top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Цвеќињата на злото


Автор: Шарл Бодлер

Жанр: Поезија

Година на издавање: 1857

Наслов на оригиналот: Les Fleurs du mal

Осврт:

Шарл Бодлер е еден од највлијателните литерати на деветнаесеттиот век, кој со својот извонреден творечки придонес постанува пресвртна фигура на француската и светската поезија на деветнаесеттиот век.


Со својот екстравагантен начин на живот и ескцентрична перцепција на општата и лична реалност, Бодлер ги оформува постулатите на модернистичката поетика која ќе го обележи дваесеттиот век.


Со својата стихозбирка „Цвеќиња на злото“ која го претставува Шарловиот „магнум опус“ поетот постанува предвесник на симболизмот во модерната поезија, создавајќи за себе карактеристичен микросистем кој се положува во подоцнежната дефиниција на новата светска литература.


Според зборовите на српскот поет Борислав Радовиќ, поезијата, по својата содржина тесно се приближува до филозофијата и дејствува во областа на етичкото и естетското.


Бодлеровите етички концепции кои претставуваат синтеза на строгото римокатоличко воспитание и животното искуство на париските улици исходат со еден нов вид на поетска и филозофска естетика утврдена во насловената стихозбирка на поетот. Оттука, проблемот на естетиката ќе биде разгледан напоредно со проблемот на етиката, како две страни кои неодречно се надоврзуваат во својата целост.


Неговата поезија се одликува со три основни карактеристики кои ја дефинираат новата естетика на Шарл Бодлер која ќе предизвика силен одзив и бранување на тогаш современата јавност и ќе го навести правецот кој ќе го обележи времето кое следува.


Првата карактеристика на Бодлеровиот творечки стил е асоцијативниот приказ на поетското искуство во стихуваните слики.


Применувајќи го, поетскиот израз станува мошне посреден и интензивен, притоа алудирајќи на моменти од поетовата интима позната само нему, што може да резултира со карактеристична тежна на стилот. Оваа особеност на неговата поетија конкретно се предочува во стиховите од песната „Егзотичен мирис“ каде љубовното телесно и духовно доживување го истоветува со слики од своето патување во егзотичната Индија. Предочувам: „мрзелив остров на кој природата ги нуди необичните дрвја и овошјето зрело, минат луѓе со силно и истенчено тело и жени чијшто поглед полн искреност чуди“.


Од приложениот пример, неминовно е да се забележи присуството на симболот како карактеристика на Бодлеровата поетика, забележано во мотивот на овошјето зрело како симбол за еротското доживување на љубовта.


Својата поетска естетика Бодлер ја изделува воведувајќи една нова реформа во за себе автентичната стилистика. Имено, тој за прв пат ја употребува синестезијата како стилска фигура со која ја доловува многудимензионалноста на изразот. Карактеристичен пример за истата се забележува во песната „Созвучја“ која своето прво име го добила токму според изразитата употреба на синестезијата како основен преносител на поетскиот мотив. Предочувам: „Постојат мириси свежи како детска кожа, благи како обоа, зелени како поле“.


Овие два аспекти на поетското искуство на Бодлер кулминираат во третата особина на неговата поетика, имено опеаната естетика на злото. „Цвеќиња на злото“ е дело изртено на меѓата на две епохи и општествено придвижување кое изискува суштински промени како во конкретната, така и во творечката перцепција на поединецот. Поетот ја истакнува некохерентноста на романтичарската есететска концепција која се инспирира од антиката и ја изложува потребата да се изнесе грдото и злото како составен дел од реалноста, а притоа во нив да се пронајде една суштинска убавина.


Тој стремеж за создавање апотеоза на грдото ја оправдува Бодлеровата контроверзност, но притоа подава еден нов, непобитен аспект на рационалното и чувствено осознавање на животните аспекти.


Во песната „Мрша“ поетот имплементира два навидум спротвини, но суштински сродни мотиви на смртта и љубовта, разработувајќи ги на еден експлицитен начин со цел да ја оппее убавината во природната грдост.


Симболизмот на Бодлер забележува ексцентричен потег на прифаќање на мотивот на сатаната како елемент противположен на утрврдените морални постулати на католичка Франција, што совршено се вклопува во системот на Шарловата естетика на грдото.


Овој мотив претставува најексплицитен пример на новата етика, која како што е споменато погоре не може да се оддели од новата естетика и се истоветува со закрилник на сите отфрлени и отпаднати чија бројност ја потврдува потребата од реформулација на естетската претстава на реалноста.


