top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Рибата е црвена


Автор: Габриел Гарсија Маркез

Оригинален наслов: El pez es rojo

Жанр: збирка раскази/мемоари

Година на издавање: 1999


Осврт:

Светот, во својата основа, не е изграден од првенствено големи слки, туку од многу ситни нешта кои склопувајќи се, го создаваат сето она што на човека му се чини важно. Вистинските писатели живеат и творат набљудувајќи ги. Малите нешта кои стојат во зародишот на сите големи, се нивниот предмет на проучување и опишување, моделирање и отсликување. Габриел Гарсија Маркез се смета за еден од најголемите писатели на дваесеттиот век, станувајќи нобелвец во областа на литературата. Покрај богатиот творечки опус, Маркез бил човек со навистина исклучителен живот- богат со искуства, значајни личности и големи мигови кои ќе го оформат неговиот творечки стил во текот на неговата долгогодишна писателска кариера. Збирката раскази, „Рибата е црвена“ преставува едно заокружување на Габриеловите обсервации и размислувања преточени во навистина исклучителни описи на некои особени момент од неговиот живот. Тоа што ги прави расказите толку живи и сликовити е непосредниот стил на изразување на авторот, лишен од секакви возвишени описи и долги објаснувања. Оваа збирка го носи насловот на стожерниот расказ на делото „ Рибата е црвена“ во кој Маркез говори за животот на својот многу драг пријател, самиот Фидел Кастро. Насловот претставува шифрирано име на една воена операција на Заливот на свињите во Куба. Неговата нарација е динамична, досетлива и напати цинична, а преку неа вешто ја брише далечината помеѓу читателот и мислата за која се говори. Преку овие куси, но богати раскази, Габриел ни дозволува да наѕреме во неговиот живот, во историјата на неговиот народ и воопшто во душата на еден човек кој живеел некогаш во некое време, но со очите на извонреден набљудувач чија длабочна ги дофаќа мислите вкоренети во севременот човек. На крајот, човекот е мисловно битие кое љуби да набљудува и да ги оживее своите впечатоци во своите размислувања. Читајќи ги тие пориви, напишани со зборовите на особено надарен, луциден раскажувач, можеби читателот ќе ги пронајде и ќе ги освести своите тивки внатрешни говори во оваа „хроника на светот“ на извонредниот Габриел Гарсија Маркез.


Белешка за авторот:

Габриел Хозе Гарсија Маркез (6 март 1928 - 17 април 2014) е колумбиски писател, новинар и политички активист. Добитник е на Нобеловата награда за литература. Според голем број литературни критичари, заедно со Хорхе Луис Борхес и Хулио Кортазар, Маркес е еден од најголемите латино-американски писатели на 20 век. Маркес е роден во малото место Аракатака, во северна Колумбија, а студирал на универзитетите во Баранкилја, Богота и Картахина. На почетокот, работел како новинар во Богота. Во 1971 година бил прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот Колумбија. Покрај во родната земја, Маркес живеел во Барселона, а по десет години се преселил во Мексико при што најголемиот дел од времето го поминал во Градот Мексико. Маркес бил познат по своите левоориентирани погледи. Тој му бил личен пријател на кубанскиот претседател Фидел Кастро и во повеќе наврати искажувал симпатии кон одредени латино-американски револуционерни групи, особено во текот на 1960-тите и 1970-тите. Исто така, тој бил критички настроен кон владата на Колумбија, иако нема докази дека отворено ги поддржувал герилските групи ФАРК и ЕЛН.

