top of page

Јули со Стефан Спасовски: Избор поезија од „Ќумур смоквин млеч“

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Jul 8, 2025
  • 2 min read

ВРЕМЕТО НЕ МИНУВА


Гледаш сини булки крај патот,

гробје со мрежа на пајак,

отаде се слуша тропот

и велиш: Бидуваше ли?

Гледаш ноќта ден станува,

очите ти ги пројадува,

тропотот близу ти нагазува

и велиш: Зар jаc сега?

Гледаш повторно се очудуваш

на печурките во шумата чудна,

тропотот пред нос ти е

и велиш: Штотуку нѐ прегазија.

Гледаш времето не минува,

а дренот расцветува,

тропотот си замина

И велиш: Чуму ли е слободата?



ЌУМУР СМОКВИН МЛЕЧ


В дамнина гори

и млечот нѐ пече

– прв убод од пеперуга.

И ние летај вис

како дим од смоква

што за првпат гори

од ново време

за нов почеток и крај.

Од новина на погибел.

Гори,

димува,

лет од смокви,

само сон смокви следи.

Дим душа дувна в дом.



ГРАДОТ СЕ ТОПИ


Шеќерна волна

во устата

на едно палаво дете.

Скриј ја од дождот,

скриј ја од сонцето,

скриј ја од ветрот,

скриј ја од себе.

Скриј го детството палаво.

Затвори уста да не чуе никој,

затвори очи да не видиш содома,

затни го носот со бубаќ

да не осетиш дим.

Ќе те крштаваме тебе да бидеш ист,

па макар бил ти атеист.

Градот се топи ко восок од пчела

која го боцна детето во мене,

не оставајќи трага

по еден поминат ден.



МАГЛА


Те барам во сивилото на маглата

која штотуку ја прогласија за мртва.

Бев онаму, под дабот кој сега не се гледа.

Со шумот на листовите се создавав

за само еден ден и мене да ме прогласат

мртов.



ИЗМИСЛЕНИ СУШТЕСТВА


Во подземните корита се капат

црните магии на задоволствата.

Тие се изумрени божества, пророци,

натрапници

во кои верувале подземните коски.

Сега тие се измислени суштества

кои ноќум скришно шетаат

по балконите и нашите тераси.

 
 
 

Comments


bottom of page