Поетика на гнилото: Оглед кон визуелно-поетичкиот концепт „Црно под ноктите“ од Андреј Медиќ Лазаревски
- Култура β
- Jun 4
- 4 min read
Updated: Jun 6
Пишува: Андреј Анѓеловиќ
По одредено време на студирање на концептот на комбинацијата направена меѓу поетичното и визуелното, опипливото, почнаа да се расплетуваат нишките за целосно осознавање на позадината на „Црно под ноктите“, уметничка инсталација на Медиќ Лазаревски, кој, несомнено, успева да се нурне во посматрувачот и да заглода длабоко во спојот со посматруваното. Пред да отпочнам со сопствената опсервација и изложена анализа на она што успева да го прикаже „Црно под ноктите“ за да ја ставам онаа значајна нишка која Медиќ Лазаревски пробува да ја претстави со поетичното најдено во она визуелното, ќе го парафразирам Макс Ернст, еден истакнат германски уметник, како еден од основачите на дадаизмот и надреализмот, дека колажот би бил поезија на случајност, ништо не е случајно кога еднаш ќе го залепиш. Оттука ја поставувам и основната нишка на која се базира оваа поетично-уметничка инсталација, концепт кој со своите форми од еден до друг дел на изразувањето, успева да создаде хаос, кој со себе го привлекува редот што постои во филозофскиот концепт на прикажаното. Особеностите на поврзувањето на дел од парчињата кои се прилепени, составени меѓусебно, успеваат да создадат еден по еден визуелен концепт кој ќе го ангажира посматрачот да ја продлабочи сликата, водејќи се од разиграноста на деловите. Иако јас како лично чувство ќе ја посочам и за овој концепт таа вангоговска статичност на нештата коишто се прикажани, особено, во спој со поетскиот дел, надоврзувајќи се едната со друга инсталација. Со тоа успева да предизвика една разиграност, која побудува еден совршен немир кај посматрачот, со што се успева да се стави акцент на замислата на концептот да ја напрегне единката да се задлабочи и да го изнајде гнилото во општеството како заедница. Покрај заедницата и цела една утаена генерација, па дури и да се задлабочи буквало во црното под ноктите каде што на еден поетичен начин би можело да се претстави и осознавањето на темното себство на единката како дел од истата генерација. Еден бунтовнички пристап кон отстапување од основата и маргините на уметноста како правец на слободниот ум, успева да предизвика бурна реакција на посматрувачот со тоа што истата недефинирана техника повторно пробува и навлегува токму во првичните посочени зборови на Ернст. На тој начин се одбегнува концептот на случајност и се оформува еден цел визуелен спој на делови, проследени со поетичните елементи како спој помеѓу оној минатиот поетички стил и посебноста на современиот поет.
Оттука произлегува и се засилува на многу силен начин отпорот на заглавените правци кои припаѓаат на еден хаотичен ред насловен како уметност. Со самото тоа Медиќ Лазаревски низ формите со кои се изразува во оваа инсталација успева да го нурне секој оној кој ќе проба и ќе се придвижи кон проучување на концетот, длабоко во гнилежот околу воспостваениот хаотичен редослед на нештата. Со тоа доаѓа до длабока полемика на посматрувачот, со прашањата со кои се соочува една цела генерација и кои длабоко допираат до црнината која се има насобрано преку процесот на создавање на нештото. Оттука преку истите тие форми, соодветната поврзаност на зборот со визуелното, Медиќ Лазаревски ја врзува единката кон еден неверојатен след на зачудености, испитувања кои како со еден доследен на нашата традиција, црвен конец, успева без да ги сплетка нишките, чисто да ја претстави поврзаноста една во друга слика, си давам цел да наречам слика како дел од основната перцепција на единката за онаа посоченото како визуелно, па со тоа да не задлабочи некаде во изнаоѓање крај и почеток на еден чвор во кој што е притисната една генерација. Покрај тоа и јунговски посочено, една колективна потсвет, едни колективни архетипови кои несомнено со менување на времето го зголемуваат црното и наговестуваат за еден визуелно-поетичен бунт, револт кој ќе ја претстави целата настроеност, целата зачуденост и спремност за изнаоѓање на радикалното решение, од поврзаноста на целата авангарда. Со оваа инсталација од колажи поврзани во еден концепт насловен да го покрие и филозофскиот дел на Медиќ Лазаревски, се согледува важноста и потенцијалот на истакнување на колажтот со кој се продлабочува еден посебен дел од визуелната уметност, колаж како слика, колаж како филозофска расправа, колаж како спој со поетичност. Оваа особеност на колажот може многу добро да се согледа во сработеното од страна на младиот Медиќ Лазаревски, со што се става до знаење дека, сепак, уметноста како посебен правец на интелектот на оваа генерација е во раце на едни луѓе кои со заемна игра на уметностите успеваат да нѐ продлабочат дури и до најтемните и најцрните дамки на оваа заедница, длабоко под ноктите. Останува само на секој следен посматрач да се нурне во суштинското прашање на секој дел од инсталацијата, на секој дел од колажот со што накрај како еден одговор ќе се оформи целината на еден генерациски хаос.
Како за крај на целиот овој ретроспективен опис на концептот на младиот Андреј Медиќ Лазаревски ќе си земам за право да нурнам во поетичното и да завршам со следниве зборови како еден дел од инталацијата зајадливи колажи:
„го сечам виножитото наполу
за да ја видам темнината на облаците
ги сечам и нив наполу
за да ја видам светлината на сонцето
го сечам и него наполу
за да ја почувствувам жештината на огнот
го сечам и огнот наполу
за да ја видам водената спротивност
ја сечам и водата наполу
за да ја поделам планетата
од копно, на сигурно, сечам сè
и повторно се враќам кон виножитото.
се чини сè што ќе пресечам
боја ми дава.“
Comments