top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Март со Милош Б. Андоновски - Ретроспектива на претстави

Јас, Селма (2018, Младински културен центар)


Режија: Милош Б. Андоновски

Игра: Симона Спировска


Во не толку далечна иднина во Скопје, пристигнува бегалка по има Селма. Таа е единствената што успеава да ја премине македонско-грчката граница, дента, кога медиумите објавуваат дека границите се затвораат и ниту еден мигрант нема да може да влезе во државата, макар само и да помине низ неа.


„Првенче на младиот режисер Милош Б. Андоновски, монодрамата „Јас, Селма“ е приказна за младата бегалка Селма и актерката Симона (дел од култната претстава „Нашиот клас“ како и од невладината организација Артопиа која успешно се пробива на алтернативната театарска сцена). Монодрамата е жанр кој е нетипичен за прво поставување што го прави потегот на режисерот за почеток на својата кариера да режира токму монодрама исклучително храбар, но успешен. Успешен поради тоа што приказната допира онаму каде што е наменето, во човечкото, за жал подзаборавено, кај секој гледач. Успешен поради тоа што публиката излегува од претставата со очи полни солзи и разбудена совест“. (Ивана Панчевска, гледај.мк)


Фото: Иван Момировски


Физика на тагата (2018, НУ Театар Куманово)


Според романот на Георги Господинов

Режија: Милош Б.Андоновски

Играат: Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимова и Симона Димковска


Експеримент. Неистражен терен. Пионери во обидот да се најде врска меѓу физиката и тагата. Седум физичари влегуваат од приказна во приказна, водејќи се по романот на господинов со намера да ја откријат мерливоста на тагата и со тоа да остварат нови практики во физиката.


Претставата физика на тагата во режија на Милош Б. Андоновски преку забавен начин растажува и преку едноставност задлабочува.

Како тагата се пренесува од лични приказни на трети лица до ликови кои сами ги интерпретираат мивните приказни.


„Тагата е во оној што набљудува, а не во објектот на опсервација “ романот на Георги Господинов нуди многу начини на сценско прикажување која на различен начин ја отвара темата на тагата , а претставата во Кумановскиот Театар е една перспектива од лавиринтот на можности

Фото: Наташа Вчкова


„Знам колку е тешко и ризично да се постави на сцена „Физика на тагата“, роман што е изграден како лавиринт, не во пространството, туку поскоро во времето.


Потребна е огромна доза храброст и за таа храброст ќе им се заблагодарам најпрво на режисерот, драматургот и актерите. Претставата го пронајде својот клуч кон темата – физичари што ги пресметуваат параметрите на тагата низ приказните во „Физика на тагата“. Книгата од која изникна оваа претстава е и објект внатре во неа, буквално физички објект. Овој физички пристап кон книгата и кон тагата е доста смел и интересен. Има ли тагата боја, мирис, маса, својства... Може ли да биде дефинирана? Дали таа се наоѓа во самиот објект, дали е дел од она што го набљудуваме или поскоро живее во окото на оној што набљудува? Всушност, претставата ги истражува овие сериозни прашања. Според тоа, ова е театар-лабораторија, работилница. И, се разбира, конечното спознание вели дека само низ личните приказни, што раѓаат емпатија можеме да ја спознаеме тагата. Или поточно, низ личното спознание на тагата можеме да почувствуваме емпатија и разбирање кон другиот.


Милош Б. Андоновски направи претстава што не се плаши да влезе во различните форми на жанрот. Најубавото нешто во оваа претстава е дека таа не се плаши да зборува со восхит за нештата од животот. Восхитот со кој актерите влегуваат во различните приказни може дури и физички да се почувствува. Претстава за минотаурите во нас што чекаат да бидат раскажани“. (Георги Господинов; прев. Душко Крстевски)


Хамлет (2018, Театар на Навигаторот Цветко/Кино Култура)


Според „Хамлет“ на Вилијам Шекспир

Превод: Богомил Ѓузел

Драматургија: Ивана Нелковска.

