top of page

Хана и Борис во дијалог за албумот: In The Court Of The Crimson King - King Crimson

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • Apr 29, 2023
  • 4 min read

ree

Здраво на сите. Овој месец пак сме во пишана форма. За април ви го спремивме албумот In The Court Of The Crimson King објaвен на 10-ти октомври 1969-та година од бендот King Crimson. King Crimson е прогресивен рок бенд оформен во 1968-ма година во Лондон, Англија. In the Court of the Crimson King е дебитен албум на бендот и е објавен на истата дата една година по нивното оформување. Албумот се смета за еден од најраните и највлијателни албуми за жанрот на прогресивен рок.



ree

Албумот има само 5 песни, но секоја од нив е споена и испомешана со повеќе песни и резултатот од тоа се 45 минути полни со разновидна музика, од тивка амбиентална, па баладска рок музика се до експериментален рок. Во албумот може да се најде се од нежна мелодична флејта, до нападноста на саксофон и гитари што звучат на нервен слом.


ree

Многу ми се допаѓа што со албумот не се плашат да експериментираат со жанровите. Албумот почнува прилично агресивно со првата песна 21st Century Schizoid Man во која има елементи од психоделичен рок, ска и свинг. Начинот на кој што се слеваат овие жанорви ме става во искушение за она што ќе следи во самата песна.



ree

Ова е најпознатата нивна песна, со одличен наслов и тема на разговор; која всушност е апсурдноста на светските политички случувања. Доста обработена тема во тој период, но во песната е посочена на различен начин. Песната е репетитивна и деловите се повторуваат како песната да се врти во круг заедно со историјата што ја опишува, со некои интересни мелодии што мене ми звучат на детективска песна хахахах.

ree

Искрено песнава ја доживувам комично, како да е сатира на супер херојски песни. Ова чувство особено се истакнува со фразата која се провлекува низ целата песна и која го носи името на самата песна. Ми личи како да е некаков џингл со кој се претставува супер херој. Дури и самиот наслов 21st Century Schizoid Man ми звучи на име на карактер од некаков си психоделичен DC стрип.


ree

Треба да постои серијал за суперхерој со супермоќ на шизофренична епизода. Но до тогаш, ќе уживаме во нашите весници и нашиот театар на апсурдот.



ree

Веќе со втората песна се приметува динамиката на албумот што можам да ја опишам како шизофренична. Албумот зазема многу драстична димензија со флејтата која се јавува во песната I Talk To The Wind и дава впечаток на нешто што го доживувам како средновековна овчарска музика. Самата песна е многу бавна и меланхолична, но сепак многу смирувачка и ми создава некое нирвана чувство.


ree

Би рекол дека песната е осамувачка и интроспективна. Како да е за сите моменти кога се запрашуваш за иднината и се потсетуваш на минатото. Како во и самиот текст на песната, исправениот човек што разговара со доцниот човек, но всушност само разговара со ветерот.


ree

Следната песна Epitaph продолжува со истите меланхолични тонови, но има спротивната тема. Разговара за стравот од иднината, за несигурноста и за отпадот кој е неизбежен.




ree

Самата песна почнува многу гротескно, што ми се допаѓа, а потоа го менува расположението и влегува во меланхонија. Ваквата транзиција ме потсетува на ретроспективна сцена на хорор филм.





ree

Уу баш како сцената каде што умира омилениот карактер.






ree

Текстот е особено моќен и достигнува кулминација со стихот “Knowledge is a deadly friend”, прев. „Знаењето е смртоносен пријател“. Тоа што најмногу ме допира во овој стих е парадоксалноста на неговото значење. Зарем пријател може да биде смртоносен и каков би бил тој пријател ако ти носи смрт?


ree

Би рекол дека не ти носи смрт лично, но знаењето обично знае да ја убие магијата и фантазијата, додека токму тие се стварите што ни даваат живот. Мистеријата не’ прави да веруваме во духови и во подобра иднина, но знаењето ја отвара кутијата и мачката на Шредингер умира.



ree

Прониклив и длабок коментар морам да признаам. Имам многу што да додадам на тоа и мислам дека за самиот тој стих може да се зборува со часови, меѓутоа тоа да го оставиме за друг пат. Сепак, морам да додадам дека навистина ми е инспиративно кога само еден стих од една песна ја има таа моќ да поттикне длабока и долга дискусија.


ree

Четвртата, и последната песна за овој разговор е Moonchild, со приспивна мелодија и текст како од бајка. Односно, така почнува, потоа се јавува нежниот ‘звук’ на сонот, и звуци, како што некој би можел да замисли дека звучи некохерентноста на мислите и збунувачките случувања во самите сонови, или па сите звуци што се слушаат во текот на ноќта кога не можеш да заспиеш.



ree

Почетокот малку ме потсетува на Парни Ваљак, но сепак тоа не одвлекува од мрачноста на песната. Интересни ми се елементите на хорор кои се појавуваат и во првиот дел од оваа песна. Кога ќе се спојат мелодијата и текстот на песната, се чувствувам како авторот да раскажува хорор приказна базирана на урбана легенда за некоја осамена убавица. Дури и самиот наслов на песната Moonchild како да претскажува такво чувство.


ree

Како за крај, сакаме да оставиме една песна неопишана, имено The Court Of The Crimson King, бидејќи таа ми е омилена од албумот и сакам првото слушање да го искусите сами за себе.



ree

Откако ги разработивме поголемиот дел од песните од албумот мојата импресија за него е дека успешно си поигрува со сликите, жанровите и емоциите. Во албумот можат да се најдат и психоделии и шизофрении и хорори и суперхерои и детективи и џезови па дури и круната на кралот (читај Crimson King)



ree

Тоа е прекрасно опишан завршен впечаток. Ви благодариме на читањето, и се надеваме дека ќе имате прекрасно слушање и ќе искусите нови емоции кои не би можеле ни да пробаме да ги доловиме.


Се гледаме, слушаме и/или читаме нареден месец.


Comments


bottom of page