top of page

Бета-муабет: „Буквално. Џез.“, Нов и инспиративен формат, од понеделник во „Буква“

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • May 18
  • 5 min read

Следната недела во кафе-книжарницата „Буква“ започнува нов џез фестивал во Скопје. Станува збор за нов и инспиративен формат што нема да го носи елитистичкиот печат, туку напротив ќе биде настан и за оние тврдокорни џезери, но и за оние кои допрва би го запознавале џезот како музика.


Програмата започнува утре (19.5.) од 17 часот со настанот „Џез: звук, слика, збор“ со Владимир Мартиновски, по што, во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Jazz“ на Диме Темков и Лучка Кошчак, а денот ќе заврши со џез концерт на Zulu 3.4 со почеток во 20:30.


Сите настани се случуваат во кафе-книжарницата „Буква“, организатори на фестивалот се Андреј Јованчевски, Александар Сандревски, како и Анастасија Овчаренко со која зборуваме за ова прво издание на „Буквално. Џез.“


Андреј Медиќ Лазаревски: Првото издание на „Буквално. Џез.“ ќе се случи во периодот од 19 до 25 мај во кафе-книжарницата „Буква“. Што може публиката да очекува од фестивалот?


Анастасија Овчаренко: Кога го замислувавме фестивалот, многу ни беше важно да му подариме на Скопје еден сосема нов и инспиративен формат. А тоа не беше лесно, бидејќи Скопје веќе има навистина многу одлични фестивали — само џез програми има повеќе од десет во годината. Сакавме да создадеме нешто што ќе биде разбирливо и за упатените, и за оние кои дури сега почнуваат да го откриваат џезот. Нешто што нема да го носи печатот на елитизмот, нешто што ќе личи на игра.


Така се роди идејата за седумдневен урбан пикник. Концептуално, фестивалот е еден вид коктел од јазиците на современата уметност, обединети преку духот на слободата и импровизацијата. Сакавме во реално време да ја истражиме природата на џезот како еден голем културен феномен кој ги буди и раздвижува креативните инстинкти кај човекот и им дава колективен карактер, без притоа да се изгуби индивидуалниот печат.


„Буквално. Џез.“ е отворен експеримент, а секој наш гостин е негов активен учесник. Секој ден од фестивалот ќе биде посветен на одредена тема: ќе го истражуваме влијанието на џезот врз литературата и анимацијата, ќе бараме заеднички точки помеѓу поетските и музичките ритми, ќе ја истражиме телесната природа на танцот преку џез-импровизација и многу повеќе.


Успеавме да собереме неверојатна заедница на луѓе опседнати со љубовта кон џезот — музичари, философи, уметници, писатели, историчари, филмаџии, кореографи... Искрено, понекогаш и самата не можам да поверувам што успеавме да подготвиме! Мислам дека навистина ќе биде нешто ново и многу освежително за градот. Стварно кул :)


А:Кои луѓе стоите зад „Буквално. Џез.“ и што за вас значи овој фестивал?


А.О.:„Буквално. Џез.“ се роди од една шолја кафе во мало кафуле во Карпош, во две светли глави – мојата и на Андреј (Јованчевски). Ги знаете оние пријателски размени кога фаќате заедничка вибрација и идеите се раѓаат со брзина на светлината? Е, токму тоа ни се случи. Иако, ако сме искрени, сè започна уште порано.


Мојот сопруг, познатиот македонски уметник Диме Темков, има неверојатна графичка серија инспирирана од фотографии на џез-музичари од почетокот на 20. век. Неговата колешка и пријателка од Словенија, скулпторката Лучка Кошчак, ја надополни оваа серија со скулптурни портрети и заедно создадоа изложба што имаше голем успех низ Европа. Сакав таа изложба да ја донесам и во родниот град на Диме – на едно посебно, магично место. Со таа идеја се обратив до Андреј, а понатаму... веќе знаете како продолжи приказната.


Анастасија Овчаренко / фото: Виталиј Жирјаков
Анастасија Овчаренко / фото: Виталиј Жирјаков

За мене, „Буквално. Џез.“ е во некоја смисла многу личен фестивал. Од друга страна, ова е првото големо културно случување во кое сум ко-авторка и ко-организаторка во Македонија, и навистина сум благодарна на Андреј и на „Буква“ што ми ја овозможија оваа среќна шанса. Во Русија, најголемиот дел од кариерата го поминав како продуцентка и сценаристка на телевизија, организирајќи настани и кампањи за фондации и проекти. Би било прекрасно моето искуство, енергија и инспирација да ги вложам во создавање квалитетни настани и овде, во Македонија. Затоа, „Буквално. Џез.“ за мене е како мое сакано дете!


