Летово, а богами и есенва, се исполнети со куп културни, книжевни, филмски, музички, мултимедијални настани. Дел од таа културна мапа, во центарот на Скопје, веќе познатата кафе-книжарница „Буква“ се одржа шестото издание на фестивалот „АртАреа“!
Уште самата игратија во името на фестивалот арт-ареа или артерија најавува разиграна, флуидна, шарена и разновидна програма, а тоа и се потврди во трите фестивалски денови. Книжевни промоции, панел-дискусии, диџеј сет, свирка, претстава, а од сето ова ќе се осврнам на три сегменти од фестивалот и тоа: Промоцијата на „Скопски улици“, промоцијата на „Век со Конески, мигови со Блаже“ и моно-драмата „Срам“.
1. „Скопски улици“ - интимно мапирање на скопскиот живот
„Скопски улици“ е новата стихозбирка на Васко Марковски во издание на „Бегемот“, поет, патеписец, преведувач, музичар и туристички водич кој во новото разиграно книжуле совршено ги дофатил и најитимните, но и најпроблематилните моменти во Скопје, посветил куп песни на значајни скопски локации и ситуации, на скопјани, на себе.
Кога ќе го запознаете Васко Марковски добивате впечаток за ведар, весел, пријатен, прониклив човек, а таква е и оваа стихозбирка. Тој дефинитивно не е еден од авторите кој нема да сакате да го запознаете по читањето на негова книга, туку напротив ако барем малку помуабетите со него — искуството од збирката ви се зголемува за трипати.
На „АртАреа“ збирката ја доживеа и својата промоција. Промотор беше Ѓоко Здравески, а со своја рецензија се произнесе и Николина Андова Шопова. Искуството — прекрасно! Збирката само треба да се прочита, та ќе се запознаете со поетиката на Марковски која е магична.
Семафор
Го попушташ радиото
зашто дизелот во соседната лента
станува погласен.
Понекогаш дизел-моторите
се славејчиња на општеството.
2. Овековечување на делото на Конески: „Век со Конески, мигови со Блаже“
Еден од најзначајните настани на „АртАреа“, ако не и најзначаен е новата на книга на професорот Владимир Мартиновски која е збирка од есеи со компаративни читања на поезијата на Конески. Книгата е уживање во неколку наврати.
Најпрво визуелното решение на Наталија Лукомска ќе ве привлече веднаш да ја земете книгата, второ промоцијата, иако на неколку наврати сопрена од дождот, сепак инспиративна и опсежна и трето самата содржина и сѐ што Мартиновски има во неа опфатено.
За митските топоси, библиските огласи, ренесансните реминисценции во поезијата на Конески. За творечките совпаѓања на поезијата на Конески со творештвото на Његош, Андриќ, Скалец, Шопов, Шекспир, Петрарка, Георгиевски. За поврзувањето на творештвото на Конески со карикатурата на Бодлер, за музиката во лириката на Сенгор и Конески и сликарството на Пикасо, Моне и Мартиновски. Сето ова на крај зачинето со куси раскази, анегдоти, толкувања и поимања за многу Блажеви инспирации, топоними, мигови...
И како што ќе истакне Владимир Мартиновски и на промоцијата и во прологот на книгата, ова дело останува отворено, и за нови дополнувања и за нови навраќања...
Љубов и смрт
Неретко се вели дека целата книжевност (а и целата уметност), врти-сучи, се врти околу две носечки теми: љубовта и смртта. Ерос и Танатос. Дали поезијата на Блаже Конески е исклучок? Одговорот е секако во неговите песни. Можеби и во боите на двата конци во „Везилка“. Или во последните стихови од „Песје Брдце“ кога Марко Крале вели: „Само никој да не ја види мојата смрт / да бидам сам со неа / како со невеста / во ноќ на затруднување!“ Тешко е да се замислат стихови во кои смртта и љубовта се толку неразделно споени, небаре водат љубов.
3. За „Срам“ треба да се зборува постојано и во неколку наврати
Во еден друг мој текст посветен на „Д Фестивал“, веќе се осврнав на моно-драмата „Срам“ на Ангела Стојановска. Таму атмосферата беше бучна, раздвижена, беше ден, на „АртАреа“ моно-драмата „Срам“ можевме да ја видиме подиректно, во тивко, во ноќ, да се посветиме само на неа.
„Срам“ е претстава за срамот, за секаков срам, за личниот срам, за туѓиот срам, за срамот од сопственото тело од кој сѐ поаѓа и во кој сѐ завршува, за срамот од сексуалноста, од државата, од работата и од немањето работа, за срамот од храната, од потребата за храна, од готвењето, од луѓето, од себе и за тоа што треба и зошто не треба д се срамиме!
„Срам“ е моно-драма која поставува еден личен феномен на ниво на општествен проблем, те тера да се размислиш или барем да помислиш на тоа од што се срамиш, дали се срамиш и дали треба да се срамиш. Оваа моно-драма прави една општа анализа на срамот како феномен и можеби на крајот ќе те натера да отсрамиш.
„Срам“ е случување кое мора да се гледа.
На „АртАреа“ ѝ посакувам уште многу изданија и нека ја полни културната артерија на градот со културна крв!
Фотографиите се преземени од официјалниот ФБ профил на издавачката куќа „Бегемот“ // фото: Божин Трпевски.
Comments