top of page
Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

Хана и Борис во дијалог за албумот „Далеку од вистинското нешто“ од Луфтанза

Х: Добредојдовте, дечки во овомесечното издание на нашата рубрика, се надеваме дека ве наоѓаме во добро расположение. Во март во фокус ја ставаме македонската алтернативна сцена и групата која според мене е водечка во новиот бран на свежа македонска музика. Се работи за составот Луфтанза и во пресрет на објавувањето на нивниот нов албум решивме да зборуваме токму за него, односно за „Далеку од вистинското нешто” кој излезе 30. март.


Албум кавер (с) Камелија Каламерникова

Б: Првин сакам да им се заблагодарам на дечките што ни го дадоа првиот албум на новиот лејбл Мртов коњ некој ден порано за да ја напишеме рубрикава, но, сепак ќе се потрудиме да останеме објективни, бидејќи станува збор за наши пријатели.

ЕДЕНДВАТРИЧЕТИРИПЕТШЕСТСЕДУМ



Х: Уште од самиот старт, во песната „На мајка ми ѝ е доста од нас“, се среќаваме  со експлозија на звуци, тивки гласови, моќни, темни хармонии и мелодија која постојано се криви, крши, еволвира и метаморфизира преку најдобрите транзиции.


Б: Песнава е збир на милион едноставни шеми и мелодии, кои се спојуваат во неколку целини што го чешкаат делот од грбот што не можеш да го докачиш со раце. Со секое слушање сѐ повеќе и повеќе откривам за песнава, но најмногу сакам да ја истакнам играта на тапаните и саксофонот.


Х: Особено во последната минута и пол од песнава што е толку мрсна што ќе ве натера да ги згужвате усните и да движите со главата како гулаб, но во целина песнава ја доживувам како омаж на секој музичар што некогаш им има оставено впечаток на Луфтанза.


Б: Следната песна во албумот е „Сидарта“.

Х: Поради некоја причина песнава ми е многу носталгична. Стилот е многу карактеристичен за почетните денови на бендот, односно, ми звучи како да е песна од првиот албум, но порасната на некој начин.


Б: Те разбирам, и поради тоа песнаава се контрастира од остатокот на албумот, но искрено тоа може да се рече и за секоја песна и секој компонент на секоја песна од албумов.


Х: На пример, што би рекол дека се компонентите што прават контраст во песнава?


Б: Па, гласот пее како да раскажува басна, гитарите си играат со него и меѓусебно тапаните се целосно олд скул хип хоп, а басот е фанки како Џејмс Браун.


Х: Скроз, се добива целина поголема од збирот на индивидуалните елементи, впечатливо и во следната песна „Патот по нозе“



Б: Во оваа песна не нуркаат длабоко во непознатите длабочини на водите што мислиме дека ги знаеме. Не знам дали има смисла, но песнава звучи како што би замислил дека звучи. Да трчаш низ планини со патот нагоре, заморот, застанувањето да го видиш погледот кога долго време не си го направил тоа и адреналинот, односно, тоа што на англиски го викаат ‘second wind’.


Х: Самата песна е како процес и мислам дека текстот и мелодијата ја поддржуваат таа мисла. Тоа ти што го опишуваш како погледот, јас би го опишала како откритие или просветлување, навистина е толку моќен дел и дава чувства на религиозно ниво.


Б: Мора да ја слушнете за да нѐ разберете, а следна песна за која што ќе зборуваме е „Камелеонски кожи“.



Х: Песнава е едноставно забавна за слушање, како да го гледаш омилениот филм одново и одново но, сепак, е свежа, возбудлива, моќна и луда.


Б: Многу е моќна, и многу е тешко да се каже за точно која од која песна повеќе се истакнува, но мислам дека „Камелеонски кожи“ е најдоброто нешто што има излезено од Луфтанза.


Луфтанза: Виктор Стојановски, Андреј Димовски, Мартин Џорлев, Иво Николовски, Лука Јованоски, Раде Биковски (с) Стефан Самандов

Х: Не сум сигурна, бидејќи албумов сѐ уште им е свеж и допрва ќе почнеме да откриваме новитети, но мислам дека и јас се согласувам на начинот на кој Вашингтон е главен град на САД, а Њу Јорк е главен град на светот, омилена песна од албумов ми е „Патот под нозе“, а „Камелеонски кожи“ ми е омилена општо.


Б: Тешко е да се опише песна што те остава без мисли, а не пак зборови.


Х: Само сакам да спомнам дека дополнителните гласови, на Александра и Лила, ја прават толку впечатлива песнава, но и за албумот во целина е кулминацијата на сите индивидуални проекти на членовите. Лудите ритми и гитари на Корпорација вагина, моќта на Харикири, игрите на Дивоградба, длабочината на Стој, после и сѐ останато. 


Б: Секој член креативно се изразува и истакнува, и тоа што го спомна Хана за нивните песни мислам дека важи и за нив како група, дека прават целина поголема од збирот на индивидуалните членови.


Х: Толку имавме ние да кажеме овој месец, се надеваме дека ви се допадна. Во оваа прилика сакам да ги поздравам пријателите од и надвор од Луфтанза кои се  заслужни за овој проект и кои неисцрпно работат со сѐ што имаат и немаат за да ја одржуваат македонската алтернативна сцена во живот. А за вас, читателите, имам порака да слушате македонска музика, не затоа што е македонска туку затоа што е добра. 


Б: И јас сакам да кажам дека ова беа само 4 песни од новите 9 неверојатно добри песни. Ова е фронтот и пикот на македонската алтернативна сцена и подалеку. Сакаме да им честитаме за трудот и да им посакаме среќа на турнејата. Не сме спонзорирани, но поддржете ги и купете некоја маица, и поздрав до Гола планина и Мртов коњ.


Х: Фала што нѐ читате, се читаме пак наредниот месец.


Целиот албум преслушајте го ТУКА!

ความคิดเห็น


bottom of page