top of page
  • Writer's pictureМарија Велинова

За себеосознавањето преку Другиот и преродувањето преку Смртта

Кон Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе] на Александра Спасеска


Кога ја земаш книгата на Александра во раце, она што го добиваш, покрај прекрасниот дизајн на корицата од Марија Конеска, е збирка созреани песни кои ти натежнуваат меѓу прстите. Книгата Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе] си ги пронајде своите читатели пред скоро еден месец, а е во издание на ПНВ Публикации. Помеѓу страниците се поместени 59 песни поделени во три циклуси: Писма до неа, Песни за неговата песна и Земање збогум. При читањето можеме да забележиме дека, како што кажа поетесата, оваа збирка е таложена 30 години во неа. Та, затоа евидентна е збитоста, компактноста и елиптичноста на поетскиот израз, чинам нема песна чии стихови се подолги од половина страница. Зборовите се внимателно одбрани и ни дозволуваат да го почувствуваме поетскиот дух на Александра преку вметнувањето на архаизмите и прилепскиот дијалект.


Во првиот циклус Спасеска ги воспева, величи и возвишува сите аспекти на женското суштествување. Се пишуваат Писма до неа, односно до целиот женски род, во кој се трага по исконските обележја и сите бои (и Црвена и Бела) на лирската Марија. Овде се вметнати и неколку посветени песни во кои може да се забележи претопување на девојката со природни појави и пејзажи, нејзино претворање во апстрактна самовила која е космички присутна низ целата збирка. Ова го има во Ноќ прва во стиховите оти тeбе ти руба не треба / ти си во воздишки променета, потоа во Девојка во стиховите те видов / облечена во месечина и во Вечерна: вечерва расцветај. Циклусот завршува соодветно со обединување со концептот девојка бидејќи првпат ја љубев марија.


Вториот циклус е најголем по обем и е посветен на машки лирски објект. Иманентен е дијалогот со другоста и она за што зборува Сартр - За да дојдам до било каква вистина за себеси морам да поминам низ другите. И ние како читатели се осознаваме преку реторските прашања кои ги оградуваат овие песни како: а јас тебе / што сум ти? или кај ти е другата? Овде поетесата минува низ Туѓа песна, низ Другата, Другата II и низ Песна за неговата песна каде лирски беседи со Конески. Изгледа како нејзината песна да ги пополнува белините преостанати од десната страна на песната на Конески, како заедно да формираат совршен квадрат, една совршена Песна за нивната песна. Преиспитувањето на смртта како дожд ги кваси страниците, започнувајќи од Жедна песна во која гроб до гроб / ни лежат / милостините. Темнината на светол начин е проткајана низ песните кои следуваат. Природно и ненаметливо поетесата зборува за смртта во најразлични облици, без разлика дали е во буквалната смисла на зборот или смрт на љубов, на желба, на блискоста и односот со Другиот. При крајот нѐ остава згрчени и спремни за последниот циклус, за Земање збогум.


И тоа е токму она што го правиме, а и Спасеска го прави заедно со нас. Во последниот циклус таа се збогува со читателот, со она што го оставила на претходните страници. На деветнаесет различни начини во деведнаесет различни песни става точка на разговорот кој го води со и за тегобите и го поставува клучното прашање: на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе?. И покрај тоа што повторно сме обвиснати од темен облак таа нѐ потсетува: погоди ги сите точки на возбуда. Но, ова не значи крај, повеќе некое чистење и прочистување од сите мината кои збирката ги влече со себе. Лирското јас посакува да пробие низ камењата и да ги измие сите сеќавања. А, на нас, ни ги остава песните во аманет и на крајот ни вели: дајте им ги песните / на сите љубовници / незнајни и знајни / барем тие / нека живеат вечно. На сличен начин како Шекспир што ги овековечуваше своите љубовници во неговите сонети.


Така остануваме со една збирка во раце која тежи од сите лица кои се опеани во неа и сите мачнини за кои се зборува, но се чувствуваме олеснето и со надеж дека нема да чекаме уште триесет години за нејзината следна збирка.

666 views
bottom of page