top of page

„Карл и генерациите со светки во џебовите“ од Ивана Јовановска

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 20 hours ago
  • 1 min read

КАРЛ И ГЕНЕРАЦИИТЕ СО СВЕТКИ ВО ЏЕБОВИТЕ 


Карл, мојот пријател од Холандија

дојде на Балканот да му ги покажам

генерациите со светки во џебовите

во маглива и болежлива скопска вечер

додека сите се вртат кон десно

Карл забележува дека надежите ни останале

на сцената на едно дрeг шоу кое заврши пред три часа.


Карл прашува што нè спречува

да дишеме чист воздух, да имаме полн фрижидер, да се веселиме

зборува за евопскиот пасош и нашата перспектива

Карл не знае каква е нашата балканска болка

која е иста во Скопје, Сараево, Белград и Загреб

која ги надминува ѕвездичките на синото знаменце 

која ни вели – доаѓате од отпадот на Европа

за вас останува она што е последно на располагање. 


Карл гледа дека ги бројам парите за автобус и пресметувам

и мисли дека треба да ми позајми пари

а јас му велам – никако, нашето гостопримство

 нема да го плати ниту една цена.


А да се омажиш за мене? - ме прашува

во бракот го гледам решението за твоите проблеми

кутриот Карл – не знае што мислам за оваа институција

кутриот Карл – би сакала да знам од што бега неговата студена надворешност

кутриот Карл се воодушевува што сум дел од малите книжевности

мисли дека локалниот контекст на поезијата од Балканот е поважна од кога било

Карл сака да нè чита, да не разбере да ни помогне

пред да го фати авионот за Утрехт следниот ден во 4 наутро.


Среќен ти пат

драг Карл Јохансен

се прашувам дали повторно по грешка ќе слеташ во Скопје некогаш?



Насловна фотографија: Ерина Богоева

Comments


bottom of page