А: Доаѓаш од Русија во Македонија, како ти се допаѓа Скопје и културната сцена тука? Како го доживуваш организирањето на овој фестивал, овде, во Скопје?


А.О.:Скопје ме инспирираше уште на прв поглед. Често слушам од локалците: „Скопје веќе не е тоа што беше, порано беше друго...“ Не знам како било претходно, но она што го гледам денес, барем во културна смисла, ми е неверојатно интересно!


Кога градот би бил музика, јас би рекла дека Скопје звучи како џез! Таа луда мултиетничка, архитектонска и културна еклектика не преминува во хаос, туку звучи како сложена џез-хармонија... Разбирате што сакам да кажам? Се чини дека во Скопје постојано се случува нешто културно – секојдневно се отвораат изложби, се одржуваат концерти, секој месец некоја нова театарска премиера... А уличната уметност е посебна приказна! Понекогаш шетам по одредени улици само за да ги разгледам графитите...


Да бидам дел од овој културен пулс е голема радост за мене. Дали беше лесно да се организира фестивалот? Не! Овде не функционираат северните правила и шаблони. Сè учам одново – но сум добра ученичка и имам одлични учители и пријатели :)

фото: Зденко Петковски
фото: Зденко Петковски

А: Џезот значи слобода, а слободата значи сѐ. Што за тебе значи џезот, а што слободата? Колку ни се потребни?


А.О.: Поимот слобода, кај човек израснат во руската култура, многу се разликува од неговото разбирање кај луѓето на Балканот или во Европа. Она што овде е можеби природно и вообичаено, за нас е дел од вечниот егзистенцијален трагачки процес. Надворешната слобода можеби е недостижен идеал во денешниот свет, но внатрешната слобода – тоа е вистинската вредност. А џезот, според мене, е најдобриот начин да се почувствуваш слободен одвнатре.


Слободата е единствениот начин вистински да се разбереш себеси, мислам. Но ова е навистина длабока тема за едно интервју... Како што велат Русите – „без сто грама, нема да разбереш.“


А: Верувам дека имаше доволно време да се запознаеш со „Буква“ и културната програма која таа ја нуди. Како ти се допаѓа „Буква“?


А.О.: Концептот на „Буква“ ми е многу близок на многу нивоа. Спојот на добри книги и интелигентен алкохолизам – тоа им е блиско на сите Руси :) Но она што е особено убаво и впечатливо кај „Буква“ е тоа што е приватна иницијатива, плод на лична страст и ентузијазам. Тука е нејзината вредност.


Кога зад културните простори стојат институции, секогаш некако „мириса“ на идеологија. Но кога културата ја создаваат обични луѓе, тоа зборува за слобода и независност.


Можеби грешам, но мислам дека не грешам. Во „Буква“ работат храбри и независни луѓе кои прават многу за македонската култура – поддржуваат мали издавачки куќи, промовираат домашни автори и локални музичари... Секако дека тој формат на работа има и некои деловни димензии, но главно место кај овие луѓе има културната одговорност. Им се восхитувам поради верноста кон избраниот пат и нивната верба дека сè е можно.


А: Зошто публиката треба да дојде на „Буквално. Џез.“?


А.О.: За да пробаат неколку „џезирани“ коктели, на пример :) За да учествуваат во исклучителните отворени дискусии со нашите говорници, за да слушаат извонредна локална џез музика и да се заразат со силни џез-вибрации... Ништо пресериозно – само уживајте во фестивалот кој го направивме од чиста љубов кон џезот.



„На овој линк е отворена можноста за поддршка на фестивалот. Поддршката значи придонес за развојот на квалитетната културна сцена во Скопје. Сите настани во рамките на фестивалската програма се ОТВОРЕНИ И БЕСПЛАТНИ ЗА СИТЕ. Набавката на симболичен „билет“ е всушност ДОНАЦИЈА со која, заедно со партнерите и пријателите на фестивалот, поддржувачите учествуваат во споделувањето на логистичкиот товар. Сите средства се целосно наменети за реализација на програмата.“ истакнуваат од „Буква“. Фестивалот е овозможен со поддршка на: Ford Trucks, Colenco, Ponir, Симпозион, MultiQi, Badel, Винарија Попов и V'K Craft Distillery.


Целата програма е достапна ТУКА!


*Интервјуто го преведе, од руски на македонски јазик, Андреј Јованчевски


Comentarios


bottom of page