top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Кружно патување на сенката


Автор: Димитар Солев

Расказот се појавува во склоп на: Антологија на македонскиот расказ (1979)- со избор на Петар Т. Бошковски и делото „Одбрани раскази“ на Димитар Солев објавено од „Мисла“ (1970)

Година на издавање: 1970г. (според горенаведената збирка раскази на авторот)

Жанр: расказ

Осврт:

Димитар Солев припаѓа на плеадата македонски книжевници кои непосредно учествуваат во поставувањето на темелите на современата македонска литература во повоениот период.


Исходно, расказот „Кружно патување на сенката“ својот наратив го гради врз мотивот изведен од изразитата динамичност на периодот во кој се појавува и ја поставува временската определба.


Имено, во насловениот расказ Солев говори за времето на стрмоглав подем и експанзија на главниот град во изградба- Скопје аналогно на прогресивните тенденции забележани во сите области на општественото живеење и изградба на новата држава.


Главниот носител на мотивските нишки е пензионираниот железничар Круме, татко на загинат паризан чија генерација ја создава пресечната линија од која започнува новото време кое стихијно навира.


Стариот железничар и неговата речиси неподвижна сопруга, притиснати од бремето на својата осаменост и непремостлива загуба, остануваат изолирани од светот кој се менува, притоа станувајќи непосредни сведоци на животот кој го навјасува веќе за нив новиот град.


Осврнувајќи се кон историските и општетвени одлики на засегнатиот период во однос на развојот на современиот македонски расказ, а притоа во планот на литературната свест, како што ќе забележи Петар Т. Бошковски во своето излагање насловено како „Аспекти врз македонскиот расказ“ се појавува двојбата помеѓу она кое се смета за ново и модерно наспроти она кое важи за старо и надживеано, или соодветно, двојбата помеѓу она кое тежнее кон реализмот и она кое тежнее кон модернизмот.


Земајќи предвид дека Димитар Солев земал активно учество во ваквите полемики, за него стануваат карактеристични крајностите и исклученостите портретитани во антонимите: традиција-современост, живи-мртви, изолирање- вклучување, градење- рушење и истите ги градат основните мотивски особености на именуваниот расказ.


Железничарот Круме, своето живеење го посветува на споменот на својот првороден син, притоа садејќи млада фиданка над гробот за да израсне дрво кое ќе му држи сенка. „ Во лето е умрен Митруш, нека му држи сенка.“

Како што расте главниот град, така гробиштата бидуваат истиснати кон краевите на кругот кој се шири како „дамка мастило на упивателна хартија“ и живите ги истиснуваат мртвите исто онака како што новиот свет со својата динамика го истиснува стариот коj гувее помеѓу рушевините на времето кое минало.


Круме го следи кругот на чиј раб се оддалечува домот на вечните, носејќи млади фиданки на плеќите, одново да засади дрвце над новиот гроб на својот син кој непрекинато се оддалечува онака како што се разлева животот кој градот го ветрее.


Старецот и неговата сопруга живеат во својот стар дом чие небо секојдневно се стеснува, единствен споменик на она кое минало, а доброволно изолирани од новостите кои го градат светот кој ги опкружува.


Стариот железничар патува по работ кон она кое му е вечно познато, срчано одлучен да го успокои новиот гроб на одамна починатиот Митруш со нова сенка од млада фиданка, но неговата патека станува сѐ подолга, онака како што пречникот на градот се издолжува.


На крајот ги собира коските на своето чедо самиот да ги пренесе таму каде што дамката што се шири нема да ги истисне, положувајќи ги под новото небо чие бреме полека го положува на земјата каде неговата старост ќе го остави.


„Кружно патување на сенката“ претставува споменик на еден генерациски преплет- крстосница на која се среќаваат старите времиња, оние кои го навестуваат новото утро и новиот свет кој стихијно се разлева како мастилава капка на упивателна хартија, изграден преку карактеристичните контрасти и антоними со кои Солев активно учествува во положувањето на основата на современиот македонски расказ.


Цитати:

„Макар што пладнето му се стечуваше по лицето како растечена сончевина, тој не водеше сметка а растегнатите далечини на краиштата од градот“


„Новите граѓани беа како старите селани: ги поттурнуваа вечните од своите живеалишта, имајќи го на ум својот спокој, а немајќи многу почит кон туѓиот мир“


„другите синови, фала на времињата, си застанаа на нозе; и тоа толку си застанаа, што веќе не им се видоа ни петиците.- кој како пркнуваше така и се губеше“


„ Светот копкаше околу себе за да се качи на глава“


„Ако мртвите не им отстапат место на живите, кој ќе го направи тоа?“


„Градот се ширеше како капка мастило на попивателна хартија и гробиштата беа сѐ подалеку и подалеку“


„Под него, по работ на градот, се распознаваше кругот по кој се селеа гробиштата. Сонцето одеше под земјата, копајќи во градот крвава прав. Железничарот ја крена главата кон небото и почувстува како тоа полека го положува на плеќи, до гробот од сина му Митруша.“


Белешка за авторот:

Димитар Солев е роден во Скопје на 24 мај 1930 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Бил директор на Македонската телевизија, уредник на списаниjата „Млада литература“ и „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар и на ДПМ од 1956 година.


Солев е раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист, критичар, преведувач. Автор е на делата: „Окопнети снегови“ (раскази, 1956), „Под усвитеност“ (роман, 1957), „По реката и спроти неа“ (раскази, 1960), „Ограда“ (раскази, 1963), „Кратката пролет на Моно Самоников“ (роман, 1964), „Зима на слободата“ (раскази, 1968), „Слово за Игора“ (раскази, 1969), „Кво вадис скриптор“ (есеи, 1970), „Полжави“ (раскази, 1975), „Дрен“ (роман, 1980), „Зора зад аголот“ (роман, 1984), „Црно огледало“ (раскази, 1985), „Дублер“ (роман, 1988), „Одумирање на државата“ (раскази, 1990), „Промена на системот“ (раскази, 1993), „Мртва трка“ (роман, 1998).


Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Рациново признание“, Книга на годината за 1990 година.


Починал во Скопје, 2003 година.

Comentarios


bottom of page