top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Американизација на културно-уметничкиот свет: дали дојде време да се плашиме?

Американската култура е најраспостранета, највлијателна, најдоминантна. Точка и крај на муабетот. Не кажав ниту нешто ново, ниту нешто шокантно, а уште помалку нешто што делува загрижувачки. Меѓутоа, прашањето кое си го поставувам е следно: дали дојде време да се плашиме од американизацијата на културно-уметничкиот свет која се случува веќе децении наназад, а особен замав зазема во последниве години?


Веројатно наједноставниот и најпрактичен начин на кој може да ѝ се пристапи на оваа проблематика е преку филмската индустрија. Холивуд, Нетфликс, Оскари, сите важни поими за (популарниот) филмски свет се, многу нормално, со американско потекло. Па еве, обидете се да се присетите кога последен пат сте биле во кино и сте гледале нешто што не е на англиски (зашто, доколку не од САД, тогаш сигурно доаѓа од Велика Британија или земја од англиско говорно подрачје). Освен ако не бевте на „Врба“ лани, шансите се дека не можете ни да се присетите.


Впрочем, со оглед на тоа што веќе ги спомнав Оскарите, ред да го спомнам и нивниот начин на работа. Минатата година беше од историско значење како за нас како земја, така и за нив како академија од две причини: првпат во 92 години документарен филм беше номиниран во две катефории, и тоа филм од неанглиско говорно подрачје (во превод, „Медена земја“ испиша историја), но она што беше многу поневообичаено и позначајно беше фактот дека конечно после речиси цел век, најдобар филм на годината освои странски филм – „Паразит“ (за кој веќе пишував). Во својот говор, режисерот Бонг Џун-Хо вели нешто што е можеби клучно за она кое сакам да го кажам:


“Once you overcome the one-inch tall barrier of subtitles, you will be introduced to so many more amazing films”.


Црпам и од моето лично искуство и го потврдувам истото. Себеси се нарекувам љубител на филм, но таа титула не можев да си ја дадам самата на себеси сѐ до пред две години кога конечно почнав да гледам филмови кои не се стриктно американски. Во тој момент, сфатив дека сум пропуштала цел еден свет на можности и убавини. Па така, дури тогаш се освестив дека всушност, сѐ што гледаме, слушаме и следиме е американска култура, уредно спакувана во форма на филм, телевизија или музика, подготвена за потрошувачка ширум целиот свет. Американизација не се постигнува само преку кока-кола (coca-colonization), туку и преку уметноста која е поставена пред нас на чинија, спремна за конзумирање.


И како и секогаш, капитализмот си го прави своето, па огромни компании и корпорации како Нетфликс или Амазон, кои се на врвот на нивната популарност во овој конкретен момент (особено ако ја земеме предвид и пандемијата и целосното затворање на голем број на кино сали) се единствени кои имаат одредена придобивка од овој тренд на американизација и во суштина, во најголем дел од случаите, на филмот и сериите гледаат како продукти за профит, а не уметнички дела, што за уметниците, но и за публиката е погубно.


Од друга страна, проблемот кој се јавува не е дека американизацијата влијае само на популарната култура, туку на културата воопшто. Ова во ниеден случај не значи дека американската уметност е еднолична и хомогена. Доколку слушам само американска музика не значи дека слушам само еден жанр; сепак, постои голема разлика од песна зад која стои цел тим и поддршка од сите индустриски гиганти и песна на некој инди бенд кој го слушаат само тројца. Меѓутоа, проблемот е во тоа што дури и алтернативната, андерграунд уметност за која постои одреден интерес е секогаш американска. А, доколку одиме уште подлабоко, во тој случај дури и кога станува збор за странска култура, тогаш тоа е секогаш европска, пред сѐ западна, а речиси никогаш источна, уште помалку јужна.


Меѓутоа, можеби најштетната нуспојава на секако пакосната американизација е негирање на вредноста на сѐ она кое потекнува од нашата близина. „А не, јас не слушам македонска музика. Пресељачка ми е“; „Не гледам македонски филмови, нема добри“. Можеби да не растев со Кочо Рацин, Мизар, Милчо Манчевски, Вања Лазарова и Петре М. Андреевски и јас ќе бев една од оние кои одбиваат да гледаат или слушаат, да уживаат во било што пред кое стои придавката македонски, но за среќа не сум. Нашето несвесно дозирање со единствено американски, но и генерално странски производи нѐ доведува до една крајно опасна ситуација каде што воопшто не постои никаква разработка, преработка, обработка на македонски дела, песни, филмови. Па дури и кога има, секогаш е за некој од гореспоменатите легенди или класици. Во состојба каде нашата уметност едвај се прима како таква, не ни останува голем простор за андерграунд.


Еве, да си одговорам сама себеси на прашањето: да, дојде време да се плашиме. Особено од причина што културно-уметничката сцена е најдобра слика за состојбата на светот. Јас почнав да се плашам во моменот кога сфатив дека будно и со страв следам политички избори секои четири години во странска земја зашто знам дека и мојата судбина зависи од тоа, а за вас не знам.

Comentários


bottom of page