Стихот на Архангел „години на љубов ил’ смрт“ совршено го наоѓа сопственото отелотворување во збирката раскази „88“ на српската писателка, поетеса и професорка Надија Реброња. Иако во книгата не се работи за години, туку за многу пократок временски период – за едно поминување на раката по 88-те клавиши на едно пијано, сепак, авторката како да нѐ шета низ едно лично, а истовремено и општо и севременско потсетување на дихотомијата љубов – смрт.
Ваквата дихотомичност е поставена уште во првиот расказ, кој сам по себе е очудување, па со игривна љубовност вметната во поттекстот на првиот расказ-клавиш и нишка на суптилна еротичност искажана во реченицата „таа ноќ мојот шешир преноќи врз неговото пијано“ како читатели сме поставени во замка дека цела книга ќе биде љубовно патување, но сепак, уште во следните неколку раскази Реброња нѐ втурнува во една провалија што се наоѓа меѓу љубовта од една и смртта од друга страна. На дното од провалијата се наоѓаат сите светски познати трауми почнувајќи од сите сопки што книжевноста како таква ги поминала, од палење книги и опожарување библиотеки, преку односот на поетите кон љубовите и љубовниците, нивниот блуд, разврат, посветеност и однос кон читателот, па сѐ до вештерските теми, теми за женственоста, за нежноста и за моќта на музиката и постојаното потсетување дека на другата страна од љубовта се наоѓа смртта.
Ваквата дихотомичност најдобро е прикажана преку еден кус, но исклучително моќен расказ-клавиш, што вели:
63.
бел клавиш
– девојчето секое утро си играше со топката што ја фрлаше кон големиот ѕид. топката се одбиваше од ѕидот и се враќаше во рацете на девојчето. топката ѝ ја подари татко ѝ откако ја погали по косата.
– тоа беше ѕид од големиот логор во кој татко ѝ спали илјадници девојчиња.
Оваа острина во раскажувањето, постојано присутната шокантност, како и брзите пресврти од првиот до вториот дел во расказот, се карактеристични речиси за целата збирка. Покрај ова, карактеристично е и кажувањето на многу работи со малку зборови, па може да се каже дека на оваа збирка може да се гледа и како на поезија во проза, но поради конзистентноста на приказната, структурираноста на книгата и следот на настаните оваа книга слободно може да се определи и како роман.
Но без разлика на форматот и без разлика на жанрот, оваа збирка составена од само 88 кратки раскази подеднакво нѐ потсетува на југословенските војни (особено во 11. расказ), на односот на општеството кон книжевноста, на односот на општеството кон жените и особено кон жените што се занимаваат со книжевност, како и на некои интимни односи, пораки и приватност, што се резултат на книжевна размена на идеи, писма и романи. Читајќи го романот сме и во постојана потрага по главниот лик што авторката совршено го има поставено во самиот читател. Па додека се чита, без сомнение, приказните ве земаат под свое и ве пуштаат да трчате по 88-те клавиши, но сепак, суптилно убивајќи го ликот во неколку наврати (во 52. расказ) и уште посуптилно насочувајќи нѐ: „на крајот од книгата има една адреса на која ликот од книгата секако ќе се појави ако некој читател се сети да го побара таму“.
А на крајот „постои езеро по кое плови стебло од костен и една по малку исчукана хармоника“. Ваквиот костен што му прави сенка на ликот и му дава можност за мирна смрт, и тоа целосно минимизарајќи го и префрлајќи го од пијано на хармоника, му дава можност и за прашање за сопствената смрт ил‘ љубов. Љубов кон другиот. И кон книжевноста. Бидејќи ова е книга пред сѐ за односот меѓу музиката и книжевноста, само што тоа не е дадено на хоризонтот на самото дело, туку е таму некаде далеку кај стеблото костен што самува и што допушта, преку музика, главно онаа на Бах, да се возљуби книжевноста, книжевноста во целост!
Па, ако годините на љубов ил’ смрт кај Архангел во “Heart Core” извикуваат „јас немам ништо повеќе од себеси / само срце кое чука вистински / сосем доволно да те вознемири и уплаши“, во „88“ на Реброња говорат, музицираат, раскажуваат и пеат: „– тоа што сме ние, веќе се случи / – и не умира, не“ бидејќи, како што не може белиот клавиш без црниот, поетот без љубов(ниците), така и самата љубов не би постоела ако не ѝ контрира, не ја предизвикува и не ја подбуцнува неизбежната смрт.
Comments