Бета-муабет со Билјана Црвенковска за „Yes фестивал“
- Андреј Медиќ Лазаревски
- May 25
- 7 min read
Во периодот од 26 до 30 мај на повеќе локации низ Скопје ќе се случи ново издание на „Yes фестивал“ во чии рамки ќе се одржат промоции на книги за деца, креативни работилиници, како и OFF-програма која вклучува две книжевни промоции. По тој повод разговараме со организаторката на фестивалот Билјана Црвенковска која е и основачка и главна уредничка на издавачката куќа „Чудна шума“, а на годинешниот Саем на книга го доби и признанието за авторка на годината од Македонската асоцијација на издавачи. По повод новото, четврто, издание на „Yes фестивал“ зборуваме со неа во продолжение!

Андреј: Што е предвидено за ова издание, што нудите на публиката?
Билјана: Ова е четврто издание на фестивалот и традиционално секоја година имаме програма со која опфаќаме деца од различни возрасти. Еден дел од програмата секогаш се одвива во неколку објекти на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и таму одржуваме креативни работилници за деца од основни училишта или градинки. Овие посети се организирани и секогаш обработуваме некоја интересна книга, имаме интеракција со децата, па малку цртаме или пишуваме на одредена тема. Главниот дел од програмата кој традиционално се случува во МКЦ, содржи промоции на книги за деца и млади на неколку издавачки куќи (покрај „Чудна шума“, тука се и „Гаврош“, „Светулка“ и „Сказнувалка“), креативни работилници за деца од различни возрасти (од 4 па до 12) – и секоја од тие работилници е различна, на некои се црта, се пишува, се твори, некои се само интерактивни... има одлични работилници и секоја од нив е интересна и посебна на свој начин. Годинава имаме три промоции на книги – сликовницата „Шарен, бистар свет“ на Јелена Никодиноска Чаповска и Иванка НиБа (издание на „Чудна шума“), која е наменета за деца над 4 години; потоа мојот роман за деца над 8 години – „Приказни од Sунливото Море“, илустриран од Наталија Лукомска; и на крајот една музичко-концертна промоција на едно особено креативно издание на „Светулка“, „Хармоника Картоника“ на Неше Рамовиќ и Владимир Лукаш, која е наменета за сите возрасти и мислам дека ќе биде најинтересниот дел што ќе ја заокружи првата фестивалска вечер на 26 мај.

А: Зошто треба да се каже YES на добра книга?
Б: Хаха, ова е мотото на фестивалот и на нашиот проект „Млади европски приказни / Young European Stories“ (оттука и кратенката YES која има двојно значење). Во рамки на овој проект преведовме и преведуваме одлични книги за деца, но и за млади, имаме сликовници за 4 годишни деца но и книги за млади (или возрасни млади – young adults) до 19-20 годишна возраст. Особено некои од овие книги за млади се навистина исклучителни и се фокусираат на толку актуелни теми за младите, што сакавме да најдеме начин како да им го приближиме проектот. А со оглед на тоа дека и децата и младите користат доста жаргони и англиски зборови, решивме да си поиграме со мотото – „Кажи YES за добра книга“. Уште првата година делевме беџови со ова мото и сите сакаа да ги носат, и деца и млади и возрасни. Ќе мораме да направиме уште од нив, зашто сите веќе ги разделивме. Се надевам дека со промовирање на овие книги (кои сите до една се навистина добри, наградувани, актуелни, со феноменални илустрации) ќе ги привлечеме децата и младите да прочитаат книги на македонски (особено младите што сакаат да читаат само на англиски), бидејќи сите овие книги од проектот YES се преводи од помали јазици и речиси ниедна од нив не е преведена на англиски. Имаме шведски, норвешки, холандски, турски, словенечки, унгарски, романски автори. И ова е ретка можност да се прочитаат на македонски.
А: Колку е предизивик да се организира фестивал за книжевност за деца во Скопје, колкава е публиката и дали има заинтересираност за да се доаѓа на настани посветени на деца и литература за нив?
Б: За настаните за деца секогаш има заинтересираност, особено за креативните работилници, затоа што така децата се ангажираат да прават нешто корисно, креативно и едукативно, наместо да бидат пред екран. Публика има, и за настаните за деца, и за книгите за деца. За книгите за деца полека се менува перцепцијата и има сѐ повеќе родители што бараат квалитетни, посериозни книги за деца, книги што раскажуваат значајни и длабоки приказни и имаат вистински уметнички илустрации. Порано повеќе се бараа покомерцијални, забавни книги, или чисто едукативни изданија, но тоа низ годините се промени и сега имаме искусна читателска публика која знае точно што бара.
Но, сепак, организирањето настани за деца не е нешто што може да се прави без финансиска поддршка. Годинава за фестивалот немаме буквално никакви средства. За ништо, освен за гостинот од Холандија, писателот за деца и млади Едвард ван де Вендел, чие што гостување е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Холандската фондација за литература. Но, сѐ друго е резултат на ентузијазмот, безрезервната поддршка и неуморната волја на нашиот тим, на сите автори, илустратори, издавачи и соработници да бидат дел од овој фестивал. Се надевам дека ќе успееме да обезбедиме барем некаков минимален надомест за секој од нив – а секако ја имаат нашата огромна благодарност што се вклучија во сево ова знаејќи дека мораме да одржиме континуитет и не смееме да се откажеме од одржувањето на фестивалот. Кога еднаш ќе ја почнеш приказната, мораш да ја продолжиш.
А: Покрај работилниците и промоциите на книга за деца во рамки на главната програма на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“ планирана е и OFF-програма во кафе-книжарницата „Буква“. Што е планирано таму?
Б: Во рамки на OFF-програмата во „Буква“, планирани се два настани, две книжевни вечери, со почеток во 20 часот. Првиот настан е промоција на романот за млади (17+) „Денови на Блуграс-љубов“ на Едвард ван де Вендел, кој ќе биде присутен и на самиот настан и Ана Јовковска ќе има разговор со него, со преведувачката Ели Пујовска и потоа ќе биде отворен и за прашања од публиката. Се работи за роман кој се смета за класик на „young adult“ квир-литературата, преведен на повеќе од 25 светски јазици и оценет со одлични оценки и рецензии, од „Киркус ривју“ до „Паблишерс викли“. Овој роман (првпат издаден во 1999 година) сѐ уште се смета за револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега конечно е достапен и за младата македонска читателска публика.