Играат: Симона Спировска, Мартин Манев, Симона Димковска, Горан Ников, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Јеткин Сезаир и Дени Стојанов

Кореографија: Александра Петрушевска,

Музика: Александар Гроздановски

Костими: Марта Дуфне

Фото: Сашо Алушевски


„Безвременскиот Хамлет непрестано ги поставува своите прашања, ги менува своите форми на сцените низ светот, за во Скопје, во 2018 година, да го заземе сегашниот изглед и да поставува прашања за времето што било и за времето што е сега“. (Ивана Нелковска)

„Прашањето кое се поставува е ‘Како да бидеме?‘ Претставата е истовремено и мека и цврста, и елегантна и груба со својата жестокост. Ова е прва независна постановка на ‘Хамлет’ во Македонија и го прикажува политичкото будење на младиот човек“ (Милош Андоновски)

Семејни приказни (2019, НУ Театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп)

Автор: Биљана Србљановиќ

Режија: Милош Б. Андоновски

Играат: Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Катерина Чакмакоска Клинческа и Димитар Црцороски

Сценографија: Наташа Вчкова

Костимографија: Марта Дуфне Јосифовска

Фото: Наташа Вчкова


Во текстот на српската драмска авторка Биљана Србљановиќ станува збор за игра на четири деца во која постепено се откриваат лични семејни приказни, односот на родителите, семејното насилство, политичките метастази, како и целиот општествен контекст, воопшто.

Претставата „Семејни приказни“ ја има добиено НЕТА Наградата за севкупно уметничко остварување на Фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“ - Струмица

Без авторски права (2019, Театар на Навигаторот Цветко)

Драматург: Ева Камчевска

Режија: Милош Б. Андоновски

Играат: Јеткин Сезаир, Ангела Стојановска, Јанка Лефкова

Костимска изработка: Раде Василев


„Претставата со наслов БЕЗ АВТОРСКИ ПРАВА© зборува за заминувањата и враќањата, наши и сечии и никогаш не трае час и триесет минути. Некогаш трае подолго, некогаш пократко, во зависност од тоа колку сте подготвени да слушнете како. Наместо осврт кон претставата, ќе споделам една лична приказна:


Дома, уште кога бев дете, си остававме пораки на ливче со моите на трпезариската маса. Пораки од типот: ‘Јади од ручекот во фрижидерот’, ‘Ќе се вратиме од работа подоцна денес’, ‘Исклучи го бојлерот’…

Бев четврто или петто одделение и еден ден, решив да се пошегувам со мајка ми, па пред да излезам од дома ѝ оставив порака: ‘Мамо, јас заминав за Америка и нема да се вратам.’ Всушност, тргнав кај некое другачре од одделението за да вежбаме математика.


Мајка ми се вратила дома после работа и нормално, за малку што не доживеала срцев удар. Сè додека еден ден… не одлучив да ја (по)ставам оваа приказна на сцена.“ (Милош Б. Андоновски)

Фото: Кристијан Караџовски


„Приказната за три навидум различни животни патеки со богатство од разни емоции од кои гледачот може да избира е стожерот на претставата. Тие како целина се врзани во нишката на човечкото, емпатичното, секојдневното, правилното и неправилното, секоја од нив содржи сопствен хумор и тага. Но, оставаат и простор за мал сомнеж кај гледачот на почетокот на претставата кој со менувањето на приказните се ослободува, пред сѐ поради стравот од недоволно брзо идентификување на заедничките точки во трите приказни. Ангела, Јеткин и Јанка ги поврзува прашањето за домот, прашањето за семејството, напуштањето и личната криза во (не)слободниот простор. Текстот им овозможува на актерите лесно и храбро да ги истражуваат своите граници и ги предизвикува на поголема храброст во однос на ваквиот тип изведби, ги повикува на директно соочување со емоцијата од публиката под запалени рефлектори и уште подлабоко допирање во себеси. Малите паузи помеѓу минувањето од еден во друг наратив сe потребно време што на гледачите им овозможува да побараат повеќе од една или од друга исповед, да креираат очекувања во однос на она што следува, а кои потоа во сооодветно време ќе бидат скршени, време за гледачите да бидат со себе одговарајќи сами на прашањата што без авторски права слободно ќе ги преземат од она што го гледаат.“ (Ивана Јовановска, окно.мк)

Иднината е приватна (2020, Пресврт)

Текст и режија: Милош Б. Андоновски

Играат: Ангела Стојановска, Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Дарко Ристовски, Нина Елзесер и Христијан Поп-Симонов како гласот на Адам

Продуцент: Петар Антевски

Костимограф: Ирина Тошева

Асистент костимограф: Катерина Блажевска Тошева, Модно студио Ле-Те

Сценограф: Наташа Вчкова

Изведувач на сценографија: Велко Бебековски

Музика и анимации: ИСКРА

Виктор Андоновски | Михаил Наумов | Владимир Петковиќ | Бобан Крстев

Снимање и монтажа на звук: Христијан Поп-Симонов

Стрим: Пирка

Борис Ралев – камера | Петар Даутовски – асистент на камера | Петар Мукоски – стрим техничар | Дамјан Миновски – продуцент

Шминка: Виктор Мирчевски

Позајмени гласови: Јасмина Василева, Симона Димковска, Слаѓана Вујошевиќ, Јанка Лефкова, Благојчо Стојанов, Илија Волчески, Никола Наковски, Емине Халил, Драгана Гунин, Наташа Вчкова, Петар Антевски, Милош Б. Андоновски, Марија Лукаревска.

