Импресии од изложбата „Идентитетски паралели“ на Ана Трајковска и Лудовико Пержич: Длабока интроспекција и комбинација на техники
- Наде Циева

- 4 days ago
- 3 min read
Изложбата која е резултат на престојот на венецијанскиот уметник-графичар Лудовико Пержич, приредена од страна на Културно информативниот центар - Скопје во рамки на проектот „КреаАрт“ е во соработка со наша уметница, исто така графичарка, Ана Трајковска. Престојот на младиот венецијанец траеше еден месец, период во кој тој изготвуваше дела за изложбата, што подразбира директно влијание од промената на неговата околина врз неговиот творечки процес и пристап. Иако изложбата вклучува двајца уметници, тие творат на различни теми и со различни техники, преку што се збогатува шареноликоста на изложбата што сепак успева да најде јадро и кохезија на изложените дела. Јадрото се состои во персонализираниот пристап и отвореност на уметниците, чиишто дела се потпираат на нивниот идентитет, пред сѐ како индивидуи, а второ и како уметници. Делата на Лудовико се повикуваат на лична интроспекција на неговиот карактер и идентитет, додека, пак, на Ана на нејзината кариера како уметница и етапите низ коишто таа поминала во фазите на нејзиниот уметнички опус.

Идејата на Лудовико што ја преточува во изработените дела е за претставување и истражување на себеси. Тоа умешно го прави преку користење на секојдневен ритуал на пиењето кафе. „Кафето е клучен дел од многу култури. Мојата употреба на кафето не се должи на самиот напиток, кој, признавам, ми е важен дел од секојдневието, туку на вистинската ѕвезда, мока-потот.“ истакнува Лудовико во разговор за „Култура Бета“. Мока-потот може да се третира како вид на алегорија кај Лудовико и начинот на кој се сфаќа процесот на создавање уметност при што уметникот појаснува дека:
„мока-потот за мене е совршен приказ за креативниот процес. Исто како зрната кафе кои во инката за филтрирање (средниот дел од мока-потот) се потопени со врела вода за нивниот екстракт, кафето, да може да се пренесе во горниот сад на мока-потот, за потоа да биде преточен во шолја од која некој со задоволство ќе пие. Така и уметникот ги дестилира своите идеи, концепти, сомнежи и искуства (зрната) преку рокови, стрес и анксиозност (со други зборови, преку течењето на времето, кое го претставува водата во долниот сад што непрестајно испарува) за екстрактот на ‘зрната’, уметноста, да може метафорично да се источи во медиумот (шолјата, која ја претставува кој било медиум, избран од креативната личност) и да стане уметничко дело што ќе ги потткнува сите, било тоа на добар или лош начин.“
Не само во однос на уметност, туку истиот процес важи и за развој на една личност, метаморфозата низ која поминуваме како идивидуи што во случајов е пандан на процесот на изработка на уметност што е и самата тематика на делата на Лудовико. Делата се состојат од комбинација на техниките на графика и сликартво, а интересниот избор во однос на сликарството кај Лудовико е изборот за медиум, а тоа е турското кафе за што тој самиот вели:
„Всушност, само што почнав да користам турско кафе како медиум, токму за оваа изложба! Не очекував да биде толку тешко да се слика со кафе, но излезе дека со него не може да се развие задоволителна палета на нијанси. Тоа што се научив да го правам е да работам слој по слој, чекајќи секој слој да се исуши пред да го почнам следниот, а потоа, кога слоевите веќе не се разликуваат еден од друг, варам уште кафе, барем десетина минути подолго од што треба, со цел да загори и притоа да потемне што досега речиси не ми успеало.“
Паралелата што ја подвлекува Ана е во однос на пошироко поле на творење кое офаќа не само одредено времетраење на создавање засебно дело, туку и поголем дијапазон што се однесува на нејзиниот процес на развивање како уметник и пронаоѓање сопствен ликовен стил. Нејзините дела на оваа изложба се како трилогија што го претставува нејзиното творешто досега. Во нив спаѓаат потрадиционалните почетоци во кои се согледува и нејзиниот однос кон сликарството и тоа од нејзина перспектива како графичар. Таа, тука се покажува и издвојува како одличен колорист со динамичен осет за мешање на бои и нивно комбинирање. Понатаму делата се развиваат со употреба на мултимедијалност и послободен и полиберален пристап во употреба на повеќе техники. Освен тоа што главната тема кај Ана е нејзиниот опус и историјата на нејзиниот развој како уметник, неизбежно се прикажуваат и никнуваат елементи кои го сочинуваат нејзиниот идентитет. Таа во едно дело користи паднати плочки од зградите на градски ѕид што е всушност внесување на сопствениот дом во сопствените уметнички дела.
Оваа изложба претставува премостување на два света што, всушност, се испреплетени и вмрежани, а тоа се развојот на човек по себе и дополнително како уметник. Ана Трајковска и Лудовико Пержич покажуваат тендеција на истражување на себството, способност за длабока интроспекција, а и самооткривање како уметници кои претендираат кон експериментирање со нивните дела, комбинирање на техники и искрена претстава на развојот низ кои поминале.
*Фотографиите се преземени од официјалниот фејсбук профил на Културно информативниот центар - Скопје
*Разговорот со уметникот Лудовико Пержич го водеше авторката на овој текст, Наде Циева, а од англиски го преведе Јана Секулоска
















Comments