top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

1, 2, 3 муабети за Скопски поетски фестивал: Ѓоко Здравески, еден од основачите на СПФ

Во 1, 2, 3 муабети наменети за Скопскиот поетски фестивал, а направени во аудио формат на првата фестивалска ноќ, по настанот „Отскочна даска“, прв ни гостува Ѓоко Здравески кој е еден од основачите на Скопскиот поетски фестивал.


Андреј: Сакам да те прашам зошто е значајно Скопје да има поетски фестивал, иако многу пати сме го зборувале и си го коментирал ова, сепак уште еднаш – зошто е важно?


Ѓоко: Основно, главен град, сметаме дека треба да има фестивал. Имало некакви обиди во минатото, меѓутоа немало фестивал што пораснал во вистински фестивал, обично останувале само на еден ден, на некаков настан. Имаме Струшки вечери на поезијата, меѓутоа Скопје, како главен град, нема и сметаме дека едноставно центарот на една земја треба да има поетски фестивал што ќе биде репрезентативен. Со овој фестивал сакавме да ја извадиме поезијата од некои затворени кругови. Знаеш ние кога бевме млади како вас читавме поезија во некои стерилни простори, вие за разлика од нас сте многу покул, вие читате во некои места кои во наше време беа чудни.


Андреј: Бидејќи „Отскочна дакса“ беше настан наменет за млади и за младинска поезија, според тебе каква е моменталната состојба со поезијата меѓу младите?


Ѓоко: Мене ова ми е сосема ново! Откако престанавме да правиме „Астални проекции“ веќе изгубив контакт со тоа, иако преку „Рукописи“ добивам некакви текстови од автори до приближно 30 години, меѓутоа ми е многу ново. Гледам сосема некаква нова поетика, ве интересираат поинакви работи или ве интересираат истите работи, но наоѓате поинаква форма да ги кажете. Знаеш мојата генерација бегаше од оној стандарден јазик, од некаква официјалност, повеќе одевме со некаков сленг, гледавме да бидеш кул, да бидеш Марко Петрушевски, да зборуваш за „градското во ова, градското во тоа“, а кај вас тркалото се врти и доаѓате, пак, до тоа што било пред нас. И се враќате во некои мистични теми, си играте со форма, звук, ритам, рима ви е важно, што и навистина е важно во поезија. И тоа е она што можам да го издвојам како квалитет, а секако дека има и поквалитетни и помалку квалитетни, поталентирани и помалку талентирани, но ова се одликите што мене ми се специфични за вашата генерација.


Андреј: Колку е важно да се чита покрај пишувањето?


Ѓоко: Многу важно! Преважно бидејќи не сме сите Рембо па на 17 години да завршиме работа, едноставно, барем кај мене е така, преку читањето дознаваш нови светови што постојат во тебе само ги активираш на начин на кој не знаеш дека биле во тебе. И многу е важно да се чита квалитетна литература, а не што годе и горе-долу се знае што е квалитетна литература, се чувствува тоа ако имате барем малку познавање што е квалитетно во книжевноста.


Андреј: Колку му фали институционална поддршка на Скопскиот поетски фестивал и дали воопшто му е потребна таква поддршка?


Ѓоко: Вака како што почнуваме бараме институционална поддршка бидејќи немаме ни денар, сепак почнуваме од нула. Секако потребна е, меѓутоа секако остануваш независен бидејќи таа институционална поддршка треба да значи слобода односно државата е мецена која им дава поддршка на ваквите настани бидејќи сите ние, и вие, и публиката која доаѓа на настани се дел од тие институции кои треба да даваат поддршка. И да, добредојдена е, сакаме поддршка и од Град Скопје и од Република Македонија и ќе си бараме и други фондови, има и спонзорства.


Андреј: Многу луѓе истакнуваат дека на Скопје му фалат „Астални проекции“, па му фалат ли на Скопје „Астални“?


Ѓоко: На Скопје му фали ова што вие сега ќе го правите. Му фалат луѓе што ќе соберат други луѓе и што знаат да одберат квалитетен материјал и тоа ќе го менаџираат на најминималистички можен начин. Јас кога влегував како домаќин на „Астални“ сметав дека мене најмалку треба да ме има, туку дека другите се тука поважни, а јас сум тука да ги најавам и тоа е сè. И многу е едноставно во суштина, треба само да го правите. И ова со „Култура Бета“ што го правите – прекрасно, педантни објави, во постојан ритам со случувањата.

Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page