top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Писма до Милена


Корицата на првото издание од 1953

Автор: Франц Кафка

Година на издавање: 1952

Наслов на оригиналот: Briefe an Milena

Жанр: Собрани писма- епистоларно, биографско дело

Осврт:

„Писма до Милена“ претстаува дело сочинето од сите сочувани писма од дописката помеѓу Франц Кафка и Милена Јесенска, во периодот помеѓу 1920 и 1923 година, непосредно пред смртта на авторот.


Правилно е ако се каже дека самото дело може да се поистовети со интимен, биографски карактер и возобнова на епистоларната уметност , но воедно споменик на вистинскиот, соголен Кафка, непознат за светот и своето опкружување.


Јесенска била жена несвојствена за своето време, препознатлива по својата бунтовност, еманципираност и сестраност, сочинети во една деликатна индивидуалност, која била забележана и жедно прифатена во литературните и уметнички кругови во Виена.


Во својата бурна младост, Милена почнува да се занимава со пишување на фељтони и преведување, активност преку која ќе го запознае тогаш 36- годишниот Кафка.


Имено, во 1920-та година, Јесенска ќе го објави преводот на делото на Кафка

Милена Јесенска

„Der Heizer" во списанието Трибуна и по тој повод, започнува она што во својот зародиш ќе се претстави како деловна преписка помеѓу двајцата писатели, а ќе се развие во нешто кое го одзема секој сон на авторот, и едновремено ќе постане негова боелст и негово оздравување.


Интересно е да се забележи дека врската помеѓу Кафка и Јесенска никогаш нема да се овоплоти, но ќе остане платонска, љубов на духот кој живее со нив и во нивните зборови.


Според тоа, не е погрешно доколку се забележи дека врската на Франц и Милена не се развива низ хронолошки приложените писма, но самите тие се нивната врска.


Во една прилика, во писмо до својот пријател Кафка ќе напише: „Пишувањето писма е всушност општење со духови, и во никој случај само со духот на примателот, но и со сопствниот дух кој потајно се положува во писмото на оној кој го пишува, или дури во цела серија писма каде едното се утврдува во другото и му сведочи“


Од писмата собрани во насловеното дело се доловува ликот на Кафка во својата најкревка, најсоголена форма, повикувајќи се на неговата исклучителна близина со Јесенска.


За истата сведочи фактот дека непосредно пред својата смрт Франц ѝ ги доверува сите свои дневници, освен последниот во кој помеѓу последните записи, потпишано е нејзиното име.


Милена е единствената личност во животот на писателот пред која тој може да ја соголи сета своја внатрешност и да се открие пред неа и пред себеси, на начин на кој самиот никогаш не умеел.


Благодарение на хронолошкиот распоред на писмата, се забележува бавното догорување на она што останува од Кафка кој уште во 1917 година ќе биде дијагностициран со туберкулоза која ќе го заврши неговиот живот веќе неколку години подоцна.


Напоредно со тоа, Франц страда од хронична несоница, воглавно нахранета со многу бессони ноќи минати во пишување на писмата кои денес се приложуваат.


„Писма до Милена“ е дело собрано и објавено од заедничкиот пријател на Јесенска и Кафка, Вилијам Хас кој за прв пат ќе ги уреди писмата и ќе ги објави во 1952 година, долго време по смртта на двајцата автори.


Јесенска својот живот го завршува во нацистичкиот логор Ravensbrück под осуда за соработка и помош на Евреите.


Со тоа, писмата на Милена не се сочувани, но нејзините одговори и доживувања јасно се чуствуваат во обраќањата на Кафка.


Неговиот стил е енигматичен, бурен и заносен, но длабоко интимен и соголен, соодветно на детален душевен акт на еден автор кој својот живот го минува во жестока борба со своето минато, со себеси и со светот.


„Писма до Милена“ е споменик на една вистинска, духовна неземски силна близина и посветеност на две извонредни личности, а воедно споменик за нивното суштинско постоење кое сѐ уште се чувствува во отворените обраќања на Кафка и немите одговори на Јесенска.


