ШТО СЕ ЧИТА?: „Совршен поет“ од Игор Исаковски
- Андреј Медиќ Лазаревски

- Dec 25, 2025
- 3 min read
Есента 2025 година, во издание на издавачката куќа „Или-или“ излезе капиталната поетска книга „Совршен поет“ што го содржи целото поетско творештво на македонскиот современ поет Игор Исаковски. Тимот составен од приредувачката Елизабета Баковска, издавачот и уредник Ненад Стевовиќ и фотографот Сашо Димоски ја создадоа оваа книга како голем потфат во чест и спомен на поетот Игор Исаковски. Книгата внатре ги содржи сите песни од сите негови стихозбирки што ги објавил во текот на неговиот живот, како и четири дополнителни песни што Исаковски ги објавил на неговите социјални мрежи, а дополнително во книгата има два поговора на Елизабета Баковска и на Елизабета Шелева, како и две песни од поетите Јовица Ивановски и Амир Ор посветени на Исаковски.
Елизабета Баковска го започнува својот поговор со зборовите: „Годинава, издавачката куќа „Или-или“ го објавува ова, во многу аспекти и поради многу причини, посебно и капитално дело: собраните стихови на поетот, прозаист, уредник и преведувач Игор Исаковски (1970-2014). Овој извонреден издавачки потфат се случува десетина години по ненадејната смрт на Игор, во годината кога тој ќе наполнеше педесет и пет години.“, а потоа додава: „Неколку дена по заминувањето на Игор, во декември 2014 година, Никола Гелески на порталот ‘Окно’ напиша: ‘Во рамките на македонската култура, Игор Исаковски беше човек на новиот век’, а потоа постави и неколку (за оние кои го познаваа Игор, можеби и реторички) прашања: „Што беше Игор? Поет? Писател? Преведувач? Уредник? Директор? Културен работник? Боем? Човек без особини?! Човек со многу меѓусебно судирачки особини?! Или (би додала), кој беше и каков беше Игор како поет, како човек, но и како придвижувач на низа општествени и културни процеси?“
Иако во продолжение Баковска вели дека речиси е невозможно во целост да се одговори на овие прашања и, секако, потоа потврдува дека Исаковски беше еден комплексен и сестран лик, сепак, во „Совршен поет“ може да се потсетиме или да го запознаеме Игор Исаковски како поет, како писател, како автор-пркос низ неговите песни и низ сѐ што тој кажува внатре во тие песни. Во книгата може да се проследат поетските почетоци на Исаковски, неговите младешки песни со кои тој влегува во македонскиот поетски свет, па сѐ до песните од неговите најзначајни и најпознати книги како „Ноќта е најтемна пред разденување“ или „Смртта има коса од морска трева“. Баковска во поговорот вели дека Игор Исаковски беше, а и низ песните можеме да го читаме и како осаменик и како човек пријател со многу пријатели особено пријатели уметници. Може да го читаме и како бунтовник против конвенциите што е многу читливо во неговите песни, а и како „прецизен пишувач и уште попрецизен читател и на своето и на писмата на другите“.
Професорката Елизабета Шелева, пак, во својот поговор кон „Совршен поет“ говори за канонизација на еден писател во македонската книжевност истакнувајќи дека, особено кога станува збор за лик како Игор Исаковски кој таа го определува како автор што е од помалку послушните и не толку малограѓански подобните, процесот на канонизација во нашата книжевна средина е покомплексен. Професорката Шелева во тексот го истакнува неговиот жесток урбан сензибилитет, неговата препознатлива индивидуална радикалност, бунтовничкиот ерос, присуството на блуз, секс и алкохол во неговите песни и градот како „ултимативен лирски простор“ како најзначајни нишки во поезијата на Исаковски.
„Отаде, тажно непобитен останува фактот, дека во својата сопствена културна и книжевна средина, писателите и воопшто уметниците, особено оние кои духовно, творечки, според својот животен стил и непокор квалитативно отскокнуваат од неа, честопати за „возврат“ остануваат и од неа си заминуваат – непрочитани и недочитани!“ додава Шелева.
Оттука оваа книга која во стилот на Исаковски е насловена „Совршен поет“ претставува важно и неопходно дело во македонската современа и особено алтернативно-урбана сцена, дело кое ќе го пренесува на новите генерации читатели, на новите генерации поети неговото поетско творештво, а со тоа овој поет би останал паметен и во домашната културна средина.
Додека мочав во домашниот тоалет
си мислев:
напиши 3-4 добри песни
за следниве 2-3 години.
не ти треба повеќе.
ама, имај добри преведувачи.
на фестивалите
сите ќе те сакаат.
пиеш само џус,
не пушиш
и умерено јадеш.
немаш авантура со жени.
а ни со мажи.
совршен поет.
*Книгата „Совршен поет“ е достапна во книжарницата на издавачката куќа „Или-или“, во кафе книжарниците „Буква“ и „Илика“, како и во другите поголеми книжарници.




Comments