Автор: Рејнер Марија Рилке
(писмата се собрани и се сопственост на Франц Капус)
Година на издавање: 1929
Жанр: писма/ епистоларно дело
Наслов на оригиналот: Briefe an einen jungen Dichter
Осврт:
Рајнер Марија Рилке се вбројува меѓу највлијателните и најуникатните поети на раниот дваесетти век во Европа.
Со своето творештво, Рилке го претставува преодот помеѓу традиционалната и модернистичката германска литература.
Збирката собрани писма од преписката со 19- годишниот кадет на воената академија, Франц Ксавер Капус е објавена три години по смртта на поетот и претставува прекрасна интроспекција во светот на Рилке и неговото интимно доживување на уметничкиот идентитет, светот и темите кои се положуваат во основата на неговите поетски искуства.
Франц Ксавер ја открива својата љубов кон поезијата и се поставува пред прашањето, дали уметничкиот живот за него е повреден од воената кариера која му се навестува, а притоа се наоѓа на почетокот на едно уметничко откровение на светот во себе и оној кој го опкружува.
Преписката помеѓу Капус и Рилке се одвива во период од 6 години, во кој нивниот однос станува мошне близок и искрен иако никогаш нема да се здобијат со прилика физички да ја остварат својата средба.
Одговорите на Рилке, варираат помеѓу еден исповеднички и еден заштитнички пристап кон прашањата на младиот кадет, притоа приложувајќи ја неговата философија и воспримање на живот во целост.
Исто како и Херман Хесе, Рилке отворено се занимава со прашањето на односот помеѓу уметникот и реалниот живот, прашање кое се положува во многу мотиви на неговото творештво.
Писмата кои го сочинуваат насловеното дело говорат за стожерните теми кои го оформуваат поетот во Рилке, а воедно се непосредно поврзани со неговите интимни превирања кои ја образуваат поетовата философија.
Меѓу нив како најзастапени мотиви се оние кои се положуваат во самите особености на поезијата на Рајнер Мариа Рилке, имено говорејќи за љубовта, смртта, стравовите од детството и концептот за Бог, доловен како „тенденција на срцето“.
За младиот кадет Франц Ксавер Капус, денес сознанијата се мошне скудни, но она што е познато е дека никогаш не ја напуштил воената академија и изградил успешна воена кариера за време на својата долгогодишна служба.
Влијанието на Рилке врз младиот човек е неотповикливо силно и се провлекува низ целиот живот на Капус, кој подоцна ги објавува писмата на поетот под насловот „Писма до младиот поет“. Со тоа, Франц Ксавер го овековечува ликот на Рајнер Марија Рилке како поет кој ја одживеал својата поезија, а подоцна, продолжил да живее преку неа.
Цитати:
„Можеби сите ламји во нашиот живот се принцези кои само чекаат да нѐ видат како постапуваме, само еднаш, со убавина и храброст. Можеби сето она што не пллаши, во својата најдлабока суштина е нешто беспомошно кое има потреба од нашата љубов.“
„Повлечи се во себе и не сретнувај никого со часови – ние тоа мораме да умееме да го постигнеме. Да се биде осамен онака како што сме биле осамени во детството, кога возрасните се движеле околу нас, преокупирани со работи кои изгледале важни и големи само затоа што возрасните ги правеле и оставале впечаток на голема зафатеност и затоа што од целото нивно дејствување не сме сфатиле ништо. Добро е да се биде осамен, затоа што осаменоста е тешка; околноста дека нешто е тешко нам мора да ни биде причина повеќе за да твориме.“
„Те замолувам да бидеш трпелив со сѐ што не е разбирливо во твоето срце и обиди се да ги сакаш самите прашања како да се заклучени соби или книги напшани на сосем непознат јазик. Не ги барај одговорите кои не можат да ти бидат дадени сега бидејќи тогаш не би можел да ги одживееш. Поентата е да одживееш сѐ. Живеј ги прашањата сега, Можеби тогаш, некој ден далеку во иднината, полека, дури и без да забележиш, ќе го оддживееш патот до одговорот.“
„Единствените таги кои се опасни и нездрави се оние кои ги понесуваме надвор, во јавноста за да ги потопиме со бучава; како болести кои се лекувани површно и лажно, тие само избледуваат и по кус, периодичен одмор се појавуват повторно уште пострашно. И се собираат во нас и стануваат живот, живот кој не е одживеан, кој е отфрлен и изгубен, живот од кој можеме да умреме.“
Белешка за авторот:
Рајнер Марија Рилке е еден од најзначајните поети од германското говорно подрачје. Роден е на 4 декември 1875 година во Прага. Посетува трговска гимназија во Линц, а потоа студира филозофија, уметност и книжевност во Прага, Минхен и Берлин. Првата збирка песни „Постоење и песни“ излегува 1894 година.
За време на Првата светска војна Рилке живее претежно во Минхен, а од 1919 година се сели во Швајцарија. Умира во Вал-Монт во 1926 година, набргу после навршувањето на 51-та година од животот.
Негови попознати дела се: (збирка поезија 1899-1903) „Часослов “(1905г.); (преработена збирка поезија) „Книга на слики“ (1906) ; „Дуински Елегии“ (1927) „ Сонети за Орфеј“; Проза / лирска проза: „ Песна за животот и смртта на заставникот Кристоф Рилке“ и „Записите на Малте Лауридс Бриге“
Comments