каде тргнал мојот аз
низ поле да бере праз?
а во празот буква е закопана
млада, неизртена
надолу завртена
со задникот натртена
и аз буки веди
и јас буки ведам
и глас тука редам
и стас строен гледам
јас сукам, јас следам
глаголите ги трошам
за причина лоша
‒ за баница посна
на зајре не се штедам
Песната „аз буки веди“ е дел од втората стихозбирка „Омарнина што омалаксува“ на поетесата Марија Велинова која ќе биде промовирана во сабота (13.5.) во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20 часот.
Марија Велинова (2003, Штип) е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ (2021, Дата Песнопој) и „Омарнина што омалаксува“ (2023, ПНВ Публикации). Во 2022 година ја претставуваше Македонија на Интернационалната филозофска олимпијада во Лисабон. Нејзини есеи се објавени во списанието „Средношколски размислувања 4“, „Филозофска трибина“, како и на платформата „Култура Бета“. Учествувала на „Скопскиот поетски фестивал“, како и на повеќе поетски читања меѓу кои: „Отскочна даска“, „Поетска епизода“ и „Добри гости“. Нејзини песни се препеани на српски јазик.
Comments