Кога Милош Б. Андоновски се потпишува зад режијата на некоја претстава тогаш знаете дека очекувањата за претставата треба да се дигнати на (по)високо ниво. Така беше и со претходните претстави на Милош и „Театар за сите“, така е и со „Скопјани“. Андоновски и секогаш уредно одбраната актерска и продукциска екипа уште еднаш покажуваат дека алтернативниот театар може да биде рамо до рамо со конвенционалниот т.н. државен театар, па и неретко покажуваат дека алтернативниот театар е носечки судејќи според квалитетот на преставите кои ги создаваат.
„Скопјани“ е претстава која е комбинација на драматизација на расказите на Оливера Ќорвезироска кои се дел од „Улиците што ги нема“ и лични приказни на самите учесници во претставата. Претставата е во режија на Милош Б. Анодоновски, драматургија и драматизацијата на раскази е на Ивана Нелковска и Милош Андоновски, драматургијата на лични приказни е на Ева Камчевска. Зад сценографијата застануваат Мартин Манев и Симона Димковска, а зад костимографијата Ирина Тошева и Ива Ивановска. Актерската екипа ја сочинуваат Ангела Стојановска, Нина Елзесер, Јанка Лефкова, Филип Христовски, Виктор Велевски и Христијан Поп-Симонов.
„Скопјани“, како што се истакнува и во самата претстава, не е претстава за старо Скопје, ниту за скопскиот земјотрес, ниту исклучиво за скопјаните родум од Скопје. „Скопјани“ е претстава за сите кои живеат во Скопје, за сите кои се идентификуваат со Скопје, за Скопјаните и од Центар и од Влае, и од Велес и од Кочани, и од скопскиот Карпош 4 и од кумановскиот Карпош 2. „Скопјани“ е директен приказ на реалното секојдневие во Скопје, на студентскиот живот, потрагата по сместување, судирот на различните сфаќања на градот, културата во сообраќајот, во театарот, во агенциите за изнајмување станови, во кафана, секаде – секој аспект проанализиран во детаљ.
А ваквата анализа каде би се случувала на друго место ако не на софра заедно со комшиите. Сите седнати на маса, поставена централно во просторот, со публиката околу, заплетот започнува токму во дискусијата за руската салата – дали има мајонез или е туршија. Со сеприсутен хумор, боцкави теми кои можат да предизвикаат непријатност и кај „едната“ и кај „другата“ страна и со коментари кон сè што се случува во македонското општество – „Скопјани“ успешно го портретира истото и придонесува кон укинување на вечниот раздор: староседелци – новодојденци.
Сето ова успешно се реализира преку одличната актерска игра на избраната актерска екипа кои и преку расказите на Ќорвезироска, но и преку своите лични приказни и истражувањето кое беше направено со публиката претходните месеци – „Скопјани“ ги покажува скопјани како не треба да бидат и токму преку тоа потенцирајќи дека Скопје треба да е град за сите. На крај, тој раздор меѓу комшиите скопјани и комшиите „скопјани“ се издигнува на „повисоко ниво“, та низ претставата, можеби и непотребно, се провлече и критика кон општата политичка ситуација во земјата.
Но сепак, „Скопјани“, Милош и „Театар за сите“ успешно покажуваат дека алтернативниот театар кај нас е во сè поголем подем, станува сè повидлив и добива сè поголема поддршка, а „Скопјани“ на сите уште еднаш повторно ни посочи дека Скопје сите треба да го чуваме, но и во другите градови во земјава конечно некој да вложува и да ги развива и да им се даде светлото кое го заслужуваат зашто Македонија не е само Скопје.
Фото: Атанасија Гулевска // преземени од официјалната facebook страница на „Театар за сите“
Статијата е објавена во вториот број на „Умник“ - студентско културно списание на Факултетот за ликовни уметности во Скопје
תגובות