Фотограф: Ерина Богоева

Дизајн на постер: Бојан Матејин


Проектот ИДНИНАТА Е ПРИВАТНА е првиот проект на Пресврт. Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат, која е позицијата на човековата приватност? Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки. Поставена во далечната иднина, претставата „Иднината е приватна“ зборува за живот оформен од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили.

Фото: Ерина Богоева

„Откако ја гледав претставата неколку пати (во живо од Денсинг салата во МКЦ, онлајн стримот на премиерата и снимката од истата), долго време се прашував – дали и колку е ова театар во веќе познатата смисла на зборот? Како знаеме дека нешто е театарска претстава, а не, на пр., краток филм? Дали е (по)важно присуството на неколкумина гледачи во гледалиштето или подготвувањето на мизансценот, земајќи ја предвид нивната гледна точка? А што со публиката која го следи онлајн стримот од претставата и чии „очи“ се камерите поставени во просторот за игра? Или пак гледачите кои ја гледале снимката од претставата? Во овие месец дена активно размислување за „Иднината е приватна“, (очекувано) не стигнав до финален одговор на овие прашања, ниту севселенски точна дефиниција за театарска претстава која би ги опфатила апсолутно сите можни форми на театар. Сепак, неизбежен ми се чини заклучокот дека речничкото дефинирање на уметничката форма и не е толку важно, далеку поважни се експериментирањето и истражувањето на општо прифатените граници. Поради ова, во период на насушна потреба за културни настани во секоја форма, неизмерно се радувам на пркосот на Пресврт и нивната одлука да се впуштат во целосно непознати води и да понудат една нова и флексибилна дефиниција за театарска претстава во Македонија.“ (Јована Ѓорѓиовска, гледај.мк)


Скопјани (2022, Театар за сите)


„Скопјани“ е колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска

Режија: Милош Б. Андоновски

Играат: Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов и Ангела Стојановска.

Драматургија и драматизација на расказите: Ивана Нелковска и Милош Б. Андоновски Драматургија на личните приказни: Ева Камчевска

Костимографија: Ирина Тошева

Сценографија: Мартин Манев.


Претставата „Скопјани“ е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје. Оваа претстава не зборува за „Старо Скопје“, за ослободувањето на Скопје, за земјотресот и Кензо Танге, туку за градот денес. Го согледува односот на локалците и дојденците, нивните перцепции за градот, нивните недоразбирања и соживот. (Милош Б. Андоновски)

Фото: Атанасија Гулевска

„Скопјани“, како што се истакнува и во самата претстава, не е претстава за старо Скопје, ниту за скопскиот земјотрес, ниту исклучиво за скопјаните родум од Скопје. „Скопјани“ е претстава за сите кои живеат во Скопје, за сите кои се идентификуваат со Скопје, за Скопјаните и од Центар и од Влае, и од Велес и од Кочани, и од скопскиот Карпош 4 и од кумановскиот Карпош 2. „Скопјани“ е директен приказ на реалното секојдневие во Скопје, на студентскиот живот, потрагата по сместување, судирот на различните сфаќања на градот, културата во сообраќајот, во театарот, во агенциите за изнајмување станови, во кафана, секаде – секој аспект проанализиран во детаљ.

А ваквата анализа каде би се случувала на друго место ако не на софра заедно со комшиите. Сите седнати на маса, поставена централно во просторот, со публиката околу, заплетот започнува токму во дискусијата за руската салата – дали има мајонез или е туршија. Со сеприсутен хумор, боцкави теми кои можат да предизвикаат непријатност и кај „едната“ и кај „другата“ страна и со коментари кон сè што се случува во македонското општество – „Скопјани“ успешно го портретира истото и придонесува кон укинување на вечниот раздор: староседелци – новодојденци“. (Андреј Медиќ Лазаревски, Култура Бета)






댓글


bottom of page