top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Форми во создавање


Автор: Љубица Шопова

Година на издавање: 2020

Жанр: поезија


Осврт:

Минатиот четврток (05.08.2021) во дворот на кафе- книжарницата „Буква“ се одржа промоцијата на поетското првенче на поетесата Љубица Шопова, „Форми во создавање“.


Запознавајќи се со Шопова и нејзината поезија, оваа недела, насловената стихозбирка спонтано се положи во темата на моето денешно обраќање, исходено од силните впечатоци кои овие стихови ги оставија.


Песните сочинети во збирката „Форми во создавање“ се одликуваат со еден кус, експресивен, прочистен израз составен од безброј чувствени нишки едноставно склопени во мултидимензионалните форми и облици.


Љубица Шопова своите чувствени пејзажи и портрети ги гради тивко, со филигранска внимателност и прецизност, како скулптура на сопственото себепронаоѓање- совршено извајана форма во создавање.


Поетските слики се доловени со едноставни, но многузначни зборови, несложени изрази и агли од секојдневието со што стиховите на Шопова се оградуваат од претенциозна или натоварена завиеност.


Соодветно, ваквиот пристап создава простран хоризонт во кој читателот може да ги надоврзе сопствените чувствувања на оние кои се стихувани со што се доловува таа насушна, пријатна слобода на двојството: поет- читател.


Поетесата своите форми ги создава со изразита чувствена проникливост, на крстопатот помеѓу конкретното и апстрактното со геометриска прецизност и душеподобна слоевитост на изразот, богат со бои, мириси, временски и просторни оформувања, стихии и мигновенија.


Поетесата Љубица Шопова умее да создаде стихови со боја и мирис, филигрански изработени фигури од микросветот на оној кој посегнува по суштините, едноставни, мајсторски извајани форми во создавање, изградени без натежнати превези, во еден совршен спој на апстрактното и конкретното од кој се раѓаат мултидимензионалните чувствени пејсажи и портрети.


Одбрани песни:


Бои

Да умеев да гледам розово

кога сум облечена бордо,

а сакав зелено,

ќе ги цртав мапите на иднината.


На црно платно

со боите на зајдисонцето.


Нов спектар на Земјата

со секоја ротација

околу земјината оска.


***


Најава

Март е, а сѐ уште

се чувствува мирисот

на снегот во ноември

што ја најави зимата.


***


Лет

Понекогаш ги ширам крилата

за да видам како е да се гледа од високо.


Само кога ќе треснеш на земја

знаеш колку високо си летал

без да ги броиш чекорите.



Белешка за авторот:

Љубица Шопова е родена во 1985 година во Скопје. Магистрирала на економскиот факултет во Скопје на тема од областа на бихејвиористичката економја, што воедно се вбројува во пионерските трудови од таа област. По подолга пауза, повтроно се навраќа на пишувањето поезија на еден неформален поетски настан во Старата Скопска чаршија во 2015 година. Оттогаш, неколку пати свои стихови чита во рамките на поетските собири „Астални проекции“ и работи на обликувањето на својот поетски израз. Нејзини песни се објавени во изборот песни од инцијативата „100 000 поети за промена“, во списанијата „Современост“ и „АКТ“, во неколку електронски поетски збирки и во арт- програмата „Допир“.


Во мај 2019 година учествувала во меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар, а нејзините песни беа во најтесен избор од десетте најдобри учесници.


„Форми во создавање“ е нејзина прва стихозбирка.

131 views
bottom of page