top of page
Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

β-муабет со Андреј Сивески од Corrosion

Во ова издание на β-муабет имам прилика да разговарам со Андреј Сивески, млад музичар од Битола, кој е основач на еден нов македонски бенд, под името Corrosion. Неговото музичко изразување го започнува сам, a потоа му се придружуваат Виктор Стојчески на тапани и Горазд Христовски на бас со кои го снима првиот албум, со наслов Ominous?. Ми раскажа за неговите почетоци во светот на музиката, бендот и визијата.


„Пред околу 3 години, започнав да свирам на гитара, односно почнав како басист, а по некое време се префрлив на електрична гитара. Тогаш почнав да вежбам пеење и како резултат на сето тоа дојде создавањето на моите први песни.“


Го прашав од каде црпи инспирација, а тој во кратки зборови долови од каде произлегува музиката што ја создава.


„Некогаш инспирациите доаѓаат од музиката што сум ја слушал во одреден период, но инспирација наоѓам и во литературата, уметноста и секојдневието со кое се соочувам.“


Првпат се појавува на музичката сцена самостојно со песната Cream, а тој ми објасни зошто одлучил неговата замисла да се развива како бенд.


„Желбата да свирам во група ме натера да научам да свирам гитара. Но еден инструмент сметав дека не е доволен за музиката која ја замислувам да им ја претставам на слушателите.“

Андреј спомена дека инспирација наоѓа во музиката која ја слуша, а тоа ме поттикна да дознаам дали имаат желба да соработуваат со артист од домашната или светската сцена.


„Како бенд, би сакале да изразиме голема благодарност до Раде Стаматов од групата „Гром“, кој што ни даде драгоцени совети и поддршка, особено за време на изработката на „Ominous?“. Да не беше Раде, веројатно албумот сè уште би бил само идеја. Секако дека би сакале еден ден да настапиме заедно со него.“


Неговите последни мисли за овој муабет беа за создавањето на бендот и нивните идни планови.


„„Формалното“ создавање на бендот настана како последица на дружење и спој на заеднички музички интереси. Сè уште немаме некои конкретни долготрајни планови за иднината, меѓутоа се надеваме дека ќе имаме прилика да се претставиме во живо и можеби да снимиме уште еден албум.“


Јас ќе се одјавам среќна бидејќи ми се отвораат прилики да разговарам со инспиративни ликови, а на младинците им посакувам успех во понатамошната музичка кариера чиј следен албум во искушение го очекувам.


Comments


bottom of page