од омилените на Лана затоа што навистина маѓепсува со целиот нејзин состав од инструменти, вокали, мелодија и текст.
Следна песна за која сакам да зборувам е Violets For Roses. Има типичен Лана Дел Реј наслов, инспириран од tumblr ерата од 2014, дури и ме потсетува на нејзиниот вторт албум Born To Die, меѓутоа според мене ништо од ова не одзема од длабочината на самата песна. Кај оваа песна сакам повеќе да се фокусирам на текстот. Никогаш раскинувањето со партнер не звучело поубаво отколку што звучи во оваа песна. Авторот во оваа песна вешто знае како да направи наивна слика од чувството кога ќе сфатиш дека си сменил многу значајни делови од себе за нечија љубов.
Строфите од песната ме потсетуваат на некоја жетварска песна за дете што раскинало за првпат со девојката што ја држел за рака на голем одмор, додека рефренот ми звучи „позрел“. Според тоа што го кажа ти и оваа моја споредба, доаѓам до заклучок дека раскинувањето ја носи истата тежина, како невиното држење за раце со различна личност во градинка, за мало дете е еквивалентот на суров развод на возрасен.
Целосно те разбирам, меѓутоа морам да додадам дека песната на убав начин го опишува она што следи по раскинувањето. Имено, се работи за моментот кога ќе преболиш некого и одеднаш се заљубуваш во работи што предходно не си ни ги приметувал, само ти стоеле замаглени во позадина. Тогаш сфаќаш дека љубовта што си ја давал на човекот никогаш не згаснала целосно, едноставно добила нова форма и сега си заљубен во животот, односно како што кажува текстот, во градот.
Морам да ја спомнам Interlude - The Trio, која вметнува делови од The Trio, музика компонирана од Енио Морикона за филмот The Good, The Bad And The Ugly од 1966. Ми се допаѓа тоа што самата песна не е толку изменета и, сепак, звучи на оригиналот. Сметам дека може да служи како подлога за идна соработка со други артисти, меѓутоа самото дело според мене е премногу кратко. Сепак, ми се допаѓа тоа што ни е послужено и ме интересира како би звучело доколку беше подолго.
Мене во оваа песна позитивно ме изненадува спојот на шпански музички елементи со хип-хоп битови. Не мислам дека треба да трае предолго, бидејќи сепак служи како интервал меѓу другите песни во албумот. Начинот на којшто при крајот почнува да избледува и да се стишува мелодијата ми делува на будење од трескавичен сон.
Доколку некој од слушателите сака да ја доживее песната квази-целосно, на ЈутЈуб може да најде продолжени верзии од песните направени од фанови во кои може да се најде исклучителна креативност, но секако, целосниот оригинал секогаш ќе биде подобар.
Наредната песна за која сакам да зборувам е If you lie down with me. Ова е една од многу ретките кантри песни што ми се допаѓаат, затоа што Лана има некаков начин да си го направи свој жанрот.
Баш си го прави свој, со тоа што го вози филмот на кантри а не е баш кантри песна.
А?
Па почнува како кантри, со типичен кантри глас и со текст за црвени чизми, виски, празници и идиом за јавање коњ, но после суптилно се префрла на „Лана поп“, односно тивки хармонии на клавир и гласни хармонии со глас. И кога веќе си навикнат на нејзиниот стил, не можеш ни да очекуваш дека месинг инструменти ќе лазат во позадината и наеднаш ќе ја преземат целата песна и мелодија и ќе ја вратат назад во џез ерата.
Да, мене ме наежи првиот пат кога приметив колку тајно се кријат дувачките инструменти зад гласовите, но јас би перферирала да бидат погласни, дека можам да си замислам дека така музиката ќе имаше сосема друга димензија.
Во главно што би кажал за албумот? Дали ти го смени мислењето за Лана Дел Реј?
Би рекол дека е токму тоа што го очекував од Лана Дел Реј; просторно мрачно, ама смирено со некои пријатни изненадувања фрлени измеѓу како шарени чоколанди струготини.
Ми се допаѓа тоа што ти се допаѓа албумот, хахаха. Јас би рекла дека со овој албум Лана излегува од нејзината школка како артист и вреди да се слушне тоа. Со ова ве напуштаме и ви посакуваме да ќе имате пријатно слушање. Се читаме нареден месец.
Comments