top of page
  • Writer's pictureАндреј Сивески

Ќе го обожувате овој албум: „You’re going to hate this“

„The Frights“ се американски инди бенд кој со секој нов албум избира нов музички правец со кој експериментира, меѓутоа секогаш задржувајќи ја способноста да создава запаметливи поп песни. Откако ги издадоа првите изданија и нивниот деби албум, Frights постепено стекнаа слава во рамките на независната музичка сцена во Америка, сѐ до 2015 кога свиреа заедно со FIDLAR и се спријателија со Зек Карпер, фронтмен и продуцент на FIDLAR. Заедно со него го снимија едниот од најважните албуми во гараж-сурф панк сцената, кој ќе ја разбие нејзината монотонијата со вметнување на секакви влијанија вклучувајќи сурф, панк, поп, електроника и инди рок.


Албумот започнува со „All I Need“ што служи за споредба на звукот кој веќе го имаа со оној нов звук кој го истражуваат, и тоа во самата структура на песната. Од строфа до рефрен и од почеток до крај песната е полна со храбри транзиции кои си поигруваат со структурата на песната.


„Kids“ е наредната песна, што претходно ја имаа снимено во нивниот стар стил на свирење. Всушност, воопшто не била планирана да биде на албумот, меѓутоа Зек го кандисува бендот да ја пресними песната заради нејзината запаметлива поп мелодија и квалитет. Кога ќе се спореди оваа верзија со првата верзијата на песната, може да се забележи колку многу придонела продукцијата на Зек во создавањето на новиот звук на бендот и албумот. Неговата експертиза најверојатно се појавила благодарение на неговата диета, составена од кафе и путер измешани во „нутрибулет“ наутро и еден мал оброк навечер, секако, направен во „нутрибулет“.


Со „Afraid Of The Dark“, „Haunted“ и „Growing Up„, „Frights“ покажуваат дека можат да создаваат онаква музика како што сакаат, а не како што се очекуваат од нив, со тоа што единственото нешто што ги поврзува овие песни е лесно препознатливиот глас на Мајки Карневале.


Уште една песна која го прави ова е „Puppy Knuckles“. Оваа песна е убедливо најчудната и неочекувана песна на албумот, со својот синтпоп/електроника звук, кој Зек го предложи откако целосно ги избриша сите инструменти во песната со исклучок на тапаните и вокалите. Меѓутоа не е тешко да се замисли како би звучела песната во нивниот типичен стил на свриење заради тоа што беше издадена како сингл (заедно со наредната песна во албумот) во 2014.


„Tungs“ е „хитот“ на овој албум кој најпрво беше издаден во претходно споменатиот сингл. Песната е жива, со звук и ритам инспириани од денсхалот на 70тите и богати вокали кои се тивки сѐ до рефренот, каде што тонат во рајско ехо.


На самиот крај на албумот започнува неговата кулминација со претпоследната песна, која го носи и името на албумот – „You’re Going To Hate This“. Песната, како и повеќето песни на албумот, нѐ занесува со динамична соло гитара, типични „Frights“ вокали од Мајки и Ричард и цврста ритам секција.


Албумот завршува со тивка и емоционална песна „Of Age“, во која со помош на експериментален (и неетички) метод на Зек, целосно се доловува емоционалната состојба на Мајки. Методот во прашање е пиење на алкохол во количини кои можат да бидат фатални. Меѓутоа, со помош на овој метод бендот успеа да ја направи најубавата песна што ја снимиле.


Благодарение на својата поп страна, „Frights“ со овој албум целосно ги обработуваат прашањата што ги носи носталгијата, без да влијаат на само една група на слушатели.


125 views
bottom of page