top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Морфиум

Автор: Михаил Булгаков

Жанр: мини- новела

Оригинален наслов: морфий

Година на издавање: 1927

Се појавува во склоп на: збирката раскази : „записи на младиот лекар“ (Записки юного врача)

Мини- новелата „Морфиум“ претставува исповед на еден млад лекар, кој за да го потисне разочарувањето од животот и стресниот начин на живот кој неговата професија му го наложува станува зависник од морифиум. Темата на ова дело е автобиографска. Припаѓа на раниот период од творештвото на Булгаков и се навраќа на времето кога авторот работел како лекар во Вјазма, за време на првата светска војна и во обид да се оттргне од ужасите кои го опкружуваат, привремено се навлекол на медицински наркотици. Нараторот на расказот е младиот доктор Бомгард кој по долгогодишно работење како селски лекар во една руска покраина добива работа во околиското гратче. Во зимата на 1917 година, доктор Бомгард добива едно не сосем пријатно писмо од својот пријател и колега, Др. Полјаков во кое тој го известува дека боледува од страшна и тешка болест за која му е потребна помош да се избави, повикувајќи го својот пријател назад во селото. Истата вечер, во болницата го доведуваат Полјаков, кобно повреден во обид за самоубиство. Бомгард е сведок на смртта на својот пријател по која го пронаоѓа неговиот дневник каде ја дознава болеста поради која младиот доктор си го одземал животот. Оттука, дејството на расказот се провлекува низ приложените лични записи на доктор Полјаков. Хонолошки поставени, овие записи нудат луциден приказ на процесот низ кој поминува секој зависник, од почетокот на својата зависност, па се до последните денови. Што сѐ може да биде болест за човекот? Колку пати човек бара начин да избега од реалноста несакајќи да ја искуси, ниту да се сообрази со неа? Колку лесно човек може да подлегне на страстите? Навистина, ова се исконски прашања со кои, ние луѓето сме во вечна борба. Следејќи ги размислувањата на докторот, додека станува зависник од морфиум, очебијно е тоа што Полјаков не е свесен за своето пропаѓање кое останува забележано само од оние кои го сакаат и го опкружуваат. За човекот е својствено пропаѓањето исходено од неспособноста да се соочи со себе и со животот и сите напори да избега од тоа, да го скрие зад бескрајна низа на самооправдувања. Ние луѓето сме склони кон тоа да живееме во еуфемизми зад кои ги криеме нашите пороци и слабости, но зарем тоа треба да не избави? Не е лесно да се биде човек, тоа изискува огромна храброст која од нас бара да се соголиме од сите самооправдувања и острастувања и да се соочиме со она што ќе остане. Бегајќи од тоа, зарем нѐ спасува нашето пропаѓање? Зарем болеста со поголема болест треба да се лекува?

Спасението на човекот не претставува бегање, криење и живеење во еуфемистички илузии. Малдиот доктор имаше избор да го поднесе своето бреме, како и секој друг човек. До него стои ликот на Ана, жена која искрено го љуби, а кога човек ја има љубовта сам ли е? „Морфиум“ претставува портрет на човек кој решава да го даде животот за страдание. Сакајќи да се спаси, тој се заробува. Оваа исповед која ќе ја прочитате претставува одраз на човек кој својата болест сака да ја излечи со болест, нешто што може да биде привремено бегство, скривалиште, рамен пат, сѐ до болно, сигурно пропаѓање. Мајсторството на Булгаков да го долови она што е вечно за човекот, да создаде еден совршен портрет на општочовечката психологија и да ги истакне исходите од сите наши човечки стремежи нема да ве остави рамнодушни, но ќе го освести на човека толку својственото бегање и тогаш

ќе имаме ли изговор од себе да се сокриеме?


Белешка за авторот:


Михаил Булгаков е роден во 1891 година во Киев, а починал во Москва во 1940. Во 1916 година, дипломирал медицина на Киевскиот универзитет, а потоа работел како селски лекар најпрво во селото Николско, а потоа во местото Вјазма. Овој период од животот подоцна го опишал во збирката раскази „Записи на младиот лекар“.

Кога започнала Првата светска војна, Булгаков се пријавил за доброволец во Црвениот крст, а по избувнувањето на Октомвриската револуција бил присилно мобилизиран во Украинската националистичка армија. Во 1918 година, тој и неговите помлади браќа биле мобилизирани во Белата гарда и се бореле на фронтот на Кавказ. Притоа, Булгаков работел во полската болница. Во 1919 година, Булгаков ја напуштил лекарската работа, а следната година се преселил во Грозни и во Владикавказ од каде во 1921г се преселил во Москва и ја започнал својата писателска дејност.

Во 1922 година, Булгаков почнал да објавува свои раскази во берлинското списание „В зори“ и во московското списание „Сирена“, а до 1924 година напишал околу 150 кратки раскази, фељтони и цртички, меѓу кои: „Црвената круна“, „Необичните доживувања на еден лекар“, „Боеми“, итн. Исто така, го напишал и автобиографскиот роман „Белата гарда“ чие прв дел бил објавен во 1925 година, во Москва, а романот во целост бил објавен во 1927 година, во Рига, потоа во Париз, а во СССР бил објавен дури во 1966 година.

Во своите дела, Булгаков никогаш не го поддржал советскиот режим и директно го критикувал, поради што веќе во 1927г започнал да биде под удар на критичарите кои го процениле како антисоветски настроен. Сиот живот се борел со бедата и имал доста несреден приватен живот. Поради тоа западнал во тежок очај и депресија поради која некое време бил лекуван во психијатриската болница. Починал во 1940 година на 49 годишна возраст.

За време на својот живот, тој никогаш не станал особено славен, соочувајќи се со остри критики и цензура најголем дел од својата кариера. Неговото најпознато дело е романот „Мајсторот и Маргарита“.

Константин Симонов за Булгаков пишува: “Во богатиот талент на Булгаков, во текот на целокупната книжевна дејност на писателот, како да живееја во соседство, грабнувајќи ја еден од друг палмата на првенството, цели три различни таленти - талентот на сатиричар, талентот на фантаст и талентот на реалист, склон на строга и точна психолошка анализа”.

Избрани цитати:


„Тежок камен ми падна од душата. Веќе не ја сносев кобната одговорност за сѐ што се случуваше на светов.“


„ Тоа се двојни сни. При што, основниот сон, би рекол, е стаклен. Проѕирен е.“


„ Тогаш за прв пат ја забележав кај себе непријатната способност да им викам и да им се лутам на луѓето кога не сум во право.“


„Не, зениците, опасни се само зениците и затоа си го поставувам правилото да не се среќавам со луѓе навечер“


„ Дожд лие како за време на потоп и ме сокрива од светот. И нека ме сокрие.“


„ Распад на личноста- тоа е распад, но сепак се обидувам да се воздржувам од тоа“

171 views
bottom of page