На овогодинешниот Саем на книга беше промовирана дебитантската стихозбирка на младата поетеса Софија Добревска насловена како „Небо од стихови“, а во издание на издавачкиот центар „Антолог“.
Софија Добревска (2005, Скопје) е четврта година во гимназијата „Орце Николов“. Била дел од Детската радио драма на МРТВ и дел од неколку претстави во Македонскиот народен театар. Таа е една од организаторките на „Орцашка вечер на поезијата“, а учествувала на „Рацинови средби“ во 2023 година, како и на поетското читање за млади „Отскочна даска“ во рамки на 3. Скопски поетски фестивал.
За стихозбирката „Небо од стихови“, поетот и писател Александар Русјаков вели: „Кај Софија Добревска од една страна, најобичните секојдневни нешта кои постојано ги гледаме, а не обрнуваме внимание на нив, стануваат поезија, а од друга страна чувствата кои сме убедени дека сакаме да ги избегнеме или барем, ако веќе мора, брзо да ги преживееме, се претвораат во животна енергија без која не можеме да живееме. (...) Поинаку кажано, поетесата умее мошне вешто да ни го измени сето она што сме го искусиле и вкусиле.“
По повод излегување на „Небо од стихови“ објавуваме три песни од стихозбирката:
17 секунди
Ќе знаат ли твоите деца
за несреќата што не беше само твоја
за приказните што веќе нема кој да ги раскажува
оти беа избрашани со мастилото со кое беа напишани?
Едно утро ќе се разбудиш променет
и веќе нема да бидеш стариот ти
и веќе ништо нема да биде исто.
Сонувачите ќе продолжат да спијат
времето ќе продолжи да тече и кога часовниците ќе запрат.
Ќе остане во тебе
само љубовта, доволна
за да го обедини светот
за првпат
по светските војни.
П.С. Убав ден
Овие денови сѐ повеќе
ме загрижуваат работите
што не се случиле отколку
оние со кои се соочувам.
Чинам сонцето се скарало
со облаците,
па решило сета таа лутина
да ја истури врз нас преку пролетниот дожд.
Навистина не ја сфаќам
смислата на сета таа
безмисленост што виси
во воздухот.
Мачно ми е од луѓе
кои немале убав ден
само затоа што
немало кој да им посака.
***
два молка
започнаа разговор
во кој главна тема
беше тишината
јас немо ги гледав отстрана
и не изустив ништо
не сакајќи да го запрам
нивното зборување
Фото: antolog.mk (корица) // Официјална facebook страница на Скопски поетски фестивал (С. Добревска на настапот на „Отскочна даска“)
Comments