Цитати:

„Постојано се обидувам да искажам нешто неискажливо, да објаснам нешто необјсниво, да говорам за нешто што го чувствувам само во коските и што може да биде искусено само во тие коски. Впрочем, тоа не е ништо друго осверн оној страв за кој сме зборувале толку многу, но страв раширен во сѐ страв од најголемото исто како и од намалото, страв, парализирачки страв од изговарање на зборот, но и копнеж за нешто поголемо од сѐ што е страшно.“


„ На некој начин, Вие сте поезија. Полна сте со облачни суптилности за кои јас сум желен да го минам сиот живот откривајќи ги зборовите кои се распрснуваат во Вашата суштина, го носите нивниот прав во порите на Вашата деликатна индивидуалност.“


„Сонот е најневиното суштество што постои, а бессониот човек е најголемиот виновник“


„ За себеси сум претежок, а за Вас сум прелесен.“


„Мислам единствено на својата болест и на своето здравје иако и двете, и првото и второто сте Вие“


„ Не, уште само едно нешто. Ако потрошите само уште една минута од Вашиот сон за преводот, тоа ќе биде исто како да ме проколнувате. Ако некогаш дојде до судење, нема да има понатамошни истражувања, тие ќе ја утврдат пресудата: „тој ја ограби од нејзиниот сон“. Со тоа јас ќе бидам осуден и со право. Така, јас се борам за себеси кога Ве замолувам да престанете.“


Белешка за авторот:

Франц Кафка (1883 – 1924) се смета за еден од најголемите и најзначајните писатели на дваесеттиот век.


Во неговите дела се спојуваат елементи од реалното и фантазијата, а неговите протагонисти се осамени и изолирани ликови кои се наоѓаат во бизарни и надреални ситуации, опфатени од социјално-бирократските сили, соочени со отуѓувањето, вината, егзистенцијата и апсурдот.


„Кафкијански“ е терминот под кој се подразбира специфичноста на неговото творештво и ликовите што ги создал.

За време на својот живот Кафка објавил само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво и поради тоа не привлекол значајно внимание.

Најголемиот дел од неговите дела се објавени постхумно зашто сметал дека не се доволно вредни. Неговото уникатно дело продолжува да ги предизвикува критичарите, а обидите за негова класификација завршуваат без успех.

Кафка ги напишал романите „Процес“, „Замок“ и „Америка“, збирката кратки раскази „Градењето на кинескиот ѕид“ и расказите „Метаморфози“.


Тој се смета за дел од модернизмот – претставник на експресионизмот, на егзистенцијализмот, предвесник на постмодернизмот во литературата.

Кафка е роден во Прага во средноимотно еврејско семејство, семејство на германски говорители.


Во Прага го завршил своето образование станувајќи доктор по правни науки. Се вработил во осигурителна компанија, и тогаш почнал да пишува. Работата ја сметал за потреба да се преживее, а негова страст станала литературата жалејќи што нема доволно време за целосно да ѝ се посвети.


Во текот на својот живот, Кафка напишал стотици писма до семејството и блиските пријатели, меѓу кои и неговиот татко, со кој имал заладена и формална врска. Врската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува.


Во 1917 година се разболува од туберколоза и неговото семејство му помага во опоравувањето.


Во 1923 набрзина се сели во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на семејството и да се фокусира на пишувањето.


Кафка страдал од клиничка депресија и социјална анксиозност целиот свој живот. Страдал од мигрена, несоница, цревни заболувања, напади на бес и други оболувања создадени од прекумерен стрес и напор. Се обидувал да ги контролира овие заболувања преку природни методи држејќи вегетеријанска диета.


Наспроти неговиот страв од тоа да не стане физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од она што го прави, од неговиот момчешки, чист и асктески надворешен изглед, од неговата интелигенција и чудната смисла за хумор.


Туберколозата му се влошила и тој се вратил во Прага за да се смести во еден санаториум во близина на Виена со надеж дека ќе се излечи. Таму умира на 3 јуни 1924 година.


240 views
bottom of page