ШТО СЕ ЧИТА?: „Во куќата“ од Николина Андова Шопова
- Ангела Бошкоска

- Aug 15
- 4 min read
Најновата поетска книга од поетесата Николина Андова Шопова, „Во куќата“ (Бегемот, 2026) ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра збирка поезија објавена меѓу две фестивалски изданија.
„Во куќата“ е трето поетско остварување на Андова Шопова која инаку пишува и проза („Некој бил тука“, „Естом“), куси раскази и книги за деца. Покрај тоа, ова е мое прво среќавање со нејзината поетика, што го гледам (и) како среќна околност бидејќи имав можност да ја запознаам преку последните стихови во кои можеби и поетскиот глас е најпрецизен или, можеби, најсозреан. Оттаму и ова читање е помалку релационо, а повеќе фокусирано кон најновите стихови.

„Во куќата“ е поделена на два циклуса едноставно насловени – „Во колибата“ и „Во куќата“ придружени со една завршна песна. . Колибата како градба може да се гледа нешто што наскоро (тоа може да биде и вечно чекање) ќе го промени обликот и конечно ќе прерасне во куќата – градба што може да издржи повеќе, да впие повеќе, да служи како посигурна, поцврста и посилна подлога за сè што може да влезе во неа. Сепак, колибата е просторот кој на лирскиот субјект му е потребен за да има природен премин „Во куќата“. Таму, тој трага по она што не може да го фотографира апаратот или да го сними камерата, зашто само зборот се чини способен да ја дофати – аурата на нештата. На песната на стр. 25, се стиховите:
дел од моето рамо е на фотографија
во домот на еден Украинец, викенд турист
моето стапало е врамено во собата на еден тинејџер во Јужна Каролина.
Овие стихови како случајностите „фатени“ на камера, им претходат на завршните строфи:
И моето чело и очите ми се таму некаде
закачени на сламените ѕидови на една пивница во Арл
загледани во тебе (да не те изгубив?!)
додека молчевме на масата
во облик на пресечно стебло.
И само на тоа место
мојот портрет е конечно целосен.
Залутаниот, замислен поглед и молкот на масата се аурата на пивницата која не може да се пренесе, не може да заклучи и да се зачува, туку да се почувствува таму и тогаш, а сепак некако преку овие стихови читателот е однесен и седнат таму со нив, небаре го чека своето следно пиво и активно молчи. Од колибата сè се гледа оддалеку, па се чини како само оттаму да е можно да се забележи дека времето пишува со лева рака И лирскиот субјект овде е нем гледач отстрана кој суптилно ги бележи речиси недостапните пространства и убедливо посочува дека планините отсекогаш наликувале на гради – слика дофатлива само преку зборови односно преку умешно составени стиховни целини какви што среќаваме во песните на Андова Шопова.
Не е невообичаено поетскиот глас да трага по она што често неусетно ни се слизнува од рацете. Невообичаен е скромниот израз на таквата потрага кој притоа не се расфрла со зборови, ниту ги усложнува во значењето. Напротив, поетесата се служи со едноставниот, жив говор кој го користиме, а сепак поттикнува универзални прашања. Во оваа смисла, не може да се занемари песната на стр. 21, каде субјектот нè повикува да истражиме што има меѓу А и Б, да бидеме пољубопитни за сè она што го крие патот од едното до другото место до кое се чини како секогаш да брзаме. Смирениот глас нè потсетува на времето кога првпат сме учеле да пишуваме, а едновремено како да ни зборува и за сите почетоци кои сме ги заборавиле брзајќи. Затоа, во последните стихови од песната вели: Само почни – од А до Б. Повеќе од доволно е / за еден живот, за едно длабоко вдишување.
Уште една тема која се провејува низ колибата, а потоа и низ куќата е самотијата – исконското чувство-сопатник на човекот повторно опеано и опишано користејќи современ јазик. Самотијата е во дупките на ѕидовите на помалку сигурната градба, но и на „посигурната“, во крилјата на птиците, во линиите кои ги испишува времето со лева рака. Самотијата е во соголените метаморфози: Секоја вечер го соблекува од себе / своето второ тело. Соблекува сè што не е нејзино / пред да заспие. Тече низ облиците на минливото кое како и аурата не може да се дофати, а сепак некако поетесата успева да ни го даде само со стиховите: Постојам и на друго место. / Токму тука.
Преминот во вториот циклус, „Во куќата“ е постигнат со оживувањето на вечните теми на заборавот и сеќавањето. Притоа, Андова Шопова нè потсетува како и за нив може да се пишува необременто, избегнувајќи ја патетиката на тажењето кон она што заминало. Лирскиот субјект е ранлив и затекнат во процесот на збогување со минатото. Всушност, некои од песните се во созвучје со присутноста на споменот кој може да се напушти, и тоа не значи дека тој ќе биде заборавен. Субјектот го кани читателот во самотијата каде ненаметливо, а сепак убедливо звучат стиховите: Ми шета под кожата, ми вели / понекогаш чувствувам дека ми е под челото / некогаш на грбот или под грлото.
Читајќи ја оваа стихозбирка неизбежно е да се забележи леснотијата со која неименуваните песни се движат напред: една кон друга, но и навнатре – една во друга. Така се постигнува ефектот одредена песна која настапува подоцна во циклусот да ѝ го даде полното значење на песна што е поместена претходно во него. Оттаму впечатокот дека за некои песни во книгава може да се рече дека се песни тандем: Ни платната не се бели пред да се обојат, ние го / чекаме минатото (стр. 12) и Можеше да се чуе во нејзиниот глас / имаше три мината (стр. 40). Во вторава, трите мината имаат боја (одлика): едното чкрта брчки, на другото од презимето му истекува темнозелена вина, третото има моќ да направи сите облици на светот да исчезнат. Минатото прогонува, но овде субјектот се соочува со него, го слуша, го дише истиот воздух и живее во неговата куќа (колиба), во која на крајот се прибира, а од која истовремено одлетува.
Завршната песна може да се прочита и преку транспарентна хартија врз која е нацртана куќа. Така стиховите се чинат избледени, или повеќе како што пишува и во песната: разбранувани од воздухот. Песната визуелно и стиховно ги заокружува двата испреплетени циклуса, зашто таму движечкиот лирски субјект ѝ се препушта на аурата, минливоста, менувањето на обликот на времето и просторот, па и тој – како скитникот во развеаната куќа, и како љубовникот во невидливите засолништа на телото – се склопчува внатре во куќата, во колибата, во домот каде она што го пушта да си оди, го води поблиску до средиштето на светот. А, тогаш има ветер и надеж.
Тогаш има ветер
и надеж.




Comments