• Ана Илиева

Ние сме деца на странство и разделба

Во годината кога јас и моето друштво почнавме најмногу да шетаме, да се пронаоѓаме себеси во културниот живот во градот, да запознаваме многу кул луѓенца и, со нова енергија, да им приоѓаме на возбудливите средношколски предизвици, ни се случија многу концерти кои во апсолутната смисла на зборот, ни го променија погледот кон животот.

Засекогаш запаметен ќе е тој пролетен и сончев период, во кој сè си имаше боја и значење (или барем нам така ни се чинеше) и секој ден беше нова шанса за живеење на еден безгрижен живот во кој новиот ден симболизираше нов предизвик, ново откритие и безброј (нови) фини и насмеани млади. Нешто што најмногу нè радуваше: концертите во МКЦ! А, во моето сеќавање секогаш ќе биде еден мартовски концерт на Фанк Шуи на кој, фатени за рака со другарките, ги пеевме стиховите:


„Ниеее сме деца

на странство и разделба

од тука до среќата...“


Не би сакала (и можеби немам никакво право) да ги толкувам стиховите, но моето мислење е дека токму тие се некое „златно правило“ за скоро сите амбициозни млади луѓе кои се свесни за својот потенцијал и сакаат да го искористат во целост. Многу деца, со кои имам разговарано, барем еднаш во животот помислиле на странство, на отселување, заминување...

И многу од оние што посакале, навистина заминале! Еден добар ученик на мајка ми, студира во Русија. На свои 20 години, има објавено најмалку 6 научни труда, од кои два се внесени во програми за обучување на студенти на факултетите за технички науки во Беркли и во Париз (барем, така вели во интервју за Факултети.мк). Мојот пријател, воедно и првенец на својата генерација и ученик со безброј успеси зад себе, на факултет во Абу Даби. Најдобрата ми другарка - во странство...и уште голем број примери за успешни деца кои заминуваат или планираат да заминат од тука. Веќе е нормализиран тој факт и звучи сосема природно. А зошто сме ние деца на странство и разделба?!


Од многуте причини кои ми доаѓаат на ум при првата помисла, би го издвоила лошиот начин на живот како прва и основна. Можеби и парите нема да имаат толку големо значење, доколку во земјата каде што живеат и растат младите, чувствуваат задоволство. Задоволство од целосното исполнување на потенцијалот, од реформите во државата, од активното вклучување на младите во креирањето на политики за млади, од заедницата, почитта, образованието. Па, нормално, секој млад човек посакува да биде исполнет и да го љуби животот. Но, не! Не можеш да го љубиш животот и да уживаш во него, ако од мала возраст те измачуваат сериозни прашања за животот и за иднината со кои ниту едно дете не заслужува да се соочи. Оние што се соочиле, веќе знаат дека некаде далеку од тука, имаат многу поголема шанса да го пронајдат своето место под сонцето, каде ќе се исполнат целосно себеси, своите интереси, знаење, квалитети и способности. Не е лесно, свесни се за тоа, но знаат дека во иднина навистина ќе вреди.


Од недоволно доброто образование, можеби и потекнува сè. Тоа не само што не знае да го препознае талентот на децата, туку и не знае што да прави со него. Возрасните често знаат да речат дека во денешно време, „учениците се само во борба за петки“, но не – голем број ученици се само во потрага по себеси и во борба да ги зачуваат своите интереси и страст за знаење, и покрај училиштниот притисок (кој, во најголем дел од времето, е небитен). Оценките, во случајов, се битни само за да ни направат пат кој ќе нè однесе до заслужената почит и вреднување на нас, како посебни индивидуи. Ви го кажувам од прва рака и навистина ми е жал што е така, но исто така ми е и жал што во целиот тој процес, заборавивме да уживаме во љубовта кон мудроста и учењето.


Исто така, голем број млади сакаат да заминат со цел да се ослободат. Не можеш да живееш слободно ако околу тебе постојано се соочуваш со направда. Никаде не е сјајно, но дефинитивно има места во светот каде ќе се чувствуваш многу поприфатен отколку тука. Културата во нашата земја е сведена на минимум и за жал, продолжува да опаѓа. Кога велам „култура“, мислам и на меѓусебна почит, љубов, разбирање – нешто што, кај нас, сè почесто е заменето со говор на омраза, нетрпеливост, заостаност и неверба и дефинитивно нешто кое младите најмалку го посакуваат!


Со сигурност можам да кажам дека секој млад човек има идеја и визија за себе. Жално е за Македонија што не знае да им овозможи на младите да ја остварат таа идеја или и да ја остварат, нема моќ да им помогне во нејзиното развивање и напредок. А, светот е голем и секој што навистина сака ќе најде начин да замине онаму каде што идејата ќе е целосно прифатена и почитувана, онаму каде што трудот навистина вреди и онаму каде што луѓето се сè уште луѓе, не робови или роботи на неспособноста на државата. На прв поглед, тука е убаво, но има многу проблеми кои младите не се должи да ги трпат, ниту да ги решаваат. Затоа сме и (идни) деца на странство, колку и да е болна разделбата од родителите, и роднините, пријателите и саканите, домот и татковината.


На крајот од денот, се надевам дека еден ден ќе бидам сведок на денови во кои амбициозните млади луѓе работат напорно за да си се остварат себеси во својот дом. А до тогаш, на државата ѝ посакувам да најде начин да ги примами и задржи или со други зборови, да ја засака својата единствена иднина. Почнав, па и ќе завршам со стихови. Што би рекол ЛД Пистолеро, во својата песна „Еден ден“:

„Душава полна е, велат, но зошто сите се селат? Еден ден се надевам ќе сопре сето тоа што нè тера да си одиме сите (од родно Скопје)... “

586 views

Recent Posts

See All