„Камелеонот во мене мечтае“ од Борис Симоновски
- Култура β

- Jul 16
- 1 min read
КАМЕЛЕОНОТ ВО МЕНЕ МЕЧТАЕ
Да можам да се сторам дожд
и со своите тегобни солзи и пот
да ја исчистам земјата
од сите нејзини гревови,
за да си потонат во вечното
синило на мојот неспокој.
Да можам да се сторам сонце,
за да им ги згреам душите
на оние чии мисли се оцрнети
и да ги стоплам со далечна прегратка
што ќе озари сјајни насмевки
на нивните ведри лица.
Да можам да се сторам ветер
и да ме водат низ сите тесни улици,
овие страшни зимски виулици,
да поминувам со моите сенишни прсти
низ косите на загубените души,
небаре се мои изгубени
синови и ќерки, чии тела
лежат во грч стутулени
споделуваат тајна-две со небото
вечно сивило пространо ќебе.
Да бидам нем сведок на тајните нивни
неискажани - и солзите неисплачени.
За жал, не можам да го спуштам сонцето
за да ги грее подеднакво сите…
Не можам да ја прочистам целата земја
од сите подли гревови...
Не можам да бидам татко или брат
на сите без дом... но умеам една работа
Со зборовите и мисли свои ќе
изнедрам подбро утре:
Како реките, мислите ќе ми
кривулат во коритото,
храбрејќи се по секоја утока.
А зборовите од воздух нека ги створам,
златни зори нека им разбудат,
Железните порти нека ги отворат
Каде дури и ангелите ќе склопат очи
и ќе се збогуваат со светот на смртниците,
во вечна дремка.




Comments