top of page

ОВА ОПШТЕСТВО Е ТРУЛО!

Writer: Андреј Медиќ ЛазаревскиАндреј Медиќ Лазаревски

Ова општество е труло! Ова општество е гадно! Ова општество системски нѐ убива и нас и себеси! Ова општество е труло и само последнава недела ни даде дури четири огромни причини за јавни реакции, а проблемите се мноштво ако ги земеме предвид сите индивидуални борби кои секојдневно ги водиме со овој систем. Систем за кој е тешко веќе само да се кажува дека е расипан, туку е систем кој ги втурнува сите граѓани во гнев, во бес, во очај, во тага, во апатија, во незадоволство.


  1. Уште еден млад живот. Згасна. 


Огромен гнев нѐ обзема сите од убиството на уште една млада девојка на Партизанска. Уште поголем гнев кога дознавме дека девојка е убиена од некој кој зад себе веќе има криминално досие, од некој кој има дузина сообраќајни прекршоци, од некој кој имал дузина пријави и од некој кој очигледно е заштитуван од некого и кого овој систем корумпирано и бесрамно не го процесуирал и го заташкувал секој проблем одново и одново. И како да не си го поставиме прашањето, зарем ова не можеше некако да се спречи? Како беспомошно и исплашено да не си го поставиме прашањето: до кога овој систем ќе дозволува невини граѓани да умираат само поради нечија неажурност, корумпираност и неактивност? Колку одново и одново ќе се запрашуваме, очајно, ќе се запрашуваме – до кога ќе го оставаме системот сите да не убива!? 


Важно е да знаеме дека ова не е трагедија. Ова е убиство. Некој со умисла, под некакво дејство, влегол во автомобил и на Партизанска дигнал 130 на саат и згаснал уште еден млад живот. И сакаме правда, и ќе сакаме правда. Сакаме правда и за Фросина и за сите луѓе кои низ годиниве умираат од истите причини на улиците. Затоа, на граѓански протест, во 13 часот, на пешачкиот кај Универзална сала.


  1. Критичко мислење преку математика и физика


Се чувствувам како после ова трагично убиство да немаме право да зборуваме за било кој друг проблем. Но истовремено чувствувам огромна одговорност дека мораме да зборуваме за секој проблем, оти апатичноста и игнорирањето на проблемите не нѐ води кон ништо. 


Новата предлог-концепција за реформите во гимназиското образование ја бранува јавноста веќе цела недела. Со реакција излегоа речиси сите засегнати страни. Сите реакции – против концепцијата. Концепцијата која целосно го подрива концептот на гимназија, која подразбира сеопфатно образование, кое треба да изгради млада индивидуа која ќе има пред сѐ општа култура, познавање од различни науки и дисциплини и која ќе даде доволно соодветни предзнаења како отскочна даска за продолжување во високото образование и во животот. Со новата концепција таа широка лепеза на науки и дисциплини целосно се стеснува и се насочува пред сѐ на природните и техничките науки и математика, а корпусот општествено-хуманистички предмети се маргинализира и речиси целосно се сведува на изборност.


Според овој предлог, предметите логика, етика, педагогија, компаративна книжевност и други целосно се отстрануваат од програмата за гимназиско образование, а предметите философија, социологија, економија и други се ставени како изборни предмети со почетно изучување (2 часа неделно). Со вака конципирано образование, концепт со кој на учениците не им се нуди задолжителен преглед на општествено–хуманистичките, философските, моралните и слични на нив проблематики е концепт кој го подрива, го гази, развојот на критичноста и критичката мисла кај младиот човек и е концепт кој им ускратува на средношколските запознавање со теми кои се пресудни за личносниот развој и теми кои ќе им дадат доволно знаење за да можат да се справуваат со главните општествени предизвици што се појавуваат во текот на животот. На сето ова, министерката за образование и наука возвраќа со ставот дека критичко мислење се развива и преку математика и физика. Е=mc2?


  1. Ако државата нема, студентите ќе платат


Студент сум веќе шеста година на УКИМ. Низ годиниве на студирање на еден, па на втор факултет преминавме низ различни проблеми кои директно или индиректно нѐ тангираат. И секоја од овие години, Универзитетот и различните факултетски единици (од кои сум (бил) студент на две – Филозофски и Филолошки факултет) постојано додавале некакви ставки кои студентите треба да ги доплаќаат за некакви наводни потреби. Последната ставка која е новитет во листата трошоци на студентите запишани на најголемиот државен универзитет е ставката „Материјални ресурси“ (некаде дополнето со „и онлајн ресурси“), ставка која никој никогаш не ја објасни, ниту пак некој ја сфати, а притоа е ставка која е задолжителна за да можеш да запишеш нов семестар. Таа ставка на факултетот каде што моментално студирам е 2000 денари, на Економски е 3000, на Медицински 3500 денари. Тоа се плус 2000 денари кои треба да ги додадам на ратата за семестарот кој ми изнесува 12300 денари и уште 100 денари за некакви онлајн обрасци, што значи дека овој семестар ќе ме чини 14400 (+ уште нешто за провизија при уплата). 


Проблемот во овие ставки е што никој не објаснува за што ги даваме, иако многупати сме прашале, ниту пак гледаме некакви суштински резултати од тие пари. Поголемиот проблем е што државата, овој систем, упорно никако не наоѓа никакво решение за средување на овие ставки и подмирување од нејзина страна иако последните информации се дека ќе се направат обиди во најбрз можен рок да се најде решение. Најголемиот проблем е што студентите кои веќе секако плаќаат партиципација/школарина за студиите не се ниту должни ниту треба да бидат должни да ги полнат факултетските буџети со дополнителни средства за кои Универзитетот треба да си најде начини на финансирање. А особено ова е проблем кога, во најмала рака во нашето соседство и на просторите на поранешна Југославија, факултетите се бесплатни и огромен број на млади луѓе заминуваат да студираат надвор од Македонија. Трендот треба да оди во насока на намалување на трошоците и бесплатно високо образование, а не обратно!


  1. Маркетите нѐ пљачкаат, карванот си врви


Четвртата работа која исто така предизвика огромна бура во јавноста е најавениот бојкот на големите маркети кои последниве години буквално ги пљачкаат граѓаните со превисоките и неразумни цени кои ги поставуваат на продуктите кои ги продаваат. Практично е невозможно во оваа финансиска состојба на граѓанството едно семејство да се снабди со основни продукти за преживување, а камоли за живеење. Главниот проблем во овој случај е што државата апсолутно никако не го регулира пазарот, а и кога го регулира не ги контролира и казнува големите фирми кои си поигруваат со државната регулација на маржите и цените на продуктите. Бојкотот можеби нема да донесе инстант решение, но ќе направи притисок кој има шанси да допре до некаде и да освести. Оти само со притисок се добива некаков глас. Затоа денес, сите, не купуваме ништо од маркетите!


  1. Утеха


И на крај ќе се прашам како да се остане разумен, присутен, приземен при сите овие сосотојби во општеството кои ни се наметнати од системот. Како да седиме мирно и да вложуваме во себе и во своите животи кога некој може за миг да те покоси. Како да живееме, наместо да преживуваме кога постојано си ја трошиме енергијата на тоа да стигнеме до следниот ден, до следниот месец, до новата година. Како да се биде среќен? Како да не дозволиме системот да нѐ убие, погуби? 


Другарка ми Калина, вчера вечер во групата со друштвото ни го испрати овој твит:


Едни со други заедно. Барем некаква утеха.


Comments


bottom of page