top of page

Мај со Раде Биковски: Муабет

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • 11 minutes ago
  • 7 min read

Интервјуто го направија Марија Хана Трајкоска и Александра Арсовска


Ентузијастичен басист, звучен инженер, не (сѐ уште) успешен машиновозач и многу повеќе од тоа е Раде Биковски. Пред неколку месеца, јас и другарка ми Алекс, го седнавме Раде на жешкото столче и му поставивме 14 прашања во 90 секунди, кои во реалност се провлекоа низ неколку часовни муабети. Зборувавме за неговите почетоци со музиката, искуства на турнеја, предизвиците на независната сцена и неговата визија за иднината.  Дел од овој муабет наскоро ќе можете да го најдете и во списанието „Тригер“ на Култура Бета. Читајте докрај за едно слатко „easter egg“.


Алекс: Кој е заслужен за твојата љубов кон музиката?


Раде: Најголема заслуга имаат моите родители, тетка ми и дедо ми кои го засадија семето на мојата љубов кон музиката. Дедо ми како млад свирел гитара, која сѐ уште ја чуваме во Берово (не е во најдобра состојба), неколку мандолини, а кај други роднини имаше една хармоника. Моите родители еден период сакаа да ме запишат во „Enterprise” на часови по клавир, но секогаш им велев „ќе видам”. Но мојата пасија за музика сѐ уште не беше откриена, сѐ до мојата 9/10 годишна возраст, кога моите братучеди ми ја покажаа играта „Club Penguin” на која имаше настан поврзан со музика. Тоа беше катализаторот што повторно ми ја вроди љубовта кон музика. Непосредно по тоа јас им изразив огромна желба на моите родители да се запишам на часови по гитара, ама не бев спремен сѐ уште за гитара и почнав со часови по клавир во 2012 година.


Хана: Низ  твоите раце поминале бендови од најразличен жанр и со најразличен степен на искуство. Што е тоа што го забележуваш/предвидуваш од твојата перспектива за музиката што ние (обичните смртници) не го гледаме?


Раде: Во последниве неколку години се појави нов живот на сцената, со тоа што секоја година се појавуваат мнозинство млади бендови што творат и создаваат своја нова авторска музика во секој различен стил, дали е метал, сладџ, инди рок итн. Луѓе коишто дури сега почнуваат во средно или завршуваат, веќе си го пронаоѓаат местото во таа сцена. Многу сум возбуден што би донеле новите бендови, и други што во иднина би се појавиле. Чувствувам дека секој си има нешто да каже и да пренесе и ги бодрам луѓето да го искористат тоа за да творат и да создадат нешто ново.


Алекс: Ти си моментално на ФИНКИ и воедно си еден од најчесто споменуваните имиња на музичката младинска сцена, како стигна од едната во другата област?


Раде: Со музиката се занимавам уште пред да започнам со факултет, но отидов на ФИНКИ, бидејќи музичкото образование во нашата држава е на многу чудно место, со тоа што владее елитизам кон класичната музика на Факултетот за музички уметности, материјалот е застарен,  не е обновен и, едноставно, не се чувствувам како да припаѓам таму. Слично можам да кажам и за  приватниот факултет “Europa Prima” (поранешно ЕСРА) каде што има отсеци во коишто се вклучува и музичка продукција, но цената и квалитетот на студиите ми беа одбивни и се одлучив да се запишам на ФИНКИ, бидејќи ме интересираше информатика тоа време. Но со текот на студиите повеќе и повеќе осознавав што сакам да работам во животот и факултетот и материјалот ми станаа многу одбивни и, едноставно, повеќе го посветував времето на својата пасија.


Хана: Дали имаш поддршка и разбирање од твоите пријатели и семејство кои не се дел од светот на уметмоста и не секогаш се свесни за обемноста на твојата работа?


Раде: Често сум имал моменти каде што или моите родители или некои пријатели ми кажувале дека треба да посветам повеќе време на факултет и на програмирање, дека таму ќе имам успех и финансиска стабилност, но јас не се пронаоѓам таму. Едноставно, таа професија ми е многу одбивна, но не само тоа што е тоа, самиот пазар е презаситен со многу програмери коишто се искусни во својата работа, и не се чувствувам како да можам да придонесам нешто ново. Во спротива, секогаш си стојам на своето дека сакам да работам на музиката, да свирам и да соработувам со многу прекрасни музичари коишто ја сакаат музиката и сакаат да творат.


Алекс:  Што би работел да не беше твојата страст музиката?


Раде: Да не се занимавав со музика, јас би бил машиновозач во Македонски железници, затоа што уште од мал ме интересирале возови и таа пасија останала до ден-денес, хахаха.


Хана: Ти владееш и многу други инструменти, но си стриктно басист во многу бендови, зошто токму тој инструмент?


Раде: Басот отсекогаш ми бил еден од поомилените инструменти, но до пред 2018  не сум имал можност да свирам бас. Имав дома гитари, мандолини, детски сајзери (додека татко ми и дедо ми не ми го купија моето прво електрично пијано од Нико Ѓоргиевски во далечната 2012 година). Цело време додека сум учел клавир или гитара сум сакал да свирам бас. Така еднаш во 2014, првпат допрев бас и свирев на сцена на летнипот концерт на „Enterprise” во Летно Кастро и оттогаш наваму го засакав инструментот.


Хана: Што би си препорачал себеси во минатото?


