Што се чита?: „Долгодавеник“ од Ана Манасиевска
- Андреј Медиќ Лазаревски
- 5 days ago
- 5 min read
Во март 2025 година од печат излезе дебитантската стихозбирка на младата авторка Ана Манасиевска во издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“. Збирката се состои од триесетина песни сместени помеѓу еден предговор и еден поговор напишани од авторката како некое арспоетичко обраќање до својот читател, а обединети под релативно чудниот наслов „Долгодавеник“.
Кога првпат ја земав стихозбирката во раце не ми беше сосема јасно што овој наслов на стихозбирката треба да означува, па лутав со претпоставките помеѓу преносносто значење на „некој што долго се дави“ што би означувало мака, тежина, долго страдање, но и буквално долго удавување (нешто што ни го имплицира и корицата на стихозбирката на која е претставена девојка која паѓа во длабочината на морето). Неологизмите не се нешто туѓо во македонската поезија, ги има кај Ацо Шопов со еден од најзагатливите зборови во нашиот јазик, небиднина; потоа ги има во изобилство во поезијата на Гане Тодоровски, па сѐ до кованицата љубавина во истоимената стихозбирка на совремниот македонски поет Ѓоко Здравески. Но, во случајот на Манасиевска, овој долгодавеник како да нема вистинско и суштинско значење, бидејќи никаде во стихозбирката не се оправдува исковувањето на овој неологизам, нешто, што барем мене како читател ми е потребно кога ќе прочитам ваков наслов. Да, се разбира дека тука малку и карикирам, бидејќи го разбрав значењето на зборот зашто лирскиот субјект во оваа стихозбирка е буквално страдалник или уште поточно е страдалничка што можеби како збор би бил многу посоодветен наслов за стихозбирката. Со тоа едновремено би се избегнал и поетскиот патос кој е врежан во насловот, како и оваа полемика околку неговото значење.
„Долгодавеник“, како што веќе посочивме, е стихозбирка составена од триесетина песни. Збирката е конструирана така што пред секоја песна има кус текст, некакви поетски интермеца, мудри мисли или игриви пораки како најава за песната што следува, а веднаш по таквите искази следува песната која наместо наслов има соодветно време (време, во смисла на час и минута; пр. 6:05). Ова време е едновремено и параознака (значи е означено над песната, означено е кога песната настанала), но е и лирско време (значи е време во кое се случува песната, во кое време лирскиот субјект ни зборува). Ваквата игра со времето во поезијата е сосема оправдано, во песните на Манасиевска времето е и време на песната, но и време во песната и тоа ми е сосема интересен концепт при градење на структурата на стихозбирката. Дополнително, оваа игра со времето придонесува и кон читачкото искуство со песните, односно лирскиот субјект ни наметнува да излеземе од актуелната темпорала и да се телепортираме во поетскиот час и низ неговата призма да ги читаме песните. Да се вратиме на кусите искази пред песните кои не сум сигурен како точно да ги определам. Како што веќе напоменав, тоа може да се лирски интермеца или некакви поетски паузи, може да ги читаме како најава за следната песна, можеме да ги читаме како некоја општа вистина или поетска порака, па дури може да ги читаме како наслов на песната (што би значело дека времето би требало да го читаме како поднаслов) – што значи дека овие искази може да се и сѐ и ништо во збирката, поради нивната полизначност на моменти се губи текот на самата стихозбирка и читателот би можел да има проблем со нејзиното проследување како кохерентна целина која инклинира од кохерентноста токму поради овие збунувачки премини од една песна во друга.
Настрана од структурата на „Долгодавеник“, кога би зборувале за тематиката на оваа стихозбирка, несомнено можеме да кажеме дека тоа е љубовта како главна (ако не и единствена) тема која се пронижува во овие триесетина песни. Љубовта, исто така, е многу честа тема во поезијата, тоа е и очекувано особено кога зборуваме за поезија од млади автори, но секогаш треба да се внимава со таа тема, оти многу лесно може да се западне во патетика, во повторување, во наивно сфаќање на љубовта или, пак, во една апотеоза на љубовта, која ќе биде во функција само на константна афирмација и воздигнување на љубовта како концепт или како чувство. Во оваа стихозбирка, љубовта е сфатена како чиста љубов, како копнеж, како нешто невозвратено, како нешто недофатливо, како жртва и, на крај, како страдање. Затоа и посочив на почетокот дека лирскиот субјект во оваа стихозбирка е страдалничка. Оваа наша стадалничка во збирката постојано оди на работ помеѓу вистинска поетизација на љубовта од една страна и патос од друга страна, помеѓу поетолошкото љубење и младешкото наивно заљубување на лирскиот субјект во објектот кој е прилично нејасен и недефиниран. Речиси во сите песни лирскиот субјект се обраќа на некое неодредено ‘ти’ кое, веројатно, го претставува љубениот човек, но тој е во сите песни свртен со грб кон нашиот лирски субјект и никако не возвраќа што го прави обраќањето едно мачно страдање на оној кој љуби. Исклучок има само во неколкуте први песни и во последната песна кои се авторефлективни песни, обраќања на субјектот кон себе и една рефлексија и прашување за сопствената заљубеност. Па така, песните се движат на оската јас наспроти другиот, започнувајќи со мирен, но не и смирен тон (јас се изгубив во темнината / талкам, барам / некој, нешто) кулминирајќи до едно викање за константна потреба од возбраќање на таа љубов (не, не можеш да повредиш човек / кој знаеш дека ти ја дал сета љубов, / сета милостина, сето внимание, / те ставил централна точка во животот / и ти посветил скапоцено време, / не, не можеш свесно да го раниш). Се плашам дека овие примери го потврдуваат мојот страв дека на оваа тема лесно се паѓа во патетика и наивност, бидејќи од обид песните да се некакви медитации за темата, тие се само флоскулно повторување на крикот од невозвратена љубов.
Пред крајот, треба да се искоментираат и веќе споменатите предговор и поговор кои се напишани од авторката. Во предговорот, авторката го отвора прашањето „Што значи да се напише стих?“. Самото по себе е една металирична или метатекстуална постапка т.е. да се коментира самата песна, да се пишува текст за самиот текст, но, сепак, и овој предговор оди на фонот на претходно наведени стихови, па наместо едно очекувано арспоетичко објаснение за личната потреба и начин на пишување на песна добиваме еден кус текст посветен на болката и сведување на поезијата само и само на пишување поради болка, поради крвавење, поради нечие заминување, поради копнеење – нешто што го нема ниту кај најсилните романтичарски пеења. Поговорот, пак, е благодарност до читателот што стигнал до крајот на збирката, благодарност што ќе ја сфати на својот уникатен начин (овој текст е едно од тие сфаќања) и што бил сведок на мојата прва и последна поезија како што кажува автроката. Она што е особено индикативно и интересно во овој поговор е првата реченица која гласи: Среќните луѓе не пишуваат поезија, тоа досега сигурно го сфати. Интересна, храбра и игрива, но премногу генерализирачка констатација која го потврдува и она погоре што го искажав за песните.
На крајот, првенчето на Ана Манасиевска, „Долгодавеник“ е книга со силен емотивен набој кој можеби и не успеал до крај да се избристи, да се стегне и да се испоетизира. Но, сепак, е некаква основа за понатаму, го збогатува фондот на книжевноста на новата генерација македонски поети. За крај, посакувам среќа, посакувам и во среќа да се пишува поезија!
Commentaires