Иако Бодлер се изделува од романтичарскиот поим на поетско творење и го предочува доаѓањето на еден нов, суштински различен период во литературата и општественото движење, неговата поезија не се оттргнува од еден канонски принцип на лирското творештво. Содржински, поетот тежнее кон натуралистичките мотиви и цели кон тоа метафорички да ја долови реалноста во својата целост, неоградена од грдото и злото како состави компоненти на постоењето на човекот. За таа цел, Бодлер поставува нови темели и обрасци кои ќе се полжат во основата на навестеното подоцнежно уметничко и филозофко движење и создава микросистем преку кој започнува процесот на едно поинакво општествено и индивидуално движење на своето време.


Избрани стихови:

Албатрос

Луѓе од бродот, често, за забава ги ловат

албатросите, птици што в морска шир се сами,

и што со големи крила рамнодушно пловат

над лаѓата што се лизга над горчливи јами.


Но кога ќе се најдат врз палубните штици

тие кралеви на ширта, до пред малку сјајни,

ќе станат одеднаш смешни и несмасни птици,

а крилата бели жално ќе се влечат крај нив.


Тој крилат патник сега колку станал беден!

Тој, некогаш толку убав, колку е грд вака!

Со своето луле клунот му го дразни еден,

куцајќи, друг летачот го подражава сакат!


Како принц на облаците поетот се крева,

се подбива со стрелецот и низ луња броди,

но штом е спуштен на земја, среде џган и врева,

неговите крила на џин му пречат да оди.


Белешка за авторот:

Шарл Бодлер е роден во Париз, на 9 април 1821 година. Татко му, висок државен службеник, починал кога Шарл имал 6 години. Веќе следната година мајка му ќе се премажи за висок воен службеник, кој подоцна ќе стане и француски амбасадор. Иако оваа венчавка на мајка му ќе му овозможи на Шарл добар живот и добро образование, тој тоа тешко ќе го поднесе влегувајќи во чести кавги со неа и со очувот. Се школувал во Лион, каде што е испратен од очувот во строг интернат, со кој е присилен да биде одвоен од мајка му, за која бил премногу врзан. Во училиштето некогаш е вреден, некогаш незаинтересиран, но секако не е според мерилата на очувот, кој за него планира дипломатска кариера.


Веќе на 18 години Бодлер ги пишува првите песни и посетува боемски места, проститутки и добива сифилис. Се задолжува и води неуреден живот, трошејќи ги парите што очувот му ги дава. По препорака од лекарот, родителите го испраќаат на пат околу Африка и Индија, во животно училиште. Бодлер набргу го троши и наследството од очувот, и почнува да живее од пишување и објавување. Хонорарно ги преведува и приказните на Едгар Алан По, за да ги врати долговите. Пишува есеи и критики, а со смелиот тон го привлекува вниманието на публиката. Пишува и песни, но тоа е поезија шокантна за тоа време по деталите, нова е, па тешко наоѓа издавачи. Првата збирка „Цвеќе на злото“ повеќе пати се обидува да ја објави и кога најпосле успева, во 1857 година, неговиот издавач и тој се судски парично казнети, а од книгата морале да се исфрлат 6 песни. Самиот Бодлер за оваа денес прочуена збирка, која содржи 129 песни, рекол дека се обидел во злото да ја препознае убавината и дека пишувал „уметност поради напредок“, алудирајќи на ларпурлартизмот на тоа време. Сметал дека сиромашните до пороци ги довела буржоазијата, која зад сјајот криела морална расипаност и духовна пустош. Затоа неговата поезија е интелектуална, бунтовна, критика на општеството. Француската Академија го одбива делото на Бодлер, но затоа пак тој ги „маѓепсува“ поетите на својата генерација, кои го прифаќаат, но до некаде и не го разбираат.


Бодлер и понатаму живее боемски живот, често оди во бордели, а љубовта со мулаткињата Жан Дивал („црна Венера“), проститутка што играла и во еден локален театар, му носи нови тешкотии, особени финансиски. На Жан Дивал ѝ помагал до крајот на животот, иако нивните односи често се прекинуваат. Животот на париското дно, опиумот и арушеното здравје донесуваат до тоа повторно да живее со мајка му, во мирно опкружување надвор од Париз, каде што продолжува да пишува. Но поради незадоволството што француската јавност не го прифаќа така како што тој посакува, по новата финансиска криза кога неговиот издавач Пол Малазис банкротира, Бодлер ја напушта Франција и заминува за Белгија, делумно во надеж дека може да ги продаде авторските права и да држи предавања. Меѓутоа, во Брисел, покрај опиумот му се препушта и на алкохолот, и постојано е пијан. Таквиот живот и тешкотиите го водат до силен мозочен удар во 1866, по кој останува парализиран. Последните две години од животот ги поминува полупарализиран во Брисел и Париз, каде што умира на 31 август 1867 од последиците на долгогодишниот сифилис, со помрачен ум и во тешки маки. Погребен е во Париз. Многу негови дела се објавени по неговата смрт.

Comments


bottom of page