top of page

Месец на романска квир поезија: „Прашина“ од Денис Продеа

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 7 hours ago
  • 2 min read

Овој Месец на гордоста, нашата поетска рубрика ја посветуваме на младата романска квир поезија. Во текот на целиот месец објавуваме повеќе автор(к)и кои пишуваат квир поезија на романски јазик. Изборот и препевот на песните го направи поетесата и преведувачка Анисија Ангел од Романија која го изучува и работи со македонскиот јазик, преводи и препеви на македонската книжевност, а од неодамна заедно со Елена Ѓорѓиоска ја приредија антологијата на млада македонска поезија на романски јазик која ја објави Лекторатот по македонски јазик во Букурешт.



прашина


прашината расфрлена низ воздух од колите што поминуваат брзо крај мене

кога ја поминувам улицата од суви лисја покриена

прашината наталожена на лисјата и чадот од колите

на моето тело и во косата

си ја мијам косата од седефот што останува во лимби и на неговото тело

водата што ми ги омекнува кутикулите ја носи историјата на капењето

на рацете потопени за да си ја распрснеш рефлексијата

Астрида Нејманис кажува What would understanding ourselves as bodies of

water change about how we care for other bodies, and other waters?

flushable тоалетната хартија

моите солзи се flushable ако ги избришам со тоалетна хартија

if we are all bodies of water, perhaps we have all, always, in some way, been potentially at sea

ако моето име на турски значи море

до мене можеби ти секогаш беше поблиску до морето

не ги облеков истутканите ленени кошули што ти секогаш ги носеше

бидејќи в лето сум најтажен 

бидејќи в лето ги бакнувам рамениците на оној што заминува на друго море

и се поткревам на прсти за да му ги дофатам очилата за сонце поставени на челото

а тој се поткрева на прсти за да не можам никогаш да ги дофатам

ако моето име значи море

на тој начин ги објаснувам моите константни чувства на гадење

како моето тело да е карпа што потонува под огромен бран

покривката од прашина на предметите кои ги собирам и со кои се приврзувам малку пресилно

жал ми е да ги исфрлам

собирам лепенки билети за воз фестивалски белегзии парчиња хартија оставени од моите колеги

на кои пишува we love you denis

собирам парчиња материјал салфетки на кои ти напиша со пенкало

работи допрени од тебе и никогаш не заборавам од каде ги зедов

страв ми е да ти го видам името на камиони

во графитите низ град

кога бев мал пишував испери ме на прашинливата кола на комшиите

ако некој го направеше истото и го напишеше твоето име на задното стакло на една кола

омекнатите кутикули собраните влакна на дното на лавабото

ти ќе ми нацрташ срце од пот на мојот бут.


Денис Продеа (2001, Сибињ) има магистрирано на мастер студиите на Center of Excellence in Image Studies. Има учествувано на 10-то издание на фестивалот „Z9“ (2024), на поетските работилници на Квир филмскиот фестивал „Art200“, како и на „Poetic Hub #6“. Свои текстови има објавено во антологиите „Z9Magazine 2“ (2022), „Z9Poets“, како и на интернет-платформите „Gura Mare“, „Echinox“, „Draft Journal“ и други.

Comments


bottom of page