Beach Boys е бенд познат по својот „Калифорнијски“ или сурф звук кој го популаризирале во раните 60ти, но има страна на бендот, или поточно на Брајан Вилсон – водечкиот композитор и фронтмен, која ретко ја перцепираат слушателите. Но реално, кој би помислил дека истиот човек чии песни опфаќаат автомобили, сурфање и Калифорнија успеал (до некој степен) да ја поттикне една од најважните револуции во музиката? Секако, на многумина им е познат Pet Sounds (1966) кој сам по себе имал големо влијание врз поп и рок, но тоа не било единствениот обид да се развие звукот на психоделија. Би рекол дека можеби и немаше толку често да гледате Beatles маички ако се оствареше издавањето на ремек делото познато како SMiLE. Се работи за еден од првите албуми во кој се експериментира со повторувањето на „теми“ кое се развило со албуми како Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club и Dark Side of The Moon. Но, покрај неговото отфрлање заради вознемирувањето на нивната издавачка куќа како и нарушената психа на Брајан, за среќа успеа во делови да стигне до Пол Мкартни кој со Beatles го снима Sgt. Pepper’s неколку месеци подоцна. (Се верува дека учествувал и во Vega-Tables (SMiLE) со тоа што се искористила снимка каде што јади марула)
-Редоследот (и изборот) на песните ќе биде онаков како на претпоставената оригинална верзија како на Smile Sessions (2011) заради многуте различни верзии на албумот од фанови и од бендот.
Апсолутната тишина ја прекинува хор кој пее молитва – Our Prayer, но, не нешто што ќе слушнете во црква, туку нешто што најверојатно потекнува од аудио-халуцинациите на пореметениот Брајан. Ако постоеше чиста убавина, тогаш овој звук би го емитирала.
Хорот застанува и продолжува со песна која некој би помислил дека е Gee (од Jan and Dean, кои соработувале со Брајан често), од која е всушност позајмено името, но не продолжува како типична ду воп трака, туку набргу прераснува во збунувачка, донекаде и гротескна сцена која не може да одлуче дали сака да биде мила поп песна или нешто што наликува на барокот.
Завршува со една од почестите „теми“ на албумот, односно главната прогресија на психоделичниот вестерн Heroes And Villains која следува веднаш по Gee.
Оваа песна можеби ќе го раскомоти слушателот со нејзиниот почеток кој звучи на нешто од Pet Sounds, или па од нивните „сурф“ времиња, но не трае долго. Слушателот е катапултиран во бесконечните звучни фрактали на морничавиот клавикорд кој го започнува „вториот“ дел или тема на песната. Како и во секоја Beach Boys песна, богатиот инструментал е придружен со уште побогат аранжман на вокали, кој ни служат како водичи кои ни помагаат да не се загинеме во густата шума.
Интересно е како со оваа песна Брајан успева да ја спои вестерн музиката (чии претставници се „бореле“ против психоделијата) со психоделичната.
Нашата ориентација е за кратко подобрена со кроткиот крај на оваа песна, но, секако дека со следната песна целосно се губи. Паѓаме јамата позната како Rock Plymouth Rock (или Do You Like Worms?) чија главна мелодија служи за да го сокрие клавикордот кој овој пат се појавува со придружба. Во апсолутната темнина на шумата го слушаме ечењето на извици што би помислиле дека доаѓаат од некаков стар Хавајски ритуал. По некое време Брајан со Хавајска молитва нѐ смирува, како да сме се разбудиле од некој необјаснив кошмар.
Приказната продолжува со некои кратки сцени кои се дел од таканаречената „Barnyard Suite“ суита и иситите нѐ водат до Cabin Essence која постојано менува меѓу мирен дел со усна хармоника и банџо и џиновски ѕид од звук, и секако двата се придружени со соодветни вокални аранжмани.
После неа започнува рехабилитација со Wonderful, тивка песна без комплицирани аранжмани но сепак со типичен полн звук како и секоја песна во SMiLE.
Веднаш по неа започнува уште една кратка суита со целосно нови теми и атмосфера. Првата песна во неа е Look (Song For Children), која е токму тоа што името го кажува – детска песна во стил на песни кои сме ги слушале во градинка. Меѓутоа во никој случај не смее да се сфати како само тоа, заради тоа што нѐ запознава со главната тема во оваа суита, далечна и неразбирлива вокална линија која си се објаснува сама во наредната песна – Child Is The Father Of The Man.
Оваа песна пак, се навраќа на динамичките промени од почетокот на албумот, но, задржувајќи ја ведрината и кохезијата во суитата. Интересна е во тоа како инструментите звучат како да се договараат за кој ќе заземи водство во наредниот сегмент на песната, а такви ги има повеќе.
Следува една од највеличените и обожувани песни на фановите на Beach Boys, а тоа е Surf’s Up, која би ја задржала својата тежина дури и без сите инструменти освен пијаното и вокалот на Брајан. Оваа песна не ја прикажува само натприродната моќ на Брајан да пишува преубави песни како и совршени вокални аранжмани туку и неговата способност да соработува со музичари од негов калибар, како што е Ван Дајк Паркс (кој учествувал во пишувањето на текстовите во голем дел од песните на SMiLE).
Многумина би можеле да бидат воодушевени и збунети од песната, и затоа следува I Wanna Be Around/Workshop, која го неутрализира соединението. Овој краток егзотика/џез сегмент пополека пополека нѐ припрема за наредната песна.
Vega-Tables може да ги збуни слушателите кои ја забележуваат чудната тематика на текстот. Не дека текстовите на претходните песни се помалку чудни, туку во оваа се зборува за основните чекори за живеење на здрав живот. Но, оваа тема може да се забележи и кај „Barnyard“ суитата. Завршува песната со тивок сегмент сличен на крајот на Heroes And Villains, и започнува наредната.
Holiday е кратка песна која нѐ води до Wind Chimes – навидум многу тивка песна која во еден момент ни открива сокриен гласен оркестар кој чека во заседа и нагло се појавува и исчезнува во текот на песната. Хаосот во оваа песна ни ја навестува наредната и една од поавангардните и морничави траки на Брајан – Fire.
Во неа владеат гласни сирени, дисторзирани гитари и бас гитари, свирчиња и играчки, дисонантни прогресии и репетитивни тапани, кои можеби ни овозможуваат да имаме некаква минимална информација за сѐ она што постои во главата на Брајан. Оваа песна е можеби уште една од причините заради која се откажа издавањето на албумот, со тоа што веднаш по нејзиното снимање целосно изгорела зграда во близина на студиото во кое снимаа тие сесии. Сметал дека станува збор за вештерство.
По неа и Love To Say Dada која е истовремено препознатлива но и не( некако како музичка претстава на сон), следува последната и една од најпознатите, ако не најпознатата Beach Boys песна – Good Vibrations.
Сметам дека не би можело да има подобар крај на албумот од овој, со „џебната симфонија“ која со нејзиното издавање само како сингл во 1966 год. значително го промена светот на музиката. И може лесно да се сфати зошто – токму затоа што е веројатно првата песна која успеала да ги спое класичната, поп и психоделичната.
За жал, не можеме да знаеме што би се случило ако овој албум беше издаден уште во 1967 год., но мислам дека е доволно тоа што воопшто го имаме албумот, и тоа не од bootleg снимки, туку оригиналните снимки од студио. (покрај тоа што не се и сите целосно довршени)
Bình luận