top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Што е поезијата (за вас)? - 21. март, Светски ден на поезијата

По повод светскиот ден на поезијата прашав пет поетеси што е поезијата за нив, а тие ни одговорија! Фала им на Ивана, Марија, Ана, Биљана и Софија.


Честит 21. март - Светскиот ден на поезијата!


Ивана Јовановска: Поезијата отсекогаш сум ја доживувала како нежен револт, нежна борба, нежен бунт преку кој се разбира и шири болката за светот во кој живееме, но, истовремено таа е и прибежиште кое дава спокој и надеж.


Марија Велинова: Поезијата е дух кој се вселува во тебе и одеднаш раѓаш зборови, метафизички простор, фантазмагорично патување и манично бладање убавина. За секого е нешто различно, но со сигурност можам да кажам - таа е божественост.


Биљана Стојановска: Скок од висока карпа во разбранувано море. Скокот ти го продолжува животот. Тоа е за мене поезијата.


Софија Тодороска: Поезијата е начин на мисловна конфигурација... Начин на кој го преживував растењето како дете и бидувањето сега... Исконски повик да биде кажано она за кое ние скржаво му го премолчуваме зборот.. Само, поетот не е некој. Поетот е секој.. само да наѕирне и да ја најде поезијата во себе, на оној начин кој е природен за неговата нарав.


Ана Голејшка Џикова: Што е поезијата за мене? И ум и заум. И слобода и најголемо подаништво на зборот. Пространство кое ме движи, ми го облагородува животот и светот кој постојано се менува и станува се’ почуден. Веројатно како поминува времето, поезијата ми е свечено оружје со кое никого не повредувам, а ги освојувам сите територии што јазикот ми ги оставил. Мислам дека кога размислувам на поезијата, всушност јас само го пресликувам својот живот. Таа е секаде околу мене, во мене. Благодарна сум што можам да ја живеам и да растам низ неа. Тоа е како да имате уште еден дом, за кој никој не знае. Ваша интимна спогодба со болката и среќата.

Comments


bottom of page