top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Цинизмот е мртов!

Си се цитирам самата себеси од стара колумна и така ја почнувам новава: „Доволно сме големи за да сфатиме дека веќе не е фраерски да бидеме цинични“.


Ако прашате било кого од оние кои ме знаат во живо што ми е главна карактеристика, ќе добиете еден од следниве одговори: енергична, ентузијастична, оптимист. И ако навистина ова се одговорите, тогаш луѓето добро ме познаваат. Заради овие карактеристики, убаво си поминувам во животот. Сѐ ми е возбудливо и сѐ ми е важно и сѐ ми е интересно и сѐ ми е убаво и за сѐ имам искрена пасија. Топ, браво за мене што сум толку весела и што ми е толку супер. Таков став сум одлучила да имам. Некој друг одлучил да биде поинаков, посмирен и сталожен, поприземен. Браво и за нив. Ама за оние кои наоѓаат маана во сѐ што постои, оние кои не веруваат во ништо и никој, оние кои се премногу кул за имање страсти и надежи, за нив немам да кажам браво. Не зашто живеат тажни животи, ниту затоа што мене ми го уништуваат расположението, туку затоа што нивниот потсмев и ладнокрвност го убиваат поривот за акција и промена. Во доба како оваа, немаме време за тоа.


Ќе излажам ако кажам дека не го разбирам цинизмот како природна рекација на моменталната светска и домашна ситуација, природна реакција на константно добивање на лоши вести, природна реакција на постојано разочарување. Можеби доколку некој ме знае само од моите колумни и она што го пишувам, добива таква слика и за мене. Затоа што како да ја гледам неправдата во очи, како да го гледам пропаѓњето на светот и рамнодушноста на оние со моќ и јас самата да не изгубам надеж во доброто? Како да не бидам цинична, песимистична, саркастична, како да не се судрам со мизантропија? Па потсмевот е одбранбен механизам, глумење дека она страшното што се случува е да, страшно, ама јас сум јака и мене не ме допира! Цинизмот значи откажување од борбата и прифаќање на злото како посилно од доброто. Полека малку, не, фала!


Се навраќам на почетниот цитат и се фокусирам на тоа дека „доволно сме големи“. Во принцип, цинизам е детска работа. Тинејџерска, емо од 2008 и Tumblr од 2014. Црно-бели слики, фишнетс, Arctic Monkeys и секако, длабока разочараност од злобното општество! И јас сум прошла низ таа фаза кога сум го мразела светот, само зашто тоа ми излгедало како бунтовност (кој вели дека не прошол, лаже!). Ако, не е страшно, напротив, но причината поради која не е страшно е тоа дека сум била дете. Не сум разбирала, ниту пак сум имала животно искуство за да разбирам. Сега не можам да се вадам на тоа.


Лесно е да бидеш циничен. Лесно е да немаш надеж. Лесно е да мислиш дека светот ќе го снема и дека тоа е тоа. Лесно е да не веруваш во тоа дека никој не може да биде подобар од претходникот. Лесно е да не веруваш дека некој прави нешто од љубов, од искрена верба во каузата. Лесно е да не веруваш дека нешто може да се смени. Лесно е, но и мрзеливо. Таа мрза потоа носи до себичност, а себичноста е причината поради која светот кој е толку зол е таков каков што е. Но, и на тоа се гледа крајот.


После глобална пандемија, кој сака да биде индиферентен, ироничен, кој сака да седи мирен, кој сака да си ја прифати судбината и да не мрда со прст? Никој! Сега сакаме луѓе, сакаме да сакаме, сакаме да сме ентузијастични и сакаме да ни e забавно. Сакаме да веруваме дека доброто постои и е силно. Е, затоа цинизмот е мртов! Зашто пораснавме.


За цинизмот да остане мртов, а доброто да продолжи да живее, завршувам со цитат од Simone Weil:


Imaginary evil is romantic and varied; real evil is gloomy, monotonous, barren, boring. Imaginary good is boring; real good is always new, marvelous, intoxicating.



Commenti


bottom of page