top of page

Поезија од Ана Тодоровска

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Nov 4
  • 2 min read

Пази, кршливо!


Да се испразнат внатрешните амбари,

да се исцедат сите отрови

од длабочините на ушните шуплини

преполнети со сечии вештачења

на темата како да се биде господар

на својот живот.

Да се стокмат его трипови

во големи картонски кутии

со ознака „пази, кршливо!“

и да се пратат некаде

во една насока, неповратни.

Да се вресне во име

на колективната болка

и да се биде рана

од која ќе испука гнојот!



Центрифуга


Луѓе зариени

во мисловни скици

измислуваат формули

за поплочување на патот до среќата.

Денот е краток,

а ние се вртиме во тркало.

Делиме иста судбина:

мимикрија на стаорци во кафез.

Програмата е центрифуга

и млатење во празно.

Ги џвакаме постојано истите мисли

и плукаме изговори

оти се плашиме

од далечината на ѕвездите,

од поривот да ги стасаме.

Кој високо лета – ниско паѓа,

велат и крилјата си ги корнеме.

Рецепт за мелем нема,

а болката го менува ликот.

Бараме огледало

како доказ за своето постоење:

Кој тоа твоето лице го носи?

Оковите се душевни, а тежат.

Само кога би знаеле

како да ги пресечеме конците

за навек.



Гробница


Среде град никнале

зданија на аждери

– ништат живот пред себе.

Кранови со канџи сакале

да го украдат и оној кислород

што остана во тесните души.

Крај нив минувај потајно

да не те намирисаат.

За живите овде веќе нема место.


Ана Мрак / Ана Тодоровска (06.04.1993), родена во Скопје. Во 2017 година дипломира на Институтот за психологија при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во 2019 ја завршува Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ и Seavus. За време на студиите, активно се залага за формирање на студентски културен центар во рамки на универзитетот како стожер на слободниот уметнички израз на студентите, преку различни иницијативи и неформални проекти. Била дел од различни платформи, организации и колективи како: студентските организации „Излез“ и „Отворен куфер“, а е основачка на здружението за независна култура „Коприва Колектив“. Преку својот проект „МРАК“ од 2016 година до денес работи интердисциплинарно истражувајќи аналоген и дигитален колаж, асемблаж, употреба на рециклирани материјали, редактирана поезија и границата меѓу вербалниот и невербален израз. Во 2021 учествува со фотоманипулација на групната изложба „Будење“ во организација на Скала, како и со дигитален колаж во рамки на повикот Surrealist Dreams од страна на Парискиот колаж колектив во соработка со музејот Те Папа Тонгарева од Нов Зеланд.Во 2025 година, објавена е нејзината прва стихозбирка „Антисвет“ во издание на издавачката куќа „Илика“.

 
 
 

Comments


bottom of page