Ќе излажам ако речам дека никогаш не сум се обидела да се утешам себеси, кажувајќи си „Тоа е, живот“ или „Тоа е, нема сега што да направам освен да се помирам со ситуацијата“. Исто така ќе излажам и ако речам дека тоа помирување ми е лесно или едноставно. Одредени луѓе ме знаат како тивка и повлечена личност, други пак ја имаат видено и мојата бунтовна страна, но во суштина сум човек кој не сака да премолчува. Кога критички би се погледнала себеси, иако сум човек кој не сака да премолчува вистини, невистини или некакви проблеми, морам да признаам дека кога станува збор за битни теми и одлуки во општеството, понекогаш знам и да си речам „Тоа не е моја работа“. Од тука произлегува целиот проблем и така започнува еден процес, кој во самиот наслов го нареков „Големиот молк пред неправдите“.
Верувам дека не сум единствена, па затоа да се присетиме на последните случувања во Македонија и да се преброиме: колку од нас (не)свесно премолчуваат, колку од нас свесно се бунтуваат против неправдите?
Болни луѓе горат во модуларна болница? Молк. Училиштата се отвораат додека бројките на заразени повторно се зголемуваат, професорите и наставниците немаат право на избор дали ќе предаваат онлајн или во живо, сретнувајќи се со стотици ученици во текот на денот? Молк. Место во болниците нема, па ако немаш пари да си платиш во приватна болница – помири си се со судбината. И повторно молк. Се сечат дрвја, се градат безброј згради и објекти, секојдневно се загадува и уништува природата? Молк. Образованието ни се распаѓа, младите сè повеќе се отселуваат од земјава, се сечат глави на споменици, се злоупотребуваат лични податоци, се вознемируваат млади девојчиња и момчиња во образовни институции? Постојано се молчи.
Народот спие. И кога е буден, народот молчи, се помирува, се откажува, ја наведнува главата надолу и секојдневно се обидува да преживее уште еден нов ден. Прашањето е: до кога вака ќе се живее?! До кога ќе премолчуваме неправедни, нелогични и непромислени одлуки? До кога ќе им се потчинуваме на постарите, повозрасните, поавторитетните? До кога ќе чекориме со наведната глава и постојано ќе жалиме по секоја неправда што ѝ се случува на земјава? До кога младите ќе бидат незрели и неискусни глави и до кога единствено постарите ќе го имаат последниот и највлијателен збор? До кога луѓето кои се обидуваат да направат промена во општеството ќе бидат етикетирани како обични претплатници на власта? До кога ќе се молчи?
Во моите колумни, никогаш не ги заборавам и исклучоците. Во случајов, тие се гласните луѓе кои не сакаат да се помират со секојдневните проблеми и се обидуваат да ја поткренат свеста во општеството дека на неправдата треба да ѝ се погледне в очи за таа да може да биде разрешена. Само гласно зборувајќи и најбитно од сè, дејствувајќи, може да се стигне до правдата. Но, кога ли ќе се чуе гласот на граѓаните кои не молчат? Ќе ги слушне и разбере ли некој конечно?Или...уште некој ќе ги допре по рамо, кажувајќи им ја проклетата „Тоа е, живот!“ фраза, наведнувајќи ја, повторно, својата глава... Ве молам, да не ги наведнуваме главите! Да зборуваме и дебатираме, да се сослушуваме и поддржуваме и никогаш повеќе да не се стишуваме.
Comments