Раде: Тоа што би го рекол себеси во минатото (но и како потсетник за себе сега, бидејќи сѐ уште работам на ова) е тоа да не се плашам да излегувам од својата комфортна зона во која било сфера од животот. Прогресот почнува тука, со тоа што се фрлаш самиот себе во оган и се трудиш да се справиш со одредена ситуација со која си немал искуство претходно и, единствено, така човекот може да научи повеќе за себе и своите способности, но и за другите луѓе.


Алекс: Колку кафиња ти требаат за постпродукција на еден албум? Kолку време работиш на снимање и постпродукција на еден албум?


Раде: Обично не пијам толку многу кафе, освен ако не сум излезен специфично на кафе или за време на теренска работа. Настрана од тоа, секој албум си е приказна сама по себе. Еден албум може одма да се заврши, друг за пола година, а трет за 2-3 години. Многу зависи од артистот/бендот како ќе се постави пред албумот, дали си имаат конкретна крајна цел и краен рок до кога треба да е готов албумот, или си даваат простор тие да размислат која е нивната визија, кој пристап е адекватен и кој звук го бараат. Тоа е убавината на уметноста, дека секој човек си има своја различна визија за работите, и некогаш твојата визија нема да се совпадне со визијата на другиот и мора да се  прават компромиси за на крајот на краиштата да се дојде до задоволителен производ кој ќе се пушти во јавноста за сите да го слушаат. Но ако станува збор за конкретно време колку би ми требало да завршам албум, не можам да дадам само еден одговор.


Хана:  Ти си бил на повеќе турнеи како басист на Луфтанза, што ќе им препорачаш за оние кои не знаат што да очекуваат од турнеја??


Раде: Очекувајте на крајот на краиштата прекрасно да си поминете, со тоа што најнормално ќе се случуваат многу незгодни ситуации, ќе се појават проблеми интерни кои ќе излезат на виделина, но тука си со твоите другари (и шоферот ако не ти е другар) и се спојувате додека сте на пат, се шетате на многу нови места (за жал ако не си испланирате навреме нема да имате време да ги прошетате истите). Се чувствував напнато пред да тргнеме на нашата последна турнеа со Луфтанза во април 2024 година, но откога тргнавме, толку прекрасно ми беше и си поминав фантастично.


Алекс: Колку степени беше надвор кога ти реши дека постпродукцијата е твојот интерес?


Раде: Не можам да кажам точно кој период од годината почнав да се занимавам со ова, но тоа беше постепен процес. Јас прво на мои 11-12 години почнав да рекреирам песни по слух со MIDI, се трудев најблиску да дојдам до тоа што била оригиналната песна, воедно вежбајќи си го слухот и мојот осет за музика, коешто ми помогна премногу понатаму во мојата кариера. После тоа почнав со создавање своја електронска музика на крајот на 2014 година со тоа што ми се допаднаа жанровите EDM Trap и Dubstep, па се трудев да создадам нешто во тие рамки. Но, како што создавав музика не можев да ја направам да звучи добро, и затоа постепено учев постпродукција (микс и мастер) заедно со продукција за да се потрудам да ги донесам песните до задоволително ниво. Тие песни никогаш не зазвучеа така како што би сакал, бидејќи сѐ уште немав доволно искуство. Но со оглед на тоа што посветив повеќе време на постпродукција ја изгубив жарта на правење своја, самостојна музика, и така околу 2019 година почнав да соработувам со другари како Мартин Џорлев на негова музика и се вроди нова љубов кон студиска работа. Снимањето знае да е многу терсене, но, на крајот на краиштата, ако звучи добро, тогаш е добро.Се надевам некој ден ќе се потрудам повторно да се вратам на творење своја музика.


Хана: Премногу работиш и скоро воопшто не одмораш, каде би отишол на одмор и како воопшто тој одмор би изгледал за тебе?


Раде: Немам размислувано на оваа тема, но би сакал да посетам држави како Холандија, Велика Британија, и да се шетам наоколу. Едноставно, никогаш досега не сум имал прилика, ни со моите родители, да отидеме на одмор на море во Грција или на други места, но би сакал да отидам и таму.


Алекс: Ситуација: влегуваш во соба и здогледуваш пијано, која песна би ја отсвирил прва?


Раде: Првата песна што би ја отсвирил е „Гносиене бр. 1” од Ерик Сатие, којашто ми е една од најомилените и релаксирачки композиции, а како втора песна би била “Wet Hands” од официјалната звучна трака на познатата игра, и воедно мојата најомилена, „Minecraft”.


Хана: Кој е најдобриот подарок што си го добил досега?


Раде: Најдобриот подарок што сум го добил е мојот бас. Тој бас оригинално го купи Мартин за себе после една велигденска џем-сесија што ја имавме со нашиот тогашен бенд Marv Elous. Јас со себе понесов 5 жичен бас којшто е на Емир Јашаров од KEM, којшто тогаш беше кај мене и на Мартин премногу му се допадна што пред следната проба појдовме до Мими Музика заедно со татко му да го купи басот. Одвреме-навреме знаев да го позајмам тој бас за да снимам со него, но за време на карантин тој се најде кај мене дома и за тоа време го започнавме бендот Луфтанза, во кој јас почнав бас да свирам, и после неколку години Мартин се одлучи да ми го подари басот и од тогаш сум му многу благодарен.



Хана: Во продолжение може да видите зошто на крај решивме ова интервју да биде во пишана форма.



Монтажа на видео: Леонид Георгиевски

Посебна благодарност до: Кристијан Костадиновски, Александар Несторовски и Александра Арсовска (Алекс)



Comentarios


bottom of page