Во поговорот кон македонското издание на „Денови на Блуграс-љубов“, Едвард ван де Вендел пишува: „Копнеев по книга која интимно ќе ја опише страсната љубов помеѓу две момчиња. Дотогаш – ако воопшто и можев да ги најдам – квир книгите што ги читав беа пред сѐ трагични: смртта и тагата никогаш не беа далеку од љубовта во нив. Па затоа имав желба да напишам книга која и самиот би сакал да сум можел да ја прочитам петнаесет години порано, книга факел, книга во која многу нешта би можеле да бидат доведени во прашање, но не и самата љубов. Не и страста.“
Вториот настан е на 30 мај и тоа е промоција на хаику поетската збирка „Шах-мат“ на Теа К. и Гето Руди, кога со две корици што се чита од две страни: едната со хаику на Теа К., а другата со хаику на Гето Руди. Ова е трета книга, трет дел од трилогијата хаику-поезија од овие автори (првата книга е „Партија шах“, издание на „Магор“, а втората е „Реми“, издание на „Арс Ламина“). Промоцијата ќе биде еден несекојдневен настан (модериран односно промовиран од Владимир Јанковски), на кој авторите ќе „заиграат“ хаику шах, односно секој од нив ќе има „потег“ во кој ќе прочита една песна.

Во секој случај интересни настани и сметам дека веќе следната година оваа OFF-програма ќе се дообликува и ќе стане редовен дел од нашиот фестивал.
А: Со години ја водиш издавачката куќа „Чудна шума“, организираш креативни работилници, а и самата си авторка на книги за деца и за млади – како уредничка и авторка, каква е состојбата на македонската книжевно-издавачка сцена, сега и тука?
Б: Интересно е дека развојот на книжевната сцена (проза, поезија, нови и наградувани автори, појавата на квалитетни автори и илустратори за деца и млади) рапидно се движи по една нагорна линија и доживува „БУМ“ последниве години, додека истовремено состојбата во издаваштвото (финансиската поддршка и самата продажба на книгите) оди по надолна линија – факт што се должи на намалените буџети, намалената куповна моќ, високите цени на другите производи (на сите освен на книгите), инфлацијата... Кога се крати од буџетот, без разлика дали е тој државен или семеен, секогаш прво се крати на култура. И тоа е поразително. Но, јас често велам дека исто како што има нови генерации на автори (поети и прозаисти, автори и илустратори за деца и млади) што ја менуваат нашата книжевна сцена, кои имаат своја верна публика и успеваат да излезат надвор од границите на Македонија, така има и „нови генерации“ издавачи што работат поинаку и сфаќаат дека секое посеано семе вродува со плод и дека – и покрај сите тешкотии и борби со ветерници – патот е тој, еден и нема откажување. Или ќе работиш како што треба, или откажи се. Новото време бара нови автори, нови издавачи, нови приказни. Не само млади, туку нови, свежи (без разлика дали имаат 20 или 50 години). Со свежи размислувања што во еден момент ќе мора да ги поместат работите. И верувам дека тоа ќе се случи.
А: Што ново подготвувате со „Чудна шума“ и дали ти можеби работиш на нешто ново?
Б: Во „Чудна шума“ постојано се крчка нешто ново, но сега малку ќе се смириме во текот на летните месеци, хахах. Полека подготвуваме некои нови книги, неколку феноменални сликовници за најмладите, неколку графички романи. Очекуваме до крајот на јуни да го имаме графичкиот роман „Вечната мува“ на Георги Господинов и Никола Тороманов, во превод на Душко Крстевски, едно феноменално, откачено дело – историјата на човештвото видена од една – мува. Тоа е ете една мала најава за она што ќе излезе од „Чудна шума“. А јас лично, како и секогаш, работам на повеќе работи паралелно, но конечно се надевам дека ќе го завршам мојот трет роман до крајот на летото.
А: Веројатно ќе се сложиш со мене, последниве неколку години книжевната, но и генерално културната, сцена одново се активираше и многу се раздвижи. Како ти гледаш на ова раздвижување и како гледаш на новата генерација на автори кои годинивe се појавија?
Б: Како што споменав претходно – да! Многу се раздвижи и тоа многу ме радува и верувам дека многу нешта ќе се променат следниве години. Она што ми дава надеж со појавувањето на младите автори е не само тоа што ги има сѐ повеќе и повеќе и што творат на македонски јазик (што е исклучително важно), и не само тоа што некои од нив веќе освојуваат награди и се преведуваат на други јазици, туку и тоа што размислуваат поинаку и што се свесни дека работите мора да се менуваат на книжевната и на културната сцена и дека е потребно многу повеќе од пофални зборови за нашата книжевност и култура да остави печат. На младите, на вас, останува да ја извојувате битката што ние не ја извојувавме кога бевме помлади. Верувам дека ќе успеете.
Comments