Маркес ја започнал својата книжевна кариера на возраст од 19-20 години, кога во весникот „Еспектадор“, во Богота, ги објавил своите први раскази: „Трето помирување со судбината“ (1947), „Ева е во својата мачка“ (1947), „Тубал-Каин кова една ѕвезда“ (1948), „Второто ребро на смртта“ (1948) и други, подоцна објавени во збирката „Очите на синото куче“. Подоцна, тој изјавил дека за него овие раскази претставувале еден вид барање на стварноста среде нестварноста. Според книжевните критичари, во неговите први раскази се чувствува влијанието на Франц Кафка, Вирџинија Вулф, надреализмот итн. Во 1955 година, Маркес ја објавил својата прва позначајна книга „Приказната на бродоломецот“, која била критикувана од страна на владата на генералот Густаво Рохас Пинаља. Во 1967 година, Маркес го објавил романот „Сто години самотија“, со кој набрзо постигнал светска слава и кој претставува негово најзначајно дело. Во 1982 година ја добил Нобеловата награда за литература. Во 2002 година го објавил своето автобиографско дело „Да се живее за да се раскаже“, а во 2004 година се појавило неговото последно дело „Сеќавање на моите тажни курви“. Маркес е добитник на наградата „Ромуло Гаљегос“. Во почетната фаза од творештвото, т.е. во раните раскази на Маркес е застапен целиот репертоар на клиничката патологија, со неизбежната преокупација со смртта, умирањето, гробовите, испиените очи, со често натрупување на бројни недоволно сварени придавки и споредби, но сепак, со забележителна доза на духовитост. Исто така, во нив, Маркес со голема посветеност ги испитува сите расположливи средства, вклучувајќи ја и интерпункцијата. Бујната раскажувачка техника на Маркес го доживеала своето крешендо во романот „Есента на патријархот“, а веќе следното дело, „Хроника на една најавена смрт“ претставува пресврт во стилот и зачекорување кон нов, но сепак својствен пат. Во ова дело, авторот се враќа кон економичноста, вредностите и возбудливото, едноставно раскажување карактеристично за неговите постари раскази, како што се: „Еден ден“, „Дремка во вторник“, „Вештачки рози“, итн. Сепак, Маркес и понатаму ги задржува своите омилени мотиви: тешкотијата да се закопа мртовецот, инсистирањето на телесното, ироничните хиперболи, некои знаци во природата итн. Исто така, за „Хрониката на една најавена смрт“ е карактеристично тоа што Маркес творечки го преобликува влијанието на некогашниот Маркес и се ослободува од влијанијата на Фокнер и Ками, кои ја нарушуваат целовитоста и хармонијата на неговите рани дела („Отпадници“ и „Кобен час“)


Цитати:

„Ништо друго на овој свет не ми годи колку јадењето. Имам огромна среќа што не можам да решам ниту еден проблем кога сум гладен. Напротив, проблемот се зголемува. Поради тоа, во лошите периоди можам да поминам цел ден јадејќи без пауза. Така доаѓам до злокобниот триаголник: кога не ми се допаѓа тоа што го пишувам, паѓам во депресија која станува причина за незаситен глад. Кога се заситувам, толку се здебелувам што стигнувам до еден друг вид на депресија која ме спречува да пишувам добро. Токму поради тоа имам, покрај здравствени, и професионални мотиви да бидам загрижен поради зголемената тежина. Жртва сум на толку лоша судбина што половина живот не јадев бидејќи немав доволно храна, а втората половина морам да ја поминувам на ист начин, за да не се здебелам премногу“

(расказ: „Модерно е да си слаб“)


„Пред некое време, во својата куќа во Мексико, прочитав дека пред еден ден сум одржал предавање на другата страна од океанот, во Лас Палмас, на Канарските Острови. Зборливиот дописник не само што подробно ја опишал хрониката на церемонијата, туку и го пренел моето излагање на еден сугестивен начин. Говорот, а тоа ми ласкаше, беше попаметен отколку што можев да го замислам, а начинот на кој ги изложував мислите беше попаметен од оној за кој сум способен. Постоеше само една грешка: во Лас Палмас не сум бил ни претходниот ден ни кој било друг ден минативе дваесет години“

(расказ: „Моето второ јас“)


„Во речениците има грешки што навистина не можат да се простат. Најскандалозна ми изгледа онаа на незаборавната Марија Молниер во Речникот за употреба на шпанскиот јазк, каде што зборот ден го дефинира на следниот начин: „ Временски простор што го исполнува Сонцето за целосно да се заврти околу земјата“. На прво место, секогаш сум мислел дека е вознемирувачко да се зборува за временски простор. Такво нешто не постои: или е простор или е време, бидејќи се работи за две различни работи.“

(расказ: „Мајмунлакот на речниците“)

55 